Достапни линкови

Западен Балкан глув на алармот за дезинформации


Балканот без имунитет за руски дезинформации
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:40 0:00

Балканот без имунитет за руски дезинформации

Годинава бројот на руски дезинформации во Западен Балкан, а со тоа и во Македонија, се удвоил, иако 2019 беше означена за година на борба против дезинформациите, а Европарламентот дури изгласа и резолуција како предупредување. Но, остана ли некој глув на овие предупредувања?

Русија, која е најголем извор на дезинформации, годинава двојно ги удвоила своите напори, па од почетокот на годинава досега се забележани речиси 1.000 случаи на дезинформации поврзани со Русија, наспроти вкупно 434 случаи во 2018 година, предупреди неодамна Европскиот парламент (ЕП). Поради тоа, набрзо по објавувањето на извештајот, европратениците со 469 гласа „за“, 143 „против“ и 47 воздржани изгласаа резолуција за борба против лажните вести и вмешувањето во изборите, предупредувајќи дека обидите да се влијае врз процесот на донесување одлуки во ЕУ ги изложува на ризик европските демократски општества.

„Странското мешање има систематски пристап, односно преку кампањи на социјалните мрежи, кибернапади на инфраструктурата поврзана со изборите или преку финансиските поддршка на политички партии во сите големи национални или европски избори. Придобивка од ваквото мешање имаат анти ЕУ силите и екстремистичките и популистичките кандидати“, предупреди Европарламентот во својата најнова резолуција на оваа тема.

Остана ли некој глув на предупредувањата?

Покрај посочувањето на Русија како главен извор на дезинформации во ЕУ, Европскиот Парламент ги осуди и „агресивните акции“ од земји вон Европа што сакаат да го поткопаат суверенитетот на кандидатките за ЕУ во Западен Балкан и од Источното партнерство.

Европската Комисија во декември 2018 година објави Акциски план за борба против дезинформациите, во контекст на податокот дека до крајот на 2020 година, во земјите-членки на ЕУ треба да се одржат над 50 претседателски, парламентарни, локални или регионални избори.

На ваквите резултати за оваа година, предупредуваше британскиот експерт за интернет и политика и извршен директор на тинк-тенк организацијата „Веб рут демокраси“, Арик Чоудари. Тој наиде на остри критики од Русија кога анализираше дека војната се разгорува и со лажни вести, руски ботови и манипулации и дека 2019-та ќе биде година на дезинформациска војна со Русија во главната негативна роља.

Кои се слабите алки?

Тој, но и бројни странски и македонски аналитичари, меѓу слабите точки ги посочија и интернет медиумите и слабата медиумска писменост на нивната публиката, односно нејзината неможност да препознае дезинформација.

Илија Џугуманов од Евро-атлантскиот институт на Македонија, вели дека интернет публиката секојдневно се соочува со разни вести, но дека медиумската писменост не е доволно развиена кај сите.

„Лажните вести имаат големо влијание врз креирањето на јавното мислење. Луѓето секојдневно се среќаваат со голем број информации за кои најчесто или немаат селекција или немаат подлабока анализа дали тие вести се поткрепени со факти. Според едно наше истражување како организација, заедно со Глобсек, а ако дел од проектот насловен 'Борба против дезинформациите во централна и источна Европа', младите се свесни дека секојдневно се соочуваат со вести кои во позадина немаат никаква издржаност, никакви факти, но сепак нивната медиумска неписменост и немањето алатки прават младите да не можат да бидат имуни на вакви модерни трендови“, објасни Џугуманов за Радио Слободна Европа.

Предупредувањата не се од вчера. И институции и експерти испраќаа пораки, како таа од лани на британскиот експерт Чодари, дека публиката е безгрижна во несигурноста дали е подложна на дезинформациски напади.

„2019 ќе биде значајна година во дезинформациската војна. Токму сега, другата страна изгледа посилно, поискусно, поспособно“, предупреди Чодари и додаде дека граѓаните треба да станат критични аналитичари на информациите, да се сомневаат повеќе и да веруваат помалку, а најмногу од се – да го проверуваат тоа што го читаат.

XS
SM
MD
LG