Пред да замине за Лондон на самитот на НАТО, претседателот Доналд Трамп ги обвини демократите во Конгресот дека се обидуваат да го посрамотат пред другите лидери на Алијансата со тоа што за оваа недела закажале расправа за негов импичмент.
Во Лондон пак, тој на средбата со канадскиот премиер Џастин Трудо изјави дека „измамата во врска со импичментот не води никаде“.
„Републиканците никогаш не биле посилни, никогаш не биле поунифицирани. Демократите полудеа“, оцени Трамп.
Во истовреме, во Вашингтон е објавен извештајот на Комитетот за разузнавање на Претставничкиот дом за истрагата за импичмент на Трамп.
„Истрагата за отповикување покажа дека Трамп, лично или преку агенти, внатре и надвор од владата се мешал во работи на странска држава, Украина, во корист на својата кампања за претседателските избори“, пишува во извештајот.
Претседателот на Комитетот демократот Адам Шиф изјави дека Трамп го попречувал текот на истрагата.
„Ги немаме сите одговори, но ова го знаеме без сомнение: претседателот на Соединетите држави побара странско мешање во нашите избори и ја искористи моќта на неговата канцеларија“.
Во извештајот се прецизира дека Трамп ја условил поканата за посета на украинскиот претседател Володомир Зеленски на Белата куќа, како и воената помош за Украина со покренување истрага поволна за него во кампањата“.
Белата куќа веднаш извештајот го оцени како „измама“, наведувајќи дека немало никакви докази против Трамп.
„Извештајот само сведочи за фрустрацијата на демократите“, рече портпаролката на Белата куќа Стефани Гришам.
За денеска е предвидено Комитетот за правосудство на Претставничкиот дом да одржи расправа за уставните основи за импичмент.
Во меѓувреме, Трамп повтори дека тој исклучиво е фокусиран врз постигнување победи во домашната и надворешната политика, вклучително и во обновата на НАТО.