Достапни линкови

„Отворените финансии“ открија и тоа што не треба


Покрај сувото гори и суровото велат старите. Налик на тоа е и ситуацијата со дата базата на Отворени финансии каде што во име на транспарентноста се објавени и податоци со кои се кршат правата за заштита на личните податоци, вели независниот експерт и поранешен директор на Дирекцијата за заштита на податоци Димитар Ѓеорѓиевски.

Секоја жена која што била на породилно отсуство и за тоа и било исплатено од Фондот за здравствено осигурување, секој што бил болен и добивал пари од таму или пак добил пари за лекување во странство како и доколку има близок починат за кој му биле исплатени пари од солидарниот фонд на ПИОМ, може да се најде на базата Отворени финансии на Министерството за финансии.

Покрај името и презимето на пример во случајот со жените на породилно отсуство може да се види и точната сума која им била исплатена со што всушност се открива и платата. Исто така оние кои што користеле боледување или пак пари за лекување во странство може да се најдат во листата од речиси 900 илјади луѓе. Според податоците објавени на интернет страната во дата базата може да се најдат податоци за исплати од државниот буџет во последните десет години кон 900 илјади поединци и над 41 илјада компании.

Извадок од базата отворени финансии на Министерството за финансии
Извадок од базата отворени финансии на Министерството за финансии


Објавените податоци на граѓаните за користење на буџетски пари од здравствениот и пензискиот фонд претставува кршење на правата за заштита на податоците вели независниот експерт и поранешен директор на Дирекцијата за заштита на податоци Димитар Ѓеорѓиевски.

„Ваквото објавување на лични податоци и посебни категории на лични податоци претставува грубо кршење на приватноста на граѓаните. Тука не се работи за транспарентност на институциите и за таканаречениот принцип на опен дата туку овде очигледно станува збор за непознавање на работите или не знаење на прописите за заштита на лични податоци“, вели Ѓеорѓиевски.

Од Дирекцијата за заштита на лични податоци велат дека се уште ја истражуваат правната основа и дали има прекршување.

Од Министерството за финансии кое ја објави оваа алатка ни одговорија дека не го кршат законот и дека за тоа уште при подготовка на порталот „Отворени финансии“се консултирале со Дирекцијата за заштита на личните податоци.

„Согласно мислењето на Дирекцијата за лични податоци добиено на 07.02.2018 година, имајќи го предвид контекстот односно целта поради која ќе се објавуваат податоци (транспарентност) во конкретниот случај Министерството за финансии јавно може да ги објавува само името и презимето на физичкото лице кон кое државата направила трансакција како и висината на трансакцијата и целта поради која е направено истата (а не смее да ги објавува жиро сметката и адресата на физичкото лице“). Министерството постапува согласно мислењето на Дирекцијата за заштита на лични податоци“ се вели во писмениот одговор до Радио Слободна Европа.


На интернет страницата на Дирекцијата, на едно од најчесто поставуваните прашања „ дали податоците се обработувани и филтрирани пред да се објават“ администраторите одговориле дека податоците се објавуваат во интегрален формат без интервенирање на Трезорот.

„Според направената проценка во овој момент, само се исклучени трансакциите поврзани со плати, каматни плаќања, отплати на главница, боледувања исплатени од Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија (ФЗО), плаќање на ДДВ за опрема купена од донации како и исплатени резерви за Кумановскиот конфликт во 2015 година“ се вели во одговорот.

Но, со едно пребарување во базата може да се најдат исплати кон физички лица за трудничко боледување до 2014 година или пак за болнички услуги до 2016 година.

Јавноста има право да знае како се трошат парите од буџетот, но...

Ѓеорѓиевски е дециден дека име и презиме спаѓа во категорија на личен податок, особено ако се објавени и износи од посебни фондови. Но, додава дека не треба да има забуна во која ситуација објавувањето на податоци на корисници од трезорот значи вистинска транспарентност.

„Имињата и презимињата на граѓаните како физички лица, не како функционери, или како службеници кои вршеле јавна набавка или работна задача. Во вториот случај може да се објавуваат бидејќи јавноста има право да знае како се трошат јавните пари. Но, во првиот случај НЕ!, вели Ѓеорѓиевски.

Тоа според неговото објаснување не ги опфаќа хонорарите и бонусите како и патните трошоци кои ги користат функционерите и граѓаните кои извршуваат работни задачи за нив, односно вршат услуги кои ги наплаќаат од буџетот.

Ѓеоргиевски вели дека во овој случај е направена груба грешка и дека за вакви случи треба да се реагира и да се преземат мерките. Секој кој е засегнат од темава може да поднесе барање до инспекторатот во Дирекцијата за да се утврди за секој граѓанин посебно дали е прекршено правото за заштита на личните податоци.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG