Битола во земјава се вбројува меѓу градовите со најголем број на пациенти со малигни заболувања. Еден од најчестите карциноми е оној на дојката. Женската популација, најчесто од страв избегнува да прави превентивни прегледи на дојка, а отворањето на современиот Центар за дојка во Клиничката болница во Битола треба да ги поттикне жените редовно да се прегледуваат. Во последните години се намалува и возрасната граница на пациенти заболени од карцином.
Од невладините организации велат дека свеста за превентивни прегледи расте, но се уште мал е бројот на жени кои практикуваат да се прегледаат без да имаат некакви симптоми за болест.
„Од она што јас го имама како информација многу малку од жените имаат навика превентивно да се прегледуваат. Да превенираме е подобро отколку да лечиме“, вели Јулија Наумовска од НВО „Златно перо“.
„Во Битола голема е бројката на заболени лица, според последните статистички податоци е над 2000 болни од различни карциноми. Последните неколку години како да се подигна свеста кај луѓето дека треба да превенираат. Во Битола, ете, е донесен и нов мамограф на дојка да одат луѓето и да се прегледуваат на нова апаратура која долго време ја немаше. Ставот да не ги одвраќа жените да се прегледуваат“, рече Анета Димитриевска од Здружението „Јасмин“.
Битола е едно од подрачјата со најмногу заболени во земјава од карцином. Апел за редовни контроли до младата популација, да се спречи појавата и ширењето колку што може. Самите ние докажавме дека со рано откривање на болеста, таа е излечива, рече Александра Илиевска од Здружението Јасмин.
Во Клиничката болница во Битола, Центарот за дојка е опремен со најсовремена дијагностичка опрема. Набавен е најсовремен мамограф за скрининг на карцином на дојка во вредност од 120 000 евра обезбедени од ИПА проект за прекугранична соработка со Грција.
„Едно целосно зацврстување на здравствениот систем на примарно ниво, во смисла на превенција, понатаму дијагностика, ете во Битола одличен пример во Клиничката болница како се формира центар за дојка. На едно место има најсовремен мамограф, магнетна резонанса и ехо дијагностика. По соодветно упатување на пациентите од матичен лекар, тука во болницата се прави целосен преглед и дијагностика“, рече министерот за здравство Венко Филипче.
Преку проектот на Клиничката болница од оваа есен ќе се организираат едукативни работилници со цел јакнење на свеста кај жените за превенција од оваа болест, а од февруари на 200 жени од руралните региони ќе им се овозможат прегледи на дојка.
„Со докторскиот тим по 15 ноември ќе почнеме со едукативни работилници, предавања за превенција од карцином на матка и дојка. Одиме во Преспанскиот регион и Новаци. Во февруари ќе има обуки на наши доктори од страна на реномирани предавачи од Грчкиот универзитет во Солун, а потоа ќе почнеме со скринингот. Со превоз ќе ги земаме пациентите од помалку пристапните региони и ќе ги носиме во болницата на преглед. Околу 200 пациенти ќе добијат здравствена услуга“, рече Билјана Христовска, координатор на проектот.
Најавено е дека во тек е инсталација на акцелераторот во Клиничката болница со што пациентите од рак наскоро треба да добијат и зрачна терапија во Битола.