Достапни линкови

„Ќе се разбудам ли пак“ во чест на мистичниот Коларовски


„Ќе се разбудам ли пак“ е насловен концертот што Филхармонија под диригенство на маестро Сашо Татарчевски ќе го одржи овој четврток на 17 октомври и на кој ќе бидат изведени дела од Дебиси, Копланд и Коларовски. Солисти ќе бидат басот Владимир Саздовски и шпанскиот кларинетист Пабло Бараган.

По само две недели од фантастичниот почеток на новата сезона насловена „Моја бесмртна љубов“, кога беше изведена музичката поема „Така зборуваше Заратустра“, антологиското дело на Рихард Штраус, по што следуваше исклучително успешната турнеја во Израел, Филхармонија со нов концерт што треба да го разбуди љубопитството на бројната публика. Во редовниот термин, во четврток на 17 октомври од 20 часот, македонските филхармоничари ќе се искачат на сцената и под диригентство на маестро Сашо Татарчевски ќе го свират проектот „Ќе се разбудам ли пак“.

Насловот инаку е извлечен од истоимениот вокален циклус на македонскиот композитор Гоце Коларовски (1959-2006), чија „Симфонија“ ќе биде дел од програмата на овој концерт. Со нејзината изведба Филхармонија, онака како и што доликува, ќе одбележи 60 години од раѓањето на овој значен македонски композитор. Музичкиот опус на Коларовски е автентичен и препознатлив и во него доминира суптилен израз кој вешто ротира околу современата естетика изградена на интересни созвучја. Звукот во делата на Коларовски речиси секогаш е проткаен со своевидна мистика, специфична оркестрација и особен акцент на динамиката и музичкиот колорит. Симфонијата за оркестар, солист и ансамбл баритони е негова дипломска работа и во неа можат да се почувствуваат никулци на она што подоцна во своето творештво ќе го развие како автентичен музички израз и јазик.

Како солист во изведбата на ова дело ќе настапи басот Владимир Саздовски, како и ансамблот баритони при хорот „ПроАрс“.

Во вториот дел, пак, едно подруго ќе бидат изведени Концертот за кларинет и оркестар од Арон Копланд и „Прва рапсодија за кларинет и оркестар“ од францускиот композитор Клод Дебиси во кои како солист на кларинет ќе настапи исклучителниот шпански кларинетист Пабло Бараган.

„Со музиката може да се каже нешто што не може да се изрази поинаку. Музиката ги прави нематеријалните работи опипливи и тие допираат на посебен начин“, знае да каже Барагон, добитникот на наградата за Млад солист 2013 и младиот кларинетист кој своето рецитално деби го направи на Фестивалот во Луцерн.

Неговите изведби критиката ги опишува како диференцирани, елегантни и совршено нијансирани. „Тој сака да раскажува приказни, да пренесува емоции и да создаде своја палета на бои“.

За него, уметноста е постојан извор на инспирација. Почнал да свири пијано на четиригодишна возраст, потоа саксофон, пред да го пронајде својот „инструмент“ - кларинетот. Учеството во младински оркестри и камерни музички ансамбли на Конзерваториумот во Севиља каде што ги почнал студиите се дел од развојот на неговото музичко патување, за потоа да стане дел од Фондацијата „Баренбоим-Саид“ во Берлин.

Член е на „Оркестарот на Западно-источниот диван“ кој го води токму славниот маестро Даниел Баренбоим. Во 2009 со стипендија од Фондацијата Каја студира на Музичката академија во Базел. Љубопитноста на Бараган ќе го натера да открива нови перспективи во музиката и тој ќе стане член на повеќе оркестри во Шпанија, Германија и Швајцарија, како и дел од камерни ансамбли, се разбира, настапувајќи и како солист на престижни фестивали меѓу кои на „Марта Аргерич Фестивал“, „Мењухин фестивал“, „Јанг Еурокласик Берлин“...

Една од неговите соработки со истакнати уметници значеше и објавување на неговиот извонреден деби албум снимен во соработка со Хуан Флориста на пијано и Андреј Ионита на виолончело.

Маестро Сашо Татарчевски

Сашо Татарчевски е роден во Битола каде се здобива со основно и средно музичко образование. Дипломирал и магистрирал на ФМУ во Скопје на катедрите за хорско и оркестарско диригирање а посетува и мајсторски курсеви во Њујорк, Рим, Москва, Берлин, Фиренца, Санкт Петербург и Сартеано.

Како диригент раководел различни ансамбли вклучувајќи ги тука Македонската филхармонија, Оркестарот на МОБ, Симфонискиот оркестар на ИКО – Рим, Симфонискиот оркестар на Ермитаж од Санкт Петербург, Битолскиот камерен оркестар, Битолската опера, Симфонискиот оркестар на Битолско културно лето, Солисти на ФМУ, Симфонискиот оркестар на ФМУ, ансамблите за современа музика „Алеа“ и „КонТемпора“, Мандолинскиот оркестар при МКЦ и други камерни и симфониски состави. Во моментов работи како професор на ФМУ по група предмети од областа на диригирањето и диригент на симфонискиот оркестар и мешаниот хор „Драган Шуплевски“, како и уметнички раководител на Женскиот младински хор при МКЦ и професионалниот мешан хор „Про Арс“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG