Достапни линкови

Филмски февруарски поход во Кинотека


Со проекции на десеттина филмови од поновата македонска продукција, фестивалот „Скопје синема сити“, Денови на словенечка култура, чествување на иконата и на македонскиот филм Неда Арнериќ...и други содржини Кинотека и во февруари го продолжува својот поход за доверба на гледачите.

Дваесеттина тематски циклуси посветени на автори и национални кинематографии, фестивали, организирани проекции, промоција на проектот „Летно кино“ со амбиција тоа да прерасне во своевиден фестивал, чествување на трите децении на „Кинопис“ единственото стручно списание за филм во земјава, објавувањето на Монографија по повод 40-годишнината од Меѓународниот фестивал за филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола, ново ДВД издание со пет дигитално реставрирани македонски филмови (од „Три Ани“ до „Хај-Фај“, награда „13 Ноември“ за авторот на книгата „Музиката во македонскиот филм - од „Фросина“ до „Лазар“, музикологот и универзитетски професор Александар Трајковски ... ова се само мал дел од активностите од минатогодишната програма со кои може да се гордее Кинотека како институција од посебен интерес за државата.

А во миговите на собирање на резултатите за оствареното во изминатиот период и во пресрет на простирање на новата програма вреди да биде забележано и тоа дека според податоците Кинотека со постигната рекордна посетеност ја имала и довербата на публиката. Така, во рамките на филмската програма лани биле одржани 584 проекции, биле прикажани 614 наслови, а вкупната посетеност изнесува 20.486 посетители.

И, затоа не чуди најавата од оваа наша институција дека тука нема да запрат и дека се надеваат дека ќе го продолжат трендот на рушење на рекорди.

Годинава ќе се обидеме да ја надминеме таа бројка, со повеќе проекции и поатрактивни наслови, со позабавна и исклучителна филмска програма. Ако јануари беше месец обележан со рекорден број проекции на „Медена земја“ на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска, филмот номиниран за „оскар“ во две категории, и на „Врба“ на Милчо Манчевски, за кои се бараше билет повеќе, филмската програма за февруари ќе се обиде да ја анимира публиката исто така со богата и грижливо селектирана програма, вели Бојан Станишиќ, филмолог во Кинотека.

Како илустрација за ова тој наведува дека во текот февруари во Кинотека најнапред ќе се случат проекции на десетина наслови од поновата македонска играна и документарна продукција и копродукциски проекти – филмови како „Кобра“ на Игор Иванов-Изи, „Незаборавна пролет во заборавеното село“ на Куштрим Бектеши, „Збор“ на Слободан Деспотовски, „Илузија“ на Светозар Ристевски, „Медена ноќ“ на Иво Трајков, „Враќање“ на Кастриот Абдили, „Жената на мојот живот“ на Антониј Дончев и „Пијавици“ на Драган Маринковиќ.

Овој месец е и традиционалниот термин за зимската едиција на дводневниот фестивал на музички документарци „Скопје синема сити“, а веднаш по него следуваат и „Денови на словенечка култура“. Во рамките на ова издание на манифестацијата, а по повод 100 годишнината од раѓањето на режисерот Франце Штиглиц – кој ја задолжи и македонската кинематографија со два играни филма, „Волчја ноќ“ и „Виза на злото“ – планирано е и прикажувањето на неговите меѓународно наградувани филмови „На својата земја“ и „Долина на мирот“, како и „Вистински копилиња“ на Јоже Бевц и „За душа“ на Матјаж Клопчич.

Од програмата уште и информациите дека редовната месечна проекција на Францускиот кино клуб го носи насловот „Дамјан сака да го промени светот“, а филмот по избор на Гете институт е „Три“ на прочуениот Том Тиквер.

„Секако дека не ја заборавивме и неодамна починатата Неда Арнериќ, вистинска икона (и) на македонската кинематографија од 60-те и 70-те години на минатиот век. Во нејзина слава ќе бидат прикажани „Време без војна“ и „Истрел“ на Бранко Гапо, „Татко (Колнати сме, Ирина)“ на Коле Ангеловски и „Исправи се , Делфина“ на Александар Ѓурчинов“, појаснува Бојан Станишиќ.

Според неговите зборови февруари ќе биде и месец на Фестивалот на иранско-македонски филм, во чии рамки покрај осумте играни наслови од поновата продукција ќе бидат прикажани и четири успешни и актуелни македонски филмски приказни – веќе спомнатите „Медена земја“ , „Врба“ , „Господ постои, името и е Петрунија“ на Теона Митевска и „Исцелител“ на Ѓорче Ставрески.

Сцена од филмот „Исцелител“ на Ѓорче Ставрески

Следуваат и уште неколку исклучителни филмови од поновата продукција, како „Жал ни е што ве заборавивме“, како што забележува, на секогаш критични настроениот британски автор Кен Лоуч, „Предавникот“ на исклучителниот Марко Белокио, потоа францускиот филм „Двоен живот“ на Оливие Асајас, како и селекција на наградени краткометражни филмови на струмичкиот фестивал „Астерфест“.

„Годинава е престапна, па има и некаква ненамерна симболика: 29 февруари е терминот за Сценаристичка лабораторија со Димитар Банов, на која ќе биде прикажан класичниот „Граѓанинот Кејн“ на великанот Орсон Велс. Во календарите секоја четврта година е престапна, но ремек-дело како ова на Велс (со косценаристот Херман Манкиевич) се појавува еднаш во половина век. И вреди да се потсетуваме на него, повторно и повторно“, смета филмологот Станишиќ.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG