Достапни линкови

Спасиќ со „Осамениот запад“ на Мекдона премиерно во Кино Култура


Во рамките на проектот „Направете место за младите театарџии“ на Театарот на Навигаторот Цветко и Кино Култура, овој петок, на 2 ноември, премиерно ќе биде изведена „Осамениот запад“ од еден од најдобрите британски автори на современа драма Мартин Мекдона во режија на Јане Спасиќ.

По исклучително успешната „Експеримент“ во продукцијата на АРТОПИЈА и фестивалски наградуваната „Еднаш свет изградив“ во Театар за деца и младинци, режисерот Јане Спасиќ еве го со третиот проект во релативно кратко време. Тој во Театарот на Навигаторот Цветко и Кино Култура, во рамките на проектот „Направете место за младите театарџии“, како прв во низот од пет премиери, на сцена ќе ја исправи „Осамениот запад“, претставата работена по текст на еден од најдобрите британски автори на современа драма Мартин Мекдона. Станува збор за творец кој на пошироката јавност и е познат и по своите филмови “In Bruges”, “Seven Psychopaths” и “Three billboards outside Ebbing, Missouri“ за кој ја доби наградата за оригинално сценарио на Златен Глобус, а за истото беше номиниран за Оскар во 2018.

Мекдона кариерата ја започнал како драмски автор и направил вистински театарски пробив во Лондон со двете трилогии за земјата од која потекнува - Ирска. Четири негови драми меѓу кои и „Осамениот запад“ се номинирани за најпрестижната театарска награда „ТОНИ“. Тој е првиот драмски автор, по Шекспир, кому во британската метропола истовремено му се изведувале пет драмски дела.

„Осамениот запад“ е своевиден крај на неговата прва трилогија сместена во малото ирско гратче Линејн. Во неа преку црн ирски хумор авторот раскажува приказна за двајца браќа кои под влијание на околностите имаат особен начин на гледање на реалноста и специфичен взаемен однос. Линејн е мало место кое морално ги корумпира своите жители, па дури и Отецот/ Пасторот е немоќен да ги врати работите на „прав пат“.

Текстовите генерално или те бираат тебе или ти ги бираш нив, ама мора да има некоја поврзаност. Веројатно и некоја интуитивност и препознавање на неговиот јазик, иронија ...и можеби на ситуацијата во којашто се наоѓаат ликовите што е многу слично со ситуацијата во којашто се наоѓаме ние во ова наше Скопје. Тоа мало местенце Линејн има многу сличности со нашиов град и веројатно она низ коешто минуваат ликовите генерално во мене нешто препозна, односно се препознав јас во тие ликови коишто се зборуваат во драмата“, вели Спасиќ.

Јане Спасиќ на снимањето на филмот „Исцелител“ фото: Драгица Николовска​

Режисерот дополнува дека во текстот е дадена сторијата за двајца браќа кои се под огромно влијание на западната култура и целата таа брзина и коруптивност која таа ја носи кон некој „романтичарски дух или морал на кој што не учат“.

„Мислам дека токму таа локализација уште повеќе ја генерализира и ја прави приказната универзална, затоа што зборува за фамилијарна приказна и за судбини на ликови коишто се доста реални. Мартин Мекдона во своето пишување е многу податлив и многу е конкретен со ликовите, така да тие добиваат една универзалност токму поради нивната специфика“, појаснува Јане.

Во неговата поставка на „Осамениот запад“ играат Оливер Митковски, Ненад Митевски, Драган Довлев и Матеа Јанковска, актери со кои на еден или друг творечки начин тој и досега се среќавал. Сепак, Спасиќ истакнува дека нив не ги бирал затоа што ги знаел, туку затоа што во овој момент биле најсоодветни да одговорат на улогите во претставата. Згора на тоа режисерот не крие дека „ова е еден од неговите најдраги и најпријатни процеси на работа во којшто сите заедно многу искрено и отворено пристапиле и другарски ја истерале работата до самиот крај“.

Прашан, пак, дали очекува претставата со разбирање да биде прифатена од овдешната театарска публика Јане Спасиќ ќе рече дека се надева оти „Осамениот запад“ ќе има убав прием затоа што „тој братски однос и судбините на ликовите лесно ќе се препознаат во нашево моментално општество“.

„Тој судир на некои романтичарски морални погледи и реалноста којашто е малку посурова од тоа во нашево транзициско општество, општество во еден постојат судир и една динамика со која се соочува секој млад човек, нудат многу податлива и добра слика што несомнено ќе биде препознаена. Ете тоа е всушност и една од работите што ме привлече кон текстот. Веројатно така и го препознав“, смета режисерот.

Сценографијата во „Осамениот запад“ е на Енес Деари, за костимите се погрижи Бранкица Јордановска, преводот на текстот е на Горјан Милошевски и Спасиќ, а за дизајнот на плакат бил задолжен Немања Трајковиќ. Инаку, претставата е дел од проектот „Направете место за младите театарџии“ со кој Театарот на Навигатор Цветко и Кино Култура имаат цел да поттикнуваат нова театарска продукција и да афирмираат млади автори.

Потребен е поорганизиран простор за да се искажат младите режисери или режисерите којшто веројатно не можат да пристапат во државните институции. Мислам дека секој простор е добредојден и дека секоја намера да се додаде една нова енергија или гледање на театарот би било супер и мислам дека иницијативата е одлична и се надевам дека ќе успее да се заврши до крај“, ќе рече Јане Спасиќ.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG