„Музиката во македонскиот игран филм: од ФРОСИНА до ЛАЗАР“ на д-р Александар Трајковски е првата пообемна музиколошко-филмолошка анализа на македонскиот игран филм. Истражувањата и анализите Трајковски ги правел за потребите на неговата докторска теза „Филмската музика како форма на комуникација: музиката во македонскиот игран филм во периодот од 1952 до 2011 година“, која ја одбранил во 2014 година на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, под менторство на проф. Д-р Ганка Цветанова, инаку и рецензент на книгата.
Од таму не чуди кога тој вели дека целиот процес, од првичната идеја до финалната реализација на книгата, траел безмалку осум години. Појаснува дека како вонреден професор на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕФТА во Скопје, предава Историја на филмската музика. Кога почнал да го предава овој предмет, некаде пред цела една декада, се соочил со еден не мал проблем – имал изобилство материјали да зборува за светската, за европската филмска музика но ниту еден ред за македонската филмска музика.
„Така почнав самиот да истражувам, нешто да анализирам бидејќи досега кај нас освен неколку написи за конкретни филмови што може да се избројат на прсти друго нема ништо ниту напишано, ниту објавено. Со самата таа идеја, кога почнав полека да навлегувам во оваа проблематика, се роди и потребата сето тоа да го преточам во научен труд. Да си го оформам моето образование и да ја направам докторската теза којашто тогаш беше насловена „Филмската музика како форма на комуникација“ затоа што јас тогаш освен со музиколошкиот аспект на филмската музика се бавев и со комуниколошкиот аспект. За тоа како филмската музика успева да ја пренесе пораката од нејзините создавачи, нејзините креатори до самата публика“, вели Трајковски.
Д-р Александар Трајковски
Дополнува дека тоа на некој начин биле почетоците. Потоа сето тоа почнало да се развива, проширува и на крајот да биде заокружено со една публикација каква што е оваа зад која како издавач застана Кинотека на Македонија.
Прашан за тоа каков е тој тренд на развој на филмската музика кај нас, Александар Трајковски истакнува дека ако се земе да се разгледува посебно може да се забележат различни периоди во однос на иплементацијата на музиката во самите филмови и во однос на стилската определба на авторите кои компонираат за филм.
Ќе рече дека на почетокот, во 1950 – 1960-те, тоа се автори кои своите инспирации ги црпат по урнекот на западноевропските композиторски школи. Дека во 1970-те и 1980-те има еден послободен пристап кадешто се вметнува џезот и разни други нестандардни камерни состави, за да од деведесеттите години наваму започне посегањето по електронска музика во комбинација со етно моменти.
„Сето тоа ако се погледне, ако се разгледа детално, може да се создаде една слика која ќе прикаже како тоа филмската музика се развивала од самите почетоци до ден денешен. Овде зборувам за македонската филмска музика и компарирајќи ја со состанатите, посебно со филмовите од некогашната југословенска кинематографија, а потоа и во поширокиот контекст со европската и со светската кинематографија, можеме да споредиме и да заклучиме дека иако имаме квантитативно помалку изданија, сепак во квалитетот и не заостануваме. Овде конкретно говорам за филмските партитури. Не заостануваме, дури и можеме да се носиме воопшто со она што тогаш се случувало со филмските сцени околу нас“, смета Александар.
Тој и со потсетување дека ако се земат филмовите на Манчевски, Митревски, Поповски каде за музиката биле задолжени творци како групите АНАСТАСИЈА, АРХАНГЕЛ, Кирил Џајковски...е сторен еден убав исчекор во однос на останатите кинематографии околу нас. Дека тие, нормално следејќи ги светските трендови, воведуваат еден поинаков авторски ракопис. Дури и одат чекор понапред давајќи му еден нов, карактеристичен, специфичен звук на современиот македонски филм.
Прашан, пак, за тоа дали неговото истражувачко дело кое почнува со класикот „Фросина“ и условно завршува со филмот „Лазар“ е возможно да има свое надополнување, Трајковски знае да каже дека од моментот кога режисерот Светозар Ристевски ја завршил последната клапа до денес се снимени повеќе од десеттина филмови и дека има широко поле за истражување.
„Во понатамошниот период би било убаво и јас навистина би сакал тоа да продолжам да го истражувам. Да се дојде до нови сознанија што понатаму, како таа филмска музика од „Лазар“ наваму е примена од публиката. И се разбира тие истражувања да бидат надополнување на овој мој труд. Но, ќе речам и тоа дури и да не го сторам тоа самиот, би ме радувало ако и некој друг се зафати со работа на таа проблематика. Јас искрено би сакал да ги видам и да ги прочитам таквите бележења“, вели проф Д-р Трајковски.
Д-р Александар Трајковски
Роден 1978 година во Скопје, Александар Трајковски дипломирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје на одделот за музичка теорија и педагогија, каде под менторство на проф. Д-р Викторија Коларовска-Гмирја го одбранил и магистерскиот труд „Организацијата и содржината на музичката настава во Република Македонија во периодот од 1950 до 1962 година“.
Досега учествувал на повеќе меѓународни конференции и симпозиуми со научни трудови кои обработуваат теми од областа на музикологијата и музичката педагогија и е автор на поголем број трудови објавени во реномирани музички и културолошки списанија и научни зборници. Автор е и на книгата „Зина Креља, сопран, првенка на Операта при Македонскиот народен театар“, а се јавува и како дел од авторскиот тим на монографијата за режисерот Бранко Гапо.
Во моментов, со м-р Снежана Анастасова – Чадиковска работи на дополнувањето на второто издание на монографијата за оперската примадона Милка Ефтимова.