Достапни линкови

Скопскиот блуз на малтешкиот поет Имануел Мифсуд


„Скопски блуз и други песни од Македонија“ е насловена книгата од малтешкиот книжевник Имануел Мифсуд, што како издание на Академски печат се појави летово. Препевот на песните го стори Елена Пренџова, а авторот знае да каже дека повеќето негови песни во збирката се меланхолични.

Имануел Мифсуд е прозаист, поет, драмски писател и преведувач, еден од најнаградуваните малтешки автори во својата земја и во странство. Неговиот роман „Во името на Таткото (и Синот)“ ја освои Наградата за литература на Европската Унија во 2011 година. Овој роман беше преведен на македонски јазик во 2015 година, не многу по неговиот втор студиски престој во земјава. А, интересно е и тоа што Мифсуд, инаку професор на Државниот универзитет, во тој период започнал да ги испишува и стихови за неговата актуелна објава „Скопски блуз и други песни од Македонија“, што како издание на Академски печат, беше промовирана на штотуку завршеното Скопско лето. Препевот на песните е на нашата Елена Пренџова, која книгата на својот колега ја опишува како „географско-интимистичка карта на улиците по кои минуваме замижани, на градбите кои махинално ги одминуваме, за доживувањата што само ги животариме под вијание на животната рутина, на чувствата што ни се длабоко закопани поради потрагата по далечното егзотично“.

„Некои од градовите што ги посетувам, не сите се разбира, на некој начин и од некоја и за мене нејасна причина ме инспирираат да пишувам поезија. Да ги опевам. Скопје е еден од тие градови. А оваа книга ја насловив „Скопски блуз...“, затоа што Скопје е многу познато во светот по својот џез фестивал, но исто така и поради тоа што знаеме дека блузот е музика на меланхолијата. А повеќето мои песни се меланхолични. Се разбира тука се и песните за другите градови од Македонија што имав можност да ги посетам и со кои остварив еден вид емотивни релации. Познанства“, вели Имануел Мифсуд.

Тој дополнува дека Скопје не го смета за меланхоличен град, туку само за нему поинаков град. Дека се зависи од моментот на обсервација

„Начинот на кој јас ја гледам една личност е различен од оној на кој вие тоа го правите. Исто е и со градовите. Затоа и не мислам дека Скопје е меланхолично место, но мојот однос со градот беше меланхоличен. Од таму некоја друга особа може да го има истиот пристап на градот. На истите улици, на бистите, на плоштадите, но сето тоа може да биде и комплетно различно. Мојот впечаток за градот, и не само за градот туку и на градот, тогаш беше тажен“, вели рој.

Имануел, појаснува дека кога прв пат дошол во земјава, некаде во 2014 година, го прашал неговиот домаќин за политичката ситуација и условите за живот во Македонија. Го запомнил и неговиот одговор „дека не е розова“ затоа што младите си заминуваат разочарани од реалноста. Дека заминуваат со идеја да побараат подобра иднина за себе и за своите семејства. Вели дека мнозина такви сретнал и на Малта кадешто постои голема македонска иселеничка заедница. И ваквото сознание во него ја разбудило тагата бидејќи, според него, кога некој ќе одлучи да си замине од родното огниште тоа е голема, жална работа.

„Не се напушта домот од забава. Луѓето си одат од татковината затоа што веројатно и немаат услови за да живеат како што доликува. И самиот доаѓам од земја во која имиграцијата е долго горлив проблем. Во основа секое семејство на Малта има по некој член кој морал да ја напушти земјата. Јас самиот на пример имам тројца браќа кои мораа да се отселат во Австралија. Затоа можам да разберам оти и самиот сум го поминал тоа. И добро разбирам кога некој ќе ми каже што значи кога младите ја напуштаат земјата. Тоа нималку не е добар знак. И притоа воопшто не е важно кој е виновникот, туку како државата да се справи со тој проблем. Во мигот кога Малта економски се стабилизира, имиграцијата запре. Оние кои заминаа во средината на 1940 и во наредната декада никогаш нема да се вратат, но сега младите одат во светот само во потрага по различен начин на живот. Ќе ги снема на неколку години и потем се враќаат. Затоа мислам дека во основа се работи за прашањето како да се креира иднина за генерациите коишто допрва доаѓаат“, вели тој.

​Конечно, говорејќи за своето творештво и идните зафати Мифсуд истакнува дека оваа колекција на стихови „Скопски блуз и други песни од Македонија“ е дел од поголемиот проект што тој го работел во Ла Валета во 2016 година. Дополнува дека потем му излегле и неколку други книги од кои дел биле преведувани. Така во јуни годинава промовирал две изданија во Белград, соседна Србија, и продолжува да пишува и често да патува. И натаму, како што забележува, се труди да ја најде инпирацијата во градовите во коишто престојува.

„Како што реков на промоцијата, кога и да одиш некаде, освен ако немаш цврсти планови секогаш си помислуваш ова може да е последен пат да му сум овде. Каде и да одам, секогаш ја имам оваа мисла, особено кога престојот ми е при крај. Зошто? Бидејќи не можеме да ја предвидиме иднината, затоа велам „може“ да ми е последен пат, но не е дефинитивно. Секогаш постои тоа чувство на заминување и несигурност дека ќе се вратиш. Како морскиот галеб. Редовно го кажувам овој пример. Имате птици кои мигрираат, и имате други кои не мигрираат. Јас мислам дека сум таков, морам да заминувам од мојата земја, за да после се вратам“, вели тој.

Тоа е потреба, бидејќи кога живееш на мал остров каде што се среќаваш со луѓе кои ги познаваш и се чувствуваш загушено. Затоа имаш потреба да заминеш. Имаш потреба да си непознат, да си никој, да си анонимен, а тоа се случува кога одиш во голем град каде ретко кој те познава.

„Некогаш имам потреба од такви патувања, но секогаш се враќам бидејќи тоа е мојот дом“, вели Имануел Мифсуд.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG