Достапни линкови

Мора да се зголеми финансирањето на науката


Универзитет Свети Климент Охридски во Битола
Универзитет Свети Климент Охридски во Битола

Науката не е јавна потрошувачка, туку капитална инвестиција, порача проректорот за наука од Битолскиот универзитет. Тој вели дека за да се развива науката мора да има подмладок во научните кругови, а на Битолскито универзитет асистентите се само 10 проценти од професорскиот кадар.

Инвестирањето во науката и општо во образованието се капитална инвестиција, а не јавна потрошувачка, вели проректорот за наука на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола, проф. д-р Игор Неделковски. Тој признава дека не само кај нас, туку и во други држави од опкружувањето, па и поразвиени земји науката е на маргините.

„Во Македонија тоа е рак рана и тоа го зборуваме од осамостојувањето секоја година до денес. Мора да се зголеми финансирањето на науката, да се сфати дека иновациите се поврзани со научни истражувања. Многу малку иновации се со еурека ефект, иновациите и економијата се базирани на наука. Науката не смее да се третира како јавна потрошувачка, туку како капитална инвестиција“, изјави Неделковски.

Игор Неделковски и Методија Атанасовски, професори на Битолскиот универзитет
Игор Неделковски и Методија Атанасовски, професори на Битолскиот универзитет

Проректорот посочува дека за да се развива науката мора да има подмладок во научните кругови и универзитетите.

„За да се развива економијата базирана на знаења мора да има кадар. Прво научен подмладок. Тоа е уште поголем проблем, имавме статистика од истражување дека на нашиот Универзитет асистентите се само 10 проценти од професорскиот кадар. Треба да разбереме дека науката е меѓународна, нема локална наука. Ако некој рече дека е локална, тогаш е таканаречена фејк наука. Мора да има средства за меѓународни конференции, за трошоци, а тоа се средства кои се кратат поради инфраструктурни инвестиции “, рече Неделковски.

Како пример за научно истражување од европски размери е посочена вклученоста на Техничкиот факултет од Битола во проектот „Зајакнување на преносните системи за електрична енергија во регионални граници“. Факултетот од Битола учествува во конзорциум од 19 европски институции.

„Целта е регионот на Југоисточна Европа да го фати чекорот со европските текови од аспект на пазарите на електрична енергија и интеграцијата на обновливите извори во регионот. На крај како краен ефект што треба да се постигне во иднина е единствен европски пазар на електрична енергија. Северна и Западна Европа се доста понапред на оваа тема, а регионот на Југозападна Европа поради некои регулаторни и административни пречки се уште каска. Најчесто се регулаторни пречките и треба да се усогласиме со европското законодавство“, рече Методија Атанасовски, професор на Техничкиот факултет во Битола.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG