Достапни линкови

Скопскиот џез фестивал посилен од кога било


Со одбележувањата на 50-годишнините од постоењето на култната германска издавачка куќа ЕCМ и на прочуениот американски состав Art Ensemble of Chicago, со музичари како Фред Фрит, Дејвид Торн, Ануар Браем и низа придружни програми, од 17 до 20 октомври, ќе се одржи 38 Скопски џез фестивал.

На земјата во која од поодамна еден од главните национални „спортови“ е да се работи на уништување на успешните, на оние кои и го слават името и се почитувани во светот, ако сакате поточно - на македонската култура, по 38 пат ќе и се случи Скопскиот џез фестивал, една од најсилните и не само музички манифестации во дадениов простор и пошироко.

Истата онаа која само пред неколку месеци беше покривана со пепел во јавноста од поединци и од „душегрижници“ во институциите. Која сосема непотребно беше доведувана во позиција да го брани од „бирократите“ и „големите стручњаци“ она што и не треба, практиката со која го гради своето име и се (не) потврдува глобално.

Ќе и се случи не само „уште едно квалитетно издание во низата“ на Скопски џез фестивал туку, ајде нека биде и храбро кажаново, веројатно едно од програмски и концепциски најсилните. Најквалитетните. Прецизно обмислените до најмала ситничка ( впрочем погледнете го годинешниот визуелен идентитет на Зоран Кардула кој е во дослух со востановените стандарди и досегашната традиција). Слика и прилика не на финансиската моќ на манифестацијата, туку на неоспорното знаење, децениски акумулираното искуство, бескомпромисноста, ако сакате дури и инаетот на потписниците во истерувањето на својата приказна и најмногу во вербата за тоа како треба да изгледа еден светски, дефинитивно светски џез фестивал. Со сите нишани кои и на прв поглед го издвојуваат од мнозина глобално слични и работени со многу повеќе финансиска удобност. Притоа воопшто да не зборуваме и натаму за старата болка - несоодветни концертните простори, останатата логистика, лошите авионски врски...и се друго што и натаму „успешно“ ќе се тера на мускули и ќе биде „одлика“ на феноменот.

Значи, акцентот во случајов е програмата која функционира на неколку нивоа. И натаму да се потпира на квалитетот и на вистинските вредности а не на комерцијалната истрошеност и поводливост, нив нагласено да ги чествува, да информира и едуцира за современите текови на импровизираната музика и творечки слободарската мисла, да ги промовира овдешните усилби во овој домен, да понуди и пресек на придружните пројави кои се фокусираат на џезот но им припаѓаат на другите уметности ( филмот, фотографијата...) и да донесе можност за едно неделно пожелувано бегство од овдешните турбо-политичко-забавни излитени матрици чија погубност е далекусежна, а честопати се наметнуваат како единствената опција.

Art Ensemble of Chicago
Art Ensemble of Chicago

А, кога сме веќе тука, Скопскиот џез фестивал годинава својата исклучително силна програма ја потпира на два темелни постулати – специјалниот фокус врз култната германска издавачка куќа ECM Records, чии артисти како Јан Гарбарек, Дејв Холанд, Еберхард Вебер, Вадада Лео Смит, Чарл Лојд, Нилс Петер Молваер и мнозина други... и досега сме ги имале, но која во случајов ја одбележува 50-годишнината од постоењето и своето делување во пошироки рамки. И, кон тоа уште еден голем и значаен јубилеј – петте децении на еден од најзначајните, највлијателните и најреволуционерните бендови на 20-от век Art Ensemble of Chicago, кои предводени од основачите Роско Мичел и Дон Мои, годишнината ќе одбележат со светска славеничка турнеја, чиј европски дел ќе кулминира со перформансот во Скопје.

Инаку, Фестивалот на 17 октомври во НОБ ќе започне со две легендарни гитаристички имиња – Дејвид Торн, за кого се вели дека е „ден од најживописните и најимагинативни композитори и иноватори на инструментот во последните 40 години и омилениот гитарист на Дејвид Боуви“, и „ултимативниот гитарски херој, неприкосновениот иноватор, композитор и импровизатор“ Фред Фрит, кој овојпат по оној фантастичен солистички концерт во Камерната сала на Филхармонија од февруари минатата година доаѓа со своето трио.

Дејвид Торн
Дејвид Торн

Веќе следниот ден, во петок на 18 октомври, во истиот простор најнапред е планиран по прв пат кај нас да свири Ануар Браем, „тунискиот волшебник на ут, автентичниот визионер и една од најголемите ѕвезди на дискографската куќа ECM“. Тој придружуван од својот интернационален квартет ќе се нурне длабоко во срцевината на Ориентот и Медитеранот, едновремено прославувајќи ја првата декада од објавувањето на својот денес „класичен“ албум - „The Astounding Eyes Of Rita“. Веднаш потоа, во идентична формација и со сета топлина на музиката на југот ќе настапи грчкиот мајстор на лира Сократис Синопулос. Во неговите творби, како што се вели, „се испреплетуваат фолклорните форми, византиската и класичната музика, како и бројните облици на импровизација и џез“.

Третата вечер, во пресрет на големиот славенички концерт на Art Ensemble of Chicago и новите средби не само со Мичел и Мои, туку и со еден куп млади и потентни инструменталисти, ќе свири Јон Балке, норвешкиот пијанист, клавијатурист, композитор, аранжер и перкусионист, кој во случајов „во едно специјално, ексклузивно издание“ ќе ни го претстави сопствениот исклучително интересен и оригинален проект „Batagraf“.

Ануар Браем
Ануар Браем

И конечно, на 20 октомври на последниот фестивалски ден, отворањето ќе биде со контрабас рециталот на француската импровизаторка и композиторка, една од најдоминантните фигури на современата европска музика Жоел Леандре (кино „Фросина“ од 18 часот), потем следува настапот на Торд Густавсен, најпоетичниот пијанист на денешницата со неговото трио, и за спуштање на завесата концертот на квинтетот на новата голема американска саксофонистичка ѕвезда Џејмс Брендон Луис, обата во Салонот на НОБ.

Но, сево ова е само главниот дел на оваа умно замислена (суб)културна авантура. Интегрални и не помалку важни нејзини сегменти се и диџеј сетот на италијанскиот иновативен џез ентузијаст Никола Конте, концертите на домашните ECM вљубеници Next To Silence (16 октомври, 22 часот – кино „Фросина“) и еклектичниот МАГИЧЕН ОРКЕСТАР на Џијан Емин (19 октомври, 24 часот или нешто после полноќ – во Дансинг салата на МКЦ). Тука се и филмската проекција на документарниот филм посветен на ECM и нејзиниот идеен творец Манфред Ашер - „Sounds and Silence: Travels with Manfred Eicher“, промоцијата и презентација на прекрасната книга „Cloud Arrangers“ на нам добро познатиот словенечкиот фотограф и автор на фотографиите на календарите за Скопскиот џез фестивал - Жига Коритник, како и доделувањето на наградата „Златен Орикс“ за најдобар млад џез-музичар во 2019 година планирано за вовед во случувањата на 15 октомври во клубот МКЦ.

Џејмс Брендон Луис
Џејмс Брендон Луис

И, уште нешто и натаму ќе остане отворена долгогодишната желба на организаторот во Скопје конечно да го донесе великанот Кит Џерет (но, притоа да не си игра со концептот едно скапо име и „збирштина“) , а добро е што не го следеше примерот на братските и несомнено големи фестивали на Скопскиот програмата како куратор да му ја довери на авангардниот, но прескап американски саксафонист, композитор и продуцент Џон Зорн како што тоа веќе го сторија во Сараево и во Љубљана.

И, не заборавајте време е за џез. Дајте си можност да излезете барем на кратко од обичноста на ваквото живеење и да и се препуштите на слободата и моќта на музиката. На со ништо неусловеното творештво.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG