Си играме со ритамот на сметка на граматиката
Со чувството на сметка на симетријата
Се обложуваме на мигот, на летот на душата
Ко да нема минато, а утрешнината е безимена
Фрламе две бели коцки наспроти вечноста
И чекаме...
„Ние, поетите“ е една од шесте песни од циклусот „Трепет“ со кој Андреј Ал-Асади, бележан како „еден од најпрепознатливите гласови на младата македонска поезија“, ја отвора својата трета стихозбирка „Небесна геометрија“, која како издание на ПНВ Публикации беше промовирана на крајот на минатата година.
„Небесна геометрија“ доаѓа по шест години од неговото деби со „Midnight Blues“ ( Антолог 2014) и по двете објави од 2018 – книгата раскази „Друго минато“ за која ја доби наградата за дебитантски прозен ракопис „Новите“ на Темплум и поетската збирка „Под дервишовото сиќе“ (ПНВ Публикации) која влезе во најтесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата.
„Небесна геометрија“, како што ќе забележи рецензентот и промотер Ѓоко Здравески, „изобилува со поетски слики што ги напаѓаат читателските сетила, со свежи, неизлитени метафори, мислата патува во сфери од човековата свест до кои ретко се стигнува, таа комуницира со древни знаења, а она што е напишано во песните е очигледно доживеано некаде во внатрешните светови на лирскиот субјект и тоа ги прави веродостојни и привлечни за читателот. Ако му се пристапи херменевтички на овој ракопис, во него ќе се откријат референци кон источната филозофија, онаа далекуисточната , индската, но и референции кон арапската култура“.
„Секогаш кога пишувам поезија започнувам од ништо. Во самиот процес на пишување ми доаѓа концептот. „Небесна геометрија се создаваше хаотично. Песна по песна. Па се исфрлаа песни, се менуваа стихови, се бараа други избори, друг ритам, па ќе се смени мотивот во цела песна. И со тек на време се систематизира полека. Откако ќе го завршам тој стихиен процес потоа следува тој концептуален круг или извлекувањето на сржта што сакам да кажам всушност. На почетокот никогаш не знам што сакам да кажам, ја немам пораката. Немам ништо“, вели Андреј Ал-Асади за настанувањето на „Небесна геометрија“ и воопшто за чинот на пишување поезија.
Тој дополнува дека во таквиот процес е многу строг кон себе, дека одамна го мачи строгоста. Појаснува дека откако ќе настане една песна таа е оставена на милион варијации, на исто толку прегледи...иако е свесен дека сето тоа не може да оди во недоглед. Дека е подготвен дури да сослуша некое мислење од страна, некој така да му сугерира одредени нешта, но дека не дозволува никој да му влијае во самата суштина на песните.
„Тоа е мое. Тоа е она што на крај ќе го пренесам. Мислам дека никогаш не можеш да кажеш „свој препознатлив стил“, некоја доминанта што те одвојува од другите ...Јас мислам дека и во самата моја поезија може да се препознаат и другите стилови, референците на другите автори, но можеби е тој мој стил симбиоза на влијанијата од постарите македонски автори и некои странски модерни творци, но јас лично сопствениот стил не можам да го дефинирам како препознатлив, како посебен. Да тој е мој, но се надоврзува на некоја традиција, на нешто претходно пеано. Јас ништо посебно не сакам со поезијата. Таа само спонтано ми доаѓа. Поетите се само суштества со повисоко ниво на чувственост. И поезијата е еден вид, барем за мене, на чистење. Тоа доаѓа најдлабоко од мене. Сите сме поети. Сите го правиме тоа чистење на некој начин. Во суштина нашиот однос со целиот свет е таков – поетичен. Си играме на сметка на граматиката, на сметка на симетријата. Бараме друго решение, друг излез. Дефинитивно сите сме на некој начин поети“, смета Андреј.
Говорејќи за својата поезија, посебно за стиховите од својата актуелна стихозбирка, младиот поет знае да каже дека преку нив, преку посегањата по источната филозофија, се обидува да го „интепретира она што се случува сега и тука“.
„Она што пробувам да го интепретирам е она што се случува сега и тука затоа што ниеден поет не е изолиран од тоа што е околу него. Со тие референции на индиски, на арапски филозофии само пробувам да го протолкувам тоа што се случува сега. Во и околу мене. Во суштина ништо не е сменето од првата книга до оваа. Блуз е и „Небесна геометрија“, само на друг начин отпеан. Секоја поезија е блуз. Оној најсировиот, најорганскиот. Дозволуваш да те пукнат емоциите и потекуваат зборовите. На тој начин настануваат песните. Дури после доаѓа се друго. Песната е примарна реакција на она што силно те допрело“, вели тој.
Андреј Ал-Асади со наградената книга раскази „Друго минато“ громогласно влезе и во светот на прозата, но сепак и покрај тоа знае да каже дека „засега само почнал да експериментира со неа“. Дека сакал само да види „кои можности му ги нуди прозата“.
„Од она мало искуство што го имам досега со прозата можам да кажам дека поинаков е пристапот кон прозата. Таму концептот доаѓа на прво место. И за тоа не би се определувал. Сè е работа на момент. Мене ми се случило од поезија да се преселам во проза и обратно. Ете сум почнал да пишувам расказ и по некое време гледам дека составувам стихови, на крај да завршам со песна. Можеби е тоа одење по острица, но јас само така знам да функционирам. Ако нема ризик, нема ништо. Сепак би рекол дека по три книги поезија и една проза, сеуште ми е рано за роман. Едноставно не ми е време за тоа. Така чувствувам. Самото тоа треба да си дојде. Исто како и со поезијата. Инаку, наспроти наградата „Новите“, морам да ти кажам дека сум индиферентен кон признанијата. Не пишувам за тоа. Ако ги има добро, ако не пак добро. Јас повторно ќе пишувам. „Друго минато“ не ја напишав за награда, туку едноставно наградата беше патот по кој тргнав за да ја издадам книгата. И толку. Ова можеби ќе звучи чудно кога доаѓа од човек кој е по професија економист, но тоа е така. Јас ја учев економијата и во неа сум чисто од практични причини. Од поезијата нема леб – тоа е алтернатива на алтернативата“, вели тој.