Достапни линкови

Синергија на литература, филм и музика на „Про-За Балкан 2019“


Со учество на значајни регионални автори како годинешниот лауреат Алек Попов од Бугарија, Ерџан Кесал од Турција, Теофил Панчиќ, Једрт Лапух Малежич, Светислав Басара и други, од 19 до 21 мај, во Скопје ќе се одржи 7.Интернационален литературен фестивал „Про-За Балкан“.

Промовиран некаде на почетокот на март 2013 година со идеја публиката да ги запознае своите автори и да го чуе нивниот глас, да се воспостават поблиски книжевни и човечки врски и да се засили регионалната поврзаност, во Скопје веќе седма година се одржува Интернационалниот литературен фестивал „Про-За Балкан“. Станува збор за случување кое веќе по традиција се издига над обичноста на една книжевна, па дури и слична културна понуда. Едноставно манифестацијата во годиниве наназад се наметна како една од ретките која го следи, ако не и диктира, пулсот на времето во кое живееме овде и сега – на Балканот, како „буре барут“ или „азно со различности што треба да не приближуваат, спојуваат, красат“. Како мост кој ја слави силината на зборот и заумно не упатува едни на други, оти поинаку и не бидува. Од таму, не случајно со нагласена љубопитност се следи и секој негов иден исчекор зад кој сега стамено стои издавачката куќа „Прозарт медиа“, како негов потписник.

А, претстојното седмо издание на Интернационалниот литературен фестивал „Про-За Балкан“, ширум ќе ги отвори своите порти в недела на 19 мај во 20 часот во Даут-пашиниот амам во Скопје. Годинашниот добитник на наградата „Прозарт“ за авторски придонес на литературата на Балканот и еден од водечките современи бугарски писатели, Алек Попов, ќе биде во друштво на ланскиот лауреат - српската легенда Светислав Басара.

На новото издание на фестивалот ним ќе им се придружат познатиот српски колумнист, новинар и писател Теофил Панчиќ, словенечката писателка и книжевна преведувачка од англиски и од француски јазик, Једрт Лапух Малежич, турскиот бестселер романсиер, есеист и сценарист Тарик Туфан, независниот хрватски писател Ивица Пртењача, специјалниот гостин Ерџан Кесал, сценарист на антологискиот победник на Кан од 2011, „Беше еднаш во Анадолија“, како и нашата добро позната писателка, филмска критичарка и есеистка Јагода Михајловска-Георгиева.

Со нив ќе разговараат македонските писатели Александар Прокопиев, Ермис Лафазановски и Владимир Јанковски.

Гости на свеченото отворање ќе бидат и четворицата членови на програмата „Скопје фелоушип“ – Пјер Астие, еден од најпознатите литературни агенти и уредник во литературната агенција „Астие-Пеше“ од Париз, Бетина Вергетер, уредничка во издавачката куќа „Пол Солнај и Дојтике“ од Виена, Катја Урбанија од словенечката издавачка куќа „Гога” и Реџеп Хида, директор на првата приватна издавачка куќа од Албанија, „Фан Ноли“.

На вториот фестивалски ден, во понеделник на 20 мај во 17 часот, во Турскиот културен центар „Јунус Емре“ планирано е да се одржи отворена дискусија „Ерџан Кесал во Скопје!“, што ќе ја модерираат Александар Прокопиев и директорот на фестивалот Дејан Трајкоски. Два часа подоцна, од 19 часот во ЕУ-инфо центарот ќе се одржи и тркалезна маса на тема - „Литература, страв, политика“ на која ќе учествуваат гостите писатели и членовите на „Скопје фелоушип“ програмата.

Традиционално, со идеја да се родат, воспостават и развијат идни соработки, фестивалот организира средба на членовите на оваа програма со претставници на Македонска асоцијација на издавачите.

Конечно завесата на седмото издание на „Про-За Балкан“ ќе биде спуштена во вторник на 21 мај, во 20 часот, онаму каде што и беше крената во Даут-пашиниот амам, кога писателите пред публиката ќе читаат извадоци од своите дела.

На затворањето се планирани и обраќањата на лауреатот зa 2019, Алек Попов и нa неговиот претходник Светислав Басара. Згора на тоа, Гоце Јованоски од групата ФОЛТИН и Андреа Мирческа ќе изведат експериментална звучна импресија од филмот „Мисија Лондон“, работен токму според романот на големиот бугарски книжевник Попов.

Алек Попов - лауреат на „Про-За Балкан 2019“

И, кога сме веќе кај него да споменеме и тоа дека во негова чест, следниот ден на 22 мај во Кинотека, ќе биде прикажан филмот „Мисија Лондон“, во кој копродуцент е нашиот Огнен Антов а бугарскиот режисер Димитар Митовски го сними според сценариото на Алек Попов. Предвидено е и обраќање на Попов и панел дискусија со Александар Прокопиев.

Од таму не случајно Фестивалот годинава се одржува под мотото „Синергија: литература, филм, музика“.

„Секоја година се обидуваме да воведуваме новости, а во 2019 го поврзуваме креативниот процес меѓу литературата, филмот и музиката. Посебно ме радува експериментот со музика од филмот „Мисија Лондон“ кој на 21 мај, на затворањето на фестивалот, ќе го изведат Гоце Јованоски и Андреа Мирческа, како еден процес на (ре)создавање на филмска музика, односно изведба на експериментална звучна импресија. Оваа година и дел од гостите се блиско поврзани колку со литература, толку и со филм. Се надевам дека тоа, покрај веќе традиционалната „Скопје фелоушип“ програма, ќе му даде еден посебен белег на ова фестивалско издание“, вели Дејан Трајковски, првиот човек на Фестивалот.

„Про-За Балкан“ е во организација на издавачката куќа „Прозарт медиа“. Фестивалот е поддржан од Министерството за култура, од ТРАДУКИ, делегацијата на ЕУ, Турскиот културен центар „Јунус Емре“, амбасадите на Словенија, Хрватска, Бугарија и на Србија, Бугарскиот културно-информативен центар, Кинотеката, Национална галерија и други.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG