Достапни линкови

Сивата економија „стабилна“


Фискални сметки
Фискални сметки

Зошто да плаќаме данок кога не се управува соодветно со јавните финансии, е аргументот на оние кои избегнуваат да плаќаат данок. Од бизнис заедницата посочуваат дека е потребно да има доверба во институциите, детектирање на прекршувачите и ефикасност на правосудниот систем.

Повеќето даночни обврзници ги плаќаат своите обврски, но значаен дел од нив се уште успешно ги избегнуваат.

Најновите податоци зборуваат дека неофицијалната економија изнесува 37,6 проценти, покажуваат податоците на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

Овие бројки укажуваат дека сивата економија и натаму им претставува значаен проблем на властите, но воедно ја доведува во прашање и делотворноста на мерките со кои тие се обидуваат да ја намалат.

Академик Абдулменаф Беџети вели дека во изминатите години мерките кои ги преземаат властите вклучуваат бројни кампањи против неплаќањето данок, но оти и покрај тоа, сивата економија не се менува значително.

„Може колку сакате да правите кампањи, да ја подигнете таа свест, но граѓаните и тие што ги избегнуваат обврските ќе претендираат на тоа- зошто да плаќаме кога не се управуваат соодветно јавните финансии односно не се ефикасно алоцирани“, вели Беџети кој дополнува дека неопоходно е кампањите да бидат придружени и со следење на состојбите од институциите како и строго почитување на законите.

„Како да справиме со овие проблеми. Тоа се институционални капацитети, не мислам само на човекови ресурси туку и на информациски системи, на следење на движењата во секторите каде тоа се појавува и секако да се води сметка дали се почитуваат законските обврски целосно. Се друго што се прави во смисла на подигање на свеста е малку тежок процес, затоа што се уште граѓаните не се убедени дека најдобро се управуваат јавните финансии, па да веруватаат во тоа“, вели Беџети, кој пред еден месец поднел проект до МАНУ во оваа област.

Во анализата на ММФ се посочува дека процентот на сивата економија, мерен во однос на бруто домашниот производ, бележи пад во сите региони во светот, при што се нагласува дека сепак овој неформален дел на економски активности кој е надвор од регулираната економија и даночниот систем, тешко може точно да се измери.

Лицата и компаниите вклучени во неформалната економија обично работат во мал обем. Ова значи дека нема официјална статистика за неформалната или сивата економија, како што понекогаш се нарекува, така што економистите треба сами да ја проценат нејзината големина. Некои вообичаени техники вклучуваат истражувања или индиректни индикатори, како што е побарувачката на странски валути, се додава во анализата.

Академик Беџети вели дека во земјава проблемот со сивата економија е структурален и долгорочен, а непријавувањето на данок според неговите сознанија доминира на пазарот на трудот, во даночната енвазија како и во надворешниот сектор односно царината каде стоките се увезуваат квантитативно.

„Се оцаринуваат на килограми, на тони, увезените производи, а не да се провери точноста на квалитетот. Квантитативно се оцаринуваат стоките“, вели Беџети.

Бизнисот бара офанзива против сивата економија

Бизнисмените во изминатиот период побара сузбивање на сивата економија како најголем проблем со кој се соочуваат со оглед дека анализите што тие ги направиле „покажуваат дека во 2018 година има масовна пререгистрација на фирмите и нивно прибегнување да работат нерегистрирано.

Од бизнис секторот велат дека и покрај надоградување на проектот Мој ДДВ, и други мерки кои се преземаат очигледно е дека резултатите не се охрабрувачки. Активности кои остануваат оддалечени од лупата на властите се и трговијата, земјоделството и занаетчиството и тоа јасно упатува дека властите треба да го сменат пристапот и решавањето на раширеноста на сивата економија, вели Миле Бошков од Конфедерацијата на работодавачи.

„Сивата еконoмија е концепт и локална култура на бизнисот и на луѓето, а од друга страна исто така е резултат на слабиот систем на следење и контролирање. Ако драстично не се преземе акција која бара и политички ризик до тој момент сивата економија ќе биде на високо ниво. Дури и компании кои работат регуларно исто така влегуваат во сива економија, без да размислуваат дека го нарушуваат процесот на усогласеност", вели Бошков.

Од бизнис заедницата дополнуваат дека е потребно системско решение кое вклучува и даночен морал, доверба во институциите, можност властите да ги детектираат прекршувачите и ефикасност на правосудниот систем.

Според анализата на ММФ земјава е на четвртото место во регионот на Југоисточна Европа, зад Косово со 38,8 отсто учество на сивата економија, Црна Гора со 38,2 проценти и Бугарија со 37,8 отсто.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG