Лидерите на НАТО остануваат посветени на клаузулата за заемна одбрана, се наведува во заедничката декларација, издадена по Самитот со кој се одбележа 70-годишнината од основањето. Во соопштението објавено денеска се наведува дека остануваат посветени на членот во кој се предвидува дека нападот врз еден сојузник ќе се смета за напад врз сите членки. Во документот се наведува и потребата да се решаваат „можностите и предизвиците“ кои доаѓаат со растечкото влијание на Кина и меѓународните политики.
По дебатата која се отвори по изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон дека НАТО претпрпел „мозочен удар“ лидерите на земјите членки на Алијансата се согласија на понатамошни консултации. Американскиот претседател Доналд Трамп, пак, ја откажа најавената прес конференција. Тој во рамки на самитот беше ангажиран на повеќе седници и одговараше на новинарски прашања.
„Кога денешните состаноци ќе завршат јас се враќам за Вашингтон. Нема да има прес конференција бидејќи направивме толку многу минатите два дена“, напиша Трамп на Твитер.
Претходно медиумите објавија дека канадскиот претседател Џастин Трудо, британскиот премиер Борис Џонсон и францускиот претседател Макрон го озборувале Доналд Трамп во Бакингемската палата. Пред да го напушти Лондон, Трамп рече дека Трудо бил дволичен.
На последниот и завршен ден на самитот лидерите на земјите-членки на Алијансата одржаа три часовен состанок во луксузен хотел во близина на Лондон посветен на наоѓање на заедничка основа за улогата и иднината на западната воена алијансата формирана пред седум децении.
Пред состанокот генералниот секретар на алијансата Јенс Столтенберг го опиша НАТО како најуспешна алијанса во историја бидејќи била подготвена да се менува онака како што светот се менува.
„НАТО е агилен, НАТО е активен, НАТО се прилагодува“, рече Столтенберг.
Самит во сенка на несогласувањата меѓу сојузниците
Првиот ден од дводневниот самит вклучуваше и прием кај Кралицата Елизабета Втора во Бакингемската палата и посета на Даунинг Стрит 10 каде што е резиденцијата на британскиот премиер.
Денот помина и во сенка на несогласувањата меѓу сојузниците за воената операција на Турција во Сирија, коментарите на францускиот претседател Макрон и за трошењата за одбрана. Часови откако слета во Лондон Трамп ми возрати на Макрон дека неговите изјави се навредливи.
Пред заминувањето од главниот град на Британија турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган рече дека тој ќе се спротистави на планот на НАТО за одбрана на Балтичките земји, ако алијансата не ја поддржи Турција во нејзината борба со курдските групи во Сирија кои Анкара ги смета за терористи.
Макрон исто така повика нa сеопфатни разговори со Русија, пред самитот во Лондон по повод 70-годишнината на НАТО.
„Важно е да имаме стратегиски дијалог со Русија“, рече Макрон додавајќи дека алијансата треба да го стори тоа „со отворено очи“.
Претходно рускиот претседател Владимир Путин навести дека Русија е отворена за соработка со НАТО за заеднички закани, вклучително и меѓународен тероризам, но се пожали дека обидите за создавање поблиски врски „практично биле ограничени“.
Трамп кој ги притиска другите земји членки да ги почитуваат правилата за трошење на алијансата разговарал за ова прашање со Столтенберг кој рече дека имало вистински напредок.
Северна Македонија првпат на самит на НАТО
Инаку на овој самит на Алијансата Северна Македонија учествува првпат како поканета членка.
Столтенберг го го поздрави учеството на македонската делегација и порача дека членството на земјата е позитивен чекор за целиот регион. Тој додаде дека членството на земјата е знак оти вратите на Алијансата остануваат отворени и за други земји во иднина.
„Членството на Северна Македонија е добро не само за земјата, туку и за регионот, тоа ќе покаже дека НАТО ја остварува политиката на отворени врати“, рече генералниот секретар на Алијансата.
Формално останува пристапниот Протокол за НАТО да биде ратификуван од Шпанија и потоа и во Парламентот во Скопје за земјава и официјално да стане членка.
Премиерот Зоран Заев во изјава за медиуми по самитот на НАТО во Лондон рече дека добил лично уверување од шпанскиот премиер Педро Санчез дека Шпанија многу скоро ќе ја депонира ратификацијата на Протоколот за пристапување на земјава во НАТО.
„Овие два дена во Лондон, кога нашата Северна Македонија е претставена на највисоко владино ниво на Состанокот на лидерите на НАТО, по повод 70-годишнината од Алијансата, се остварува на сонот, заедничкиот сон за национален успех на сите наши граѓани. Иднината на Северна Македонија има адреса. На таа адреса е запишана трајната безбедност и сигурност за земјата и за граѓаните. Таа адреса е Главното Седиште на НАТО во Брисел“, рече Заев.