Против дезинформациите и лажните вести треба да одговориме со поголема транспарентност, рекоа претставниците на државниот врв на Конститутивниот состанок на Акциската група за координација на институциите на државата за борба против дезинформации и напади на демократијата. По воведните обраќања не беа предвидени новинарски прашања, а работниот дел од состанокот продолжи без присуство на јавноста.
Претседателот Стево Пендаровски рече дека лажните вести стануваат една од приоритетни закани за националната безбедност. Тој рече дека на лажните вести може да им се стави крај само со заедничка акција на политичките чинители, државните институции, медиумите, новинарските здруженија, граѓанските организации, академската заедница и граѓаните.
„Во изминатите години го видовме потенцијалот на лажните вести да влијаат врз крупни политички и граѓански процеси и кај нас и во светот. Лажните вести полека но сигурно стануваат една од приоритетни закани за националната безбедност на многу држави, заради нивниот капацитет да ја изобличуваат вистината и да ги поткопуваат вредностите на демократијата како политички систем“, рече Пендаровски.
Премиерот Зоран Заев рече дека пропагандата и лажните вести имаат потенцијал да го поларизираат јавното мислење, да промовираат говор на омраза и насилство и да ја поткопаат демократијата. Тој рече дека имало кампања за дезинформации и лажни вести за Преспанскиот договор за да ги дестимулира граѓаните да не излезат на гласање за да го дискредитираат референдумот.
„Трендот на ширење „шокантни“ вести, невистини е најголем поткопувач на демократските, реформските, прогресивните процеси во општество. Денес, користејќи ја развиената технологија, дезинформациите влијаат на нашите општества, предизвикуваат конфликт, омраза, параноја, заговор итн.“, рече Заев.
Владата најави подготовка на акциски план за борба против лажните вести, а од наредниот месец почнуваат консултации на државните институции со граѓанскиот сектор и со медиумските организации за начините на справување со дезинформациите.
Министерот без ресор задолжен за транспарентност и отчетност, Роберт Поповски, рече дека предлог планот има две компоненти – безбедносни и проактивни мерки. Ќе се подобруваат протоколите за внатрешна и надворешна комуникација, подобрување на протоколите за дигитални комуникации на државните службеници, зајакнување на информатичката инфраструктура и протокол за кризни комуникации меѓу владата и министерствата.
Во акциската група учествуваат Кабинетот на Претседателот, Кабинетот на претседателот на Собранието, Кабинетот на премиерот, Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана Министерството за надворешни работи, Министерството за информатичко општество и администрација, Министерството за образование, Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање и Оперативно-техничката агенција.