Достапни линкови

Светот влезе во новата декада: Желби, пожари, пендреци и поскапа вотка


Светот влезе во новата декада со спектакуларни огномети и големи новогодишни прослави на плоштадите ширум светот, но и со големи пожари во Австралија, жестоки протести во Хонг Конг, Индија и Ирак и со нуклеарни тензии со Северна Кореја. Новата година први ја пречекаа жителите на Кирибати, Самоа и Божиќниот Остров во Тихиот Океан, а по нив и жителите на Американска Самоа, Нов Зеланд и Австралија.

Огномет над Атина
Огномет над Атина

Во Париз на велосипеди, во Лондон со Брегзит, Москва без снег

Европјаните најспектакуларно влегоа во новата декада во Лондон, под обоеното небо над Биг Бен, со велосипеди под Триумфалната порта и на Елисејските полиња во Париз, под атинскиот Партенон, пред московскиот Кремљ, кај Бранденбуршката порта во Берлин.
Парижани, на новогодишен дочек заминаа пеш и на велосипеди, зошто метрото е затворено заради штрајкот на железничкиот синдикат.
Во Рим, папата Франциско беше пречекан од граѓани и туристи на плоштадот „Свети Петар“, со извици „Папа, папа“ и „Среќна Нова година“. Папата го повика собранието да покажат поголема солидарност во Новата година и „да градат мостови, а не sидови“.
Русија влезе во Новата година со обраќање на претседателот Владимир Путин, кој ги повика граѓаните да работат заедно следната година. На полноќ спектакуларен огномет го осветли Црвениот плоштад, но на вообичаената московска новогодишна ноќ ѝ недостасуваше снег. Русите го имаат најтоплиот почеток на зима, па на некои места пред дочекот на Новата година, дури ставаа и вештачки снег.
Во Лондон, по пораката на премиерот Борис Џонсон, кој рече дека Брегзит ќе биде завршен пред крајот на јануари, следуваше голема забава на сите плоштади, а централната прослава беше со спектакуларен огномет кој го обои небото над Биг Бен и Тауер бриџ.

Огномет во Сиднеј, Австралија
Огномет во Сиднеј, Австралија

Австралија со спектакуларен огномет „за инает“ на пожарите, Хонг Конг со протести

Жителите на Австралија ја дочекаа Новата година со традиционален, спектакуларен огномет над Сиднејското пристаниште, и покрај смртоносните пожари кои принудија илјадници да бараат засолниште на плажите и принудија многу градови да ги откажат прославите. Како што рекоа и самите Австралијци, огнометите „за инает“ на пожарите.
Во Јапонија граѓаните ѕвонеа во будистичките храмови за да ја прослават Новата година во согласност со јапонската традиција, во Пјонгјанг, главниот град на Северна Кореја, имаше голем огномет.
Во Пекинг акцентот беше на спектакуларниот музичко-актерски перформанс кој го засени дури и огнометот.
Илјадници луѓе во Хонг Конг ја дочекаа 2020 година на пристаништето Викторија, со уште еден протест поради спорниот закон за екстрадиција, а полицијата дури во еден момент употреби солзавец и водени топови против демонстрантите. Властите во Хонг Конг го откажаа традиционалниот новогодишен огномет над пристаништето Викторија, плашејќи се од неред за време на најавените протести.
Протести за новогодишната ноќ имаше и во Индија, каде илјадници луѓе протестираа против контроверзниот закон за државјенство.

Новогодишни протести во Хонг Конг
Новогодишни протести во Хонг Конг

Во Русија поскапа вотка, во Ирак нападната американската амбасада

Русите уживаа во спектакуларните огномети и раскошната забава во сите големи градови, особено во Москва и Санкт Петерсбург, но не се радуваа на одлуката на Министерството за финансии, кое од денеска ја зголеми цената на нивниот омилен пијалок - вотката на 230 рубли (3,3 евра). И другите алкохолни пијалоци во Русија од денеска имаат нови цени - минималната цена на половина литарско шише коњак поскапе на 433 рубли (околу 7 евра), додека шише ракија ќе чини 315 рубли (5,1 евра).​
И на Новогодишната ноќ и во првиот ден од новата декада во Багдад, Ирак продолжија насилните протести пред Американската амбасада.
САД веднаш ќе испратат на Блискиот исток околу 750 војници како одговор на насилните протести пред американската Амбасада во Багдад, се наведува во соопштението од американскиот министер за одбрана Марк Еспер, пренесе АП. Во соопштение тој наведува дека одобрил испраќање пешадиски батаљон од 82. воздухопловна дивизија каде се Силите за брза реакција. Тој прецизира дека дополнителните трупи од Силите за брза реакција ќе бидат ангажирани во следните денови. Американските трупи втор ден испукуваат солзавец за да растераат демонстранти собрани пред американската Амбасада во Багдад. Пред објектот на Амабсадата десетици проирански милитанти и нивни приврзаници се уште демонстрираат ден откако упаднаа во тој објект и унуиштија зона за прием и искршија прозорци. Американски маринци кои ја обезбедуваат Амбасадата фрлија созлавец откако демонстранти запалија оган на кров на објект за прием. Од објектот се уште се издига чад. Американскиот претседател Доналд Трамп го обвини Иран за нападот врз Амабсадата во Багдад. Иран отфрла каква било вмешаност во тој инцидент.

Лондон, Велика Британија
Лондон, Велика Британија

САД: На Тајмс сквер најспектакуларно и пак со натпревар во непиење алкохол

Почетокот на 2020 година во САД и годинава најспектакуларно беше дочекан на њујоршки Тајмс сквер, каде ислјадници луѓе ги одбројуваа последните секунди од 2019 година додека се спушташе светлечката кристална топка. Пред полноќ, луѓето ја запеаја и „Imagine“ на Џон Ленон додека врз беа фрлени околу 1.360 кг конфети. Во Њујорк настапија и рап-поп-sвездата Пост Малоун, Корејскиот БТС, Сем Хант и Аланис Морисет.
Откако полицијата во Њујорк почна да казнува за пијанство на јавни места пред неколку години, Тајмс Сквер стана „натпревар на издржливост“ на новогодишната ноќ, исто толку и бурна прослава. Илјадници полицајци беа распоредени во тој дел од градот надгледуван и од околу илјада бебзедносни камери, дронови со термални камери.

Огномет на бразилската плажа Копокабана
Огномет на бразилската плажа Копокабана


Милиони луѓе на бразилските плажи,

Рио де Жанеиро, Бразил, ја имаше една од најголемите новогодишни прослави на светот, откако три милиони луѓе ја пречекаа 2020 година на легендарната плажа Копакабана. Тоа беше проследено со 14-минутен огномет, при што биле испукани повеќе од 15 тони разнобојна пиротехника.
Во Сао Пауло, речиси два милиона луѓе ја исполнија главната градска авенија Паулиста, но иако биле употребени 2,7 тони пиротехника, таа беше целосно тивка за да не се вознемируваат животните.

XS
SM
MD
LG