Достапни линкови

Селективна транспарентност или неажурност на институциите?


Невладините организации нотираа дека голем дел од законите кои биле усвоени на Влада, не биле објавени на ЕНЕР, со што таа го прекршила сопствениот Деловник за работа. Аналитичарите предупредуваат на селективна транспарентност и апелираат до надлежните министерства да ја прекинат ваквата практика.

Владата го прекршила сопствениот Деловник во декември, бидејќи од усвоени 120 закони, 94 не биле ставени на консултации на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР). До овој заклучок дојде Платформата на граѓански организации за борба против корупција, по мониторингот кој неодамна го спроведе. Според истиот извор, во последниот месец од мандатот, политичката влада на СДСМ и на ДУИ го прекршила Деловникот за работа, така што повеќето закони што поминале на владина седница не ги објавила на ЕНЕР.

„Оваа пракса продолжува да се практикува бидејќи истото го нотираме и во претходните предизборни месеци во 2016 година, кога имавме слична ситуација и наназад. Станува збор за селективна транспарентност особено на оваа Влада, бидејќи законите кои се потенцијално проблематични или се конфликт на јавни интереси со приватни бизнис интереси се избегнува да се ставаат на јавна дебата и увид токму поради зачувување на некаков рејтинг, што пак не оди во контекст на добрата слика за транспарентноста иако оваа Влада има досега највисока оценка за транспарентност“, вели Марко Трошановски, директор на Институтот за демократија, кој е дел од Платформата на граѓански организации за борба против корупција.

Трошановски смета дека на ваков начин Владата го крши Деловникот, според кој таа мора да ги стави предлог законите на увид на ЕНЕР и 20 дена граѓаните и невладините да направат увид и со свои забелешки да го подобрат законскиот текст.

„Голем дел од овие закони отидоа низ скратена постапка. Тука особено контроверзен е законот за дивоградби, законот за стратешки инвестиции, така се протна и законот за пушење и ред други и мислам дека тоа не е во насока на јавниот интерес, бидејќи не им дава на граѓаните можност да дадат додадена вредност со своите знаења на тоа што владата сака да го регулира во општествено-политичкиот живот“, истакнува Трошановски.

Од министерството за информатичко општество и администрација најавуваат дека деновиве ќе биде готов Годишниот извештај за проценка на влијанието на регулативата за 2019 година, од кој ќе ни стане појасно колку биле транспарентни и ажурни министерствата при носењето закони. За законите кои не биле ставени на ЕНЕР не е одговорно МИОА (се разбира доколку законот не е предложен од тоа министерство) туку матичната институција (министерство) од која произлегло предлог законското решение. Секое министерство, објаснуваат од МИОА си има свој профил кон овој електронскиот систем на ЕНЕР и самото управува со него, односно одговорноста за необјавување на некој закон е на тоа министерство. Од МИОА уверуваат дека оваа алатка добро функционира и дека во голем процент се почитува процедурата на објавување на законите.

Инаку, извештајот за спроведување на процесот на проценка на влијанието на регулативата (ПВР) за периодот од јануари-декември 2018 покажа дека Од 109 предлог закони кои подлежат на процесот на ПВР (усвоени од страна на Владата на Република Северна Македонија во периодот јануари – декември 2018 година), 94 предлог закони се доставени до ВРСМ со предлог Извештај за ПВР. Во 2017 година тој број бил 45, а 2016 само 21 закон биле објавени на ЕНЕР.

„Досегашната пракса покажа дека има напредок во почитување на правилото Нацрт Извештајот и нацрт Законот да се доставуваат до МИОА на мислење по истекот на минималниот рок од 20 дена за консултација на ЕНЕР, но сеуште постојат примери каде министерствата отстапуваат од ова правило. Од 79 нацрт Извештаи за ПВР кои се доставени до МИОА на мислење за 18 не е запазен минималниот рок од 20 дена за консултација на ЕНЕР“, се вели во извештајот за 2018 година.

Од Платформата на граѓански организации за борба против корупција велат дека ако се погледнат предлог текстовите на 94-те закони кои не биле ставени на ЕНЕР и објаснувањата од подносителот, ќе се види дека во најголемиот број се врши усогласување со Законот за прекршоци, но воедно сите глоби драстично се намалуваат од оние кои се моментално утврдени. Оттаму апелираат до Владата и надлежните органи на државната управа да ги почитуваат пропишаните одредби од Деловникот за работа на Владата и да не ја избегнуваат обврската за достапност за консултации на сите предлог закони, вклучително и оние кои се донесуваат по скратена постапка.

Согласно Деловникот за работа на Владата, пак Проценката на влијание на регулативата пак се спроведува за сите предлог-закони кои се доставуваат до Владата за разгледување и утврдување освен за: законите чие усвојување се предлага по итна постапка, законите за ратификација на меѓународни договори и законите со кои се врши терминолошко усогласување со други

Од Платформата на граѓански организации за борба против корупција, информираат дека во согласност со Деловникот на Влада, сите предлози за донесување закон, нацртите и предлозите на закони што ги предлага Влада до Собранието, надлежните министерства имаат обврска да ги објават на својата интернет-страница и на ЕНЕР и истите тие треба да бидат достапни за коментари од јавноста најмалку 20 дена од денот на објавувањето на интернет-страницата.

„Со ваквата практика на масовно донесување закони по скратена постапка, кои наедно не се објавени на ЕНЕР, јавноста и сите засегнати страни не се во можност навремено да се информираат, да дадат свој придонес и да се вклучат во подготовка на закони што ќе ги одразуваат потребите на граѓаните“, се вели во реакцијата на Платформата на граѓански организации за борба против корупција.

Што е ЕНЕР?

Единствениот национален електронски регистар на прописи - ЕНЕР е електронски систем кој содржи постојни прописи, предлог-закони на министерствата во фаза на подготовка, и извештај од спроведената проценка на влијанието на регулативата (ПВР). ЕНЕР претставува алатка првенствено наменета за електронско информирање на граѓаните, како и на претставниците од невладините организации, стопански комори, правни лица, претставниците на владата, како и на одделните министерства.

Оваа електронска алатка неодамна беше надградена по четврти пат. Надградбата овозможи преку неа да се вршат консултации со граѓаните, невладините организации, бизнис секторот, за сите типови документи што ги подготвуваат министерствата, како што се стратегии, акциски планови, а не само за предлог закони како досега. Овозможено е и електронско поднесување иницијативи за закони или општи предлози до институциите, а има и дел за тематски дебати односно почнување он лајн дискусии важни како за министерствата така и за граѓаните во процесот на креирање на политики.

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски неодамна изјави дека зголемениот рок за коментирање на ЕНЕР резултирал со зголемен пораст на бројот на посети на ЕНЕР од 90.000 во 2014година на 2.360.482 годинава. Тој апелираше до сите институции да го користат ЕНЕР, редовно да ги ажурираат новините во својата област на работење, да бидат подостапни за јавноста и граѓаните кои сакаат да се вклучат во процесите.

„На тој начин, ќе се зголеми степенот на транспарентноста на институциите на системот, а истовремено ќе поттикнеме дискусии, предлози и содржини, кои квалитетно можат да влијаат во креирањето на политиките“, посочи неодамна Манчевски.

Надградениот систем на ЕНЕР е поврзан и со социјални медиуми, што овозможува споделување на содржина од објавени прописи, документи и иницијативи од ЕНЕР на социјалните мрежи.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG