Достапни линкови

Даница Стојанова со пијано рецитал на „Златна лира 2019“


Со дела од македонските автори Аврамовски, Андреевска, Зографски и Коларовски, и од класикот Фредерик Шопен, овој петок, на 18 октомври од 20 часот, во Музеј на македонската борба во Скопје, во рамките на фестивалот „Златна лира“, ќе настапи пијанистката Даница Стојанова.

По настапот на годинешното „Охридско лето“ и успешниот рецитал во Рим за Денот на независноста, македонската пијанистка со меѓународна репутација Даница Стојанова, ќе се претстави и на актуелното 13-то издание на „Златна лира“, фестивалот што како организатор го потпишува Сојузот на музичките уметници на Македонија. На програмата на концертот што ќе се одржи овој петок, на 18 октомври од 20 часот, во Музеј на македонската борба во Скопје, се дела за пијано од македонските автори Ристо Аврамовски, Јана Андреевска, Томислав Зографски и Гоце Коларовски, како и од големиот полски композитор и виртуоз на инструментот Фредерик Шопен. Генијот за кого Стојанова пред две години ја објави книгата „Фредерик Шопен - поетот на музиката“.

- Не познавам друг начин како би се претставила себе, мојата музика и мојата земја освен преку изведба на делата од македонското музичко класично творештво. Делата од Зографски, Аврамовски, Коларовски и Андреевска ги имам изведено на повеќе европски сцени и среќна сум што публиката пројавува посебен интерес за таа музика. Освен македонската музика, вечерва ќе ја изведам Сонатата "Спомени" од Н. Медтнер, еден од последните руски романтици на 20 век и секако музика од поетот на пијаното Ф. Шопен, вели во пресрет на концертот Стојанова.

Родена во Струмица, Даница Стојанова основното музичко образование го завршува во градот под Беласица во класата на Софија Вета. Патот потем ја води во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје кај проф. С. Пановска, а паралелно соработувала со професорите Д. Трбојевиќ и Арбо Валдма на Музичката Академија во Белград, Србија. Таму ги завршува студиите по пијано во класата на проф. Јокут Михајловиќ, а потоа магистрирала на Факултетот за музичка уметност во Скопје.
Активно учествува на Интернационалните музички академии по пијано во Белгија, Русија, Бугарија, Мароко, Германија, Холандија каде работела со светски познати педагози како Жени Захариева, Акил Дел Вињ, Жак Рувие, Људмила Рошчина, Хериберт Кох, како и на мастер класите по камерна музика во Суздаљ, Русија каде црпела знаења од Гајдамович, Сашико Кодама од Јапонија и други авторитети.
Стојанова денес е еден од најреномираните професори по пијано и камерна музика ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ и редовно постигнува високи резултати со своите ученици на домашната и меѓународната сцена. Член е на жири комисии на престижните натпревари по пијано и камерна музика во регионов ( Македонија, Србија, Бугарија, Косово). Држи мастер класи за пијано во земјава, Малезија, на Косово, како и стручни предавања на Меѓународните фестивали какао Шопен Фестивал во Белград, ЕПТА во Скопје, Шопен Фестивал во Куала Лумпур и други.

Како солист има настапувано со Македонската филхармонија и со Видинската филхармонија од соседна Бугарија. Соработувала и со уметниците Благоја Ангеловски, Анастазија Низамова, Ана Дурловски, Олег Контраденко и Роберт Цеков. Освен во татковината со полурецитали и целовечерни концерти настапувала и во Бугарија, Украина, Турција, Малезија, Германија, Холандија, Франција, Италија, Косово, Србија, Италија и во САД. Членка е на Меѓународната асоцијација на пијано дуо во Токио, Јапонија.
За своето делување Даница Стојанова е добитничка на бројни награди како Најдобар уметнички пијано соработник на 22–от меѓународен натпревар „Музиката и луѓето“ одржан во 2004 година во Софија, награда за едногодишна успешна работа во областа на музичката педагогија доделена од страна на Музичките и балетски педагози на Македонија три години подоцна, награда за одлични педагошки достигнувања во Бугарија во 2009, награда за повеќегодишна успешна работа во областа на музичката педагогија, како и награда за едногодишна успешна работа од областа на уметноста „Св. петнаесет Тивериополски маченици“ на Општина Струмица во 2016 година.
Годинава по повод 85 години од раѓањето на композиторот професор Томислав Зографски Стојанова доби и специјално признание од Фондацијата „Томислав Зографски“, за посветеноста на музиката и уметноста и бројните концерти ширум светот, за промоција на творештвото на Зографски и македонското музичко творештво кои се дел од македонското културно наследство.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG