Достапни линкови

Европски ќор-сокак за руска прегратка?


Руска алтернатива за азиска перспектива?
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:39 0:00

Руска алтернатива за азиска перспектива?

И 20 дена по недобивањето датум од ЕУ за Македонија и Албанија, реакциите не стивнуваат, а прашањата се се побројни. Она што најмногу се издвојува во јавноста, во политичките кругови и во стратешките анализи, велат експертите, е: Кои ќе бидат геополитичките позиции на Москва која, освен поканата до Македонија за членство во Евоазиската економска унија, се уште загадочно молчи.

Предупредувањата од политичарите од запад и од регионот, и оние од пред последниот Самит на ЕУ, кога беа одбиени Македонија и Албанија, и тие од сега, речиси се идентични, а дел од експертите и директно прашуваат: Дали некој го турка Западен Балкан во руска прегратка?

„ЕУ со својот ќор-сокак по прашањето за проширување практично ги турка земјите од Западен Балкан кон руската „прегратка“, за на крајот да ги обвини тие земји за блиските односи и соработка со Русија“, стои во најновата анализа на словенечкиот Меѓународен институт за блискоисточни и балкански студии.

Палмер за руската врата, Рикер за загриженоста од малигните влијанија

Најсвежи се предупредувањата од специјалниот американски претставник за Балканот, Метју Палмер, кој рече дека недоделувањето датум е отворање врата за Русија, како и предупредувањето од американскиот заменик-помошник државен секретар Филип Рикер, кој, во интервју за Радио Слободна Европа, рече дека „има такви кои би се вмешале во земјите од Западен Балкан за да предизвикаат нестабилност, бидејќи стабилноста не им одговара на нивните негативни интереси и дека САД се загрижени поради тоа.

„Загрижени сме. И порано видовме каков ефект имаат тие малигни влијанија. Државите од Западен балкан јасно кажаа дека правецот во кој сакаат да одат е Запад и дека сакаат да бидат дел од европските институции кои водат кон просперитет“, рече Рикер во интервјуто за РСЕ.

САД се загрижени што Скопје и Тирана не добија датум за преговори со ЕУ
please wait

No media source currently available

0:00 0:06:20 0:00

Москва ја користи шансата, Заев категорично одби

Иако речиси секогаш молчи, Москва веднаш ја искористи шансата, велат експертите, посочувајќи експресната покана до Македонија и Албанија за членство во Евроазиската економска унија под палката на Русија. Поканата дојде од постојаниот претставник на Русија во ЕУ, Владимир Чижов.

„Сигурен сум дека овие земји, кои се кандидати за членство во ЕУ и неодамна се ставени на „мраз“ во Брисел, може да најдат повеќе разбирање во ЕЕУ“, рече рускиот дипломат, само неколку дена по одлука на францускиот претседател.

Досега единствена европска држава којашто е дел од ЕЕУ е Белорусија, а покрај неа, дел од сојузот се и Русија, Ерменија, Казахстан и Киргистан.

Од македонската Влада, ден потоа, стаса и одговорот.

„Нема таква покана, ако стигала веројатно има некаква одбранбена мембрана, ѕид околу Владата па тешко да стигне до нас таква покана. На памет не ни паѓа за таква работа. Не, нема таква покана и се надевам дека нема да стигне таква покана“, рече премиерот Зоран Заев.

Аналитичари: Обиди ќе има, ама не и прегратка

Домашните аналитичари се согласни дека недобивањето датум од ЕУ е шанса за руските интереси, но дека владата нема да го смени курсот.

„Рускиот опортунизам веќе се покажа и тие веднаш понудија некаква замена за ЕУ во нивната Евроазиска унија со Казахстан, Белорусија... Мислам дека нема да остане само на покана и дека можеме да очекуваме нови акции од Москва, сеедно дали ќе бидат официјални од Кремљ или неофицијални од негови поддржувачи кај нас. Но, европскиот пат на нашата држава нема да се смени“, вели политикологот Симеон Костадиновски.

Дека Македонија нема да отиде во руска прегратка се сложува и универзитетскиот професор Никола Дујовски.

„Ние сме далеку од руската прегратка, ние немаме никакви посилни односи со Русија и со другите земји од Евроазиската унија. Простор за соработка секогаш има, но нашиот пат оди по на запад од Москва“, вели Дујовски.

Еуроактив: Макрон не сака да ја провоцира Русија

Пред поканата од Чижов, можеби најдиректен за руската нишка во европското НЕ за Македонија беше порталот „Еуроактив“.

„Францускиот претседател Емануел Макрон веќе размислува за претседателските избори во 2022. Тој, исто така, се труди да не ја провоцира Русија, која е незадоволна од ширењето на ЕУ кон територии каде има свое влијание, како што се Србија, Црна Гора и Северна Македонија. Црна Гора веќе е членка на НАТО. Македонија се надева дека ќе биде следната членка на почетокот на 2020 година, додека Србија нема планови да се приклучи кон Алијансата“, објави Еуроактив, повикувајќи се на свои дипломатски извори во Брисел.

Шпигел: Неизвесен е европскиот пат ако на власт во Македонија дојдат националисти

Дел од западните медиуми, покрај анализите за отворање на врата за Русија, во своите анализи ставаат и можна неизвесност за европскиот пат на Македонија по недобивањето датум и претстојните предвремени избори.

„Политичките последици од одбивањето можат да бидат сериозни и многу европски лидери го оценија потегот како историска грешка. Ако националистите повторно дојдат на власт во Северна Македонија по предвремените избори на пролет, патот на земјата ќе стане непредвидлив“, коментира германскиот весник „Шпигел“.

Борисов: Ќе има и влијание од Русија и џихадисти

Во слична насока беше и предупредувањето на бугарскиот премиер Бојко Борисов, кој на само неколку часа пред Самитот на ЕУ рече дека ако на Македонија и на Албанија не им се даде европерспектива, постои опасност од руско, кинеско и турско влијание во регионот, па дури и опасност од џихадисти.

„Одбивањето би било тежок удар за народите на двете држави кои заслужуваат да им биде дадена европерспектива. Ако ЕУ ги одбие Скопје и Тирана, ќе има џихадисти и влијанија од Русија“, изјави Борисов пред почетокот на Самитот на ЕУ на кој се одлучување за доделувањето датум за Македонија.

XS
SM
MD
LG