Фокус - Фамилијата во потрага по дипломатски имунитет
Најновиот број на Фокус на насловната страница со крупни букви како да предупредува: „Фамилијата во потрага по дипломатски имунитет – Чесен, почесен и најјачесен конзул“. Авторот на коментарот – анализа со резигнираност го поставува прашањето: „Бај Бојко, зашто слагаш таралежи в гаштите на Заев?“ – со објаснување дека зборот таралеж на бугарски значи еж. „Која и каква Бугарија би можел Орце Камчев да ја претставува кај нас? Демократската, европска Бугарија која стои зад новата политика на Владата во Скопје, или некаква балканска Бугарија од времето на ’групировките‘, темен вилает кој е готов да прави мрачни зделки со касиерите на последната македонска Фамилија, служејќи ѝ како европска пералница на нејзиние злодела“, пишува Фокус. Алудирајќи притоа на дипломатскиот имунитет што би го добил евентуалниот нов конзул на Бугарија во Македонија, како и на неговата бизнис-поврзаност во соседната земја.
Капитал - Сивата економија останува голема пречка за бизнисот
Капитал во најновото издание подетално ги анализира оценките на Европската комисија во најновиот извештај за напредокот на Македонија за нејзината економија и како наслов ја вади забелешката дека „Сивата економија останува голема пречка за бизнисот“ и дека околу 18 проценти од вкупната вработеност во 2016 година припаѓала на сивата економија. Во Извештајот исто така се посочуваат главните реформи што треба да ги направи земјава за да стане целосно функционална пазарна економија и да може да се носи со конкурентските притисоци по влезот во ЕУ. Капитал пренесува дека во Извештајот исто така се констатира дека... Македонија сепак има постигнато одреден напредок, посебно во управувањето со јавните финансии и транспарентноста, но дека остануваат уште многу слабости и предизвици на кои треба да се работи. Освен големата сива економија, како главни слабости на македонската економија, Европската комисија ги наведува слабото извршување на договорите, високата „евроизација“, што претставува ризик за финансиската стабилност на земјата, потоа потребата од фискална консолидација, па слабите врски меѓу странските инвеститори и локалната економија и слабата и застарена инфраструктура.