Достапни линкови

Скопски февруарски (суб)културен поход


Algiers
Algiers

ALGIERS – еден од најактуелните нови светски рок бендови и Фестивалот на независна домашна музика „Земјотрес“ на 2 и 3 февруари во Младински културен центар, а зимското издание на „Скопје синема сити“ во Кинотека на Македонија. Тоа е ултимативната викенд понуда за претстојниот викенд.

На (суб)културно Скопје и на македонската публика, едно по друго, во деновите (или ако милувате ноќите) од првиот викенд во февруари, ќе им се случат неколку несекојдневни настани кои несомнено ја крепат идејата за нормално урбано живеење. Нешто што е чиста спротивност на дивеењето на ордите поклоници на сеприсутниот турбо-патос и што од Балканот, барем само за момент, прави сепак пристојно место за опстојба во глобални рамки.

Хронолошки гледано, в петок на 2 февруари во Младински културен центар ќе имаме можност да го проследиме концертот на ALGIERS – еден од најактуелните нови светски бендови, ден потоа во истиот храм на домашната алтернатива ќе се обистини шестото издание на фестивалот на независна музика „Земјотрес“, а во Кинотека на Македонија во двата дена ќе биде распослана репризата на дел од програмата на фестивалот на музички документарци „Скопје синема сити“, филмови што неизоставно и од „хигиенски“ причини треба да бидат видени.

Но да тргнеме со ред.

ALGIERS се „политички трезвен рок бенд“ што оптстојува и делува на релација Атланта - Њујорк - Лондон и кој во својата музика комбинира елементи на пост-панк и но-вејв со блуз, госпел, па дури и рана индустриска музика. И кога би влегле малку подлабоко, пејачот Френклин Џејмс Фишер, басистот Рајан Мехен, гитаристот Ли Тишчи и тапанарот Мет Тонг, во овие наши времиња се бават со навистина горливи теми. Тие несомнено не можат да се помират со наново разбудениот фашизам, расизмот, колонијализмот, суровоста на модерното живеење и со растечката отуѓеност.

Впрочем, сето тоа е евидентно документирано на нивните две албумски објави – првата со името на бендот (издание на Матадор од 2015 година) и актуелниот „The Underside of Power“ (овде како како продуценти се јавуваат Адриан Отли (PORTISHEAD) и Али Чент, материјалот го миксал Рандал Дан од SUNN O, а со постпродукцијата се бавел Бен Гринберг – THE MEN, HUBBLE и UNIFORM), кој во минатата 2017 беше бележан како едно од најквалитетните изданија на бенд чие време допрва доаѓа.

Од таму нималку не чуди кога момците говорејќи за своето делување на повеќе географски широчини, во своите интервјуа, знаат да кажат дека ним „поимот место им е многу важен и не само затоа што луѓето се принудени да станат бегалци или раселени лица поради војните, колонијализмот или суровиот капитализам, туку и поради тоа живееме во ерата на виртуелниот свет, од финансиите до општествениот живот, нешто што се убедени дека се повеќе не отуѓува едни од други и од припадноста на глобално ниво.

Нашата најголема желба е да ги предизвикуваме фашистите, автократите и моќните капиталисти кои поголемиот дел од времето го поминуваат смислувајќи начини како да не поделат. Тоа го правиме на тој начин што ја истакнуваме нашата „истоветност“, односно дека сме дел од преостанатите 99 отсто. Тоа е нашата панк-рок верзија на Движењето на неврзаните, во кои земјите во кои сега свириме како Словенија, Хрватска, Србија, Македонија, како дел од некогашна Југославија беа директно вклучени. Ние ги врзуваме точките како Атланта од каде што потекнуваме, Њујорк, Лондон, Детоит, Берлин, Јоханезбург, Мексико и сите градови помеѓу нив а каде сме се искачувале на сцена“, велат „алжирците“.

Инаку, тие доаѓаат во Македонија по настапите на љубљанскиот фестивал МЕНТ, концертите во Загреб и Ријека, перформансот во белградскиот Дом на млади, а светската турнеја што ја одработуваат се одвива под слоганот „All power to the people“.

Од друга страна, со шестото издание на фестивалот на независна музика „Земјотрес“ продолжува силната заложба на она што во 2012 година беше зачнато од етикети како Направи заедно (сегашен Балкан Велики), Sixtynine Records и PMG Records, а со отворени порти беше подржано од Младински културен центар.

По половина декада растеж, со тројно зголемен број на издавачи, на трите сцени во МКЦ ќе продефилираат имиња како АЛЕКСАНДАР ВЕЛИКИ, ASTROLUNGS, E.B.A.M., GARGOLEYS BAND, KHARA, Душко Јаневски, ЈАНИЧАРИ, ЉУБОЈНА, Љупа Ангелов, МОРФЕЈ, ПАЛИНДРОМ, НЕМА ЛАБАВО, ПОГАН ПАГАН, Сашо Митревски, SETHSTAT JAZZ и Мирко Попов, STRING FORCES, YOU, што подразбира најсвежото од македонската алтернативна сцена.

Згора на тоа во холот ќе бидат поставени и штандови со изданијата ма дискографските куќи како и промотивни материјали на бендовите што ќе настапуваат таа вечер.

И, конечно, истите тие два дена, знаќи на 2 и 3 февруари (што рака на срце и не е најсреќно погодениот термин), во Кинотека на Македонија ќе се одвива Зимската едиција од Фестивалот на музички документарни филмови „Скопје синема сити“. Станува збор за убава можност репризно да се проследат (пред се од ЕДУКАТИВНО ХИГИЕНСКИ ПРИЧИНИ во срединава затруена од турбно идеологијата) неколкуте исклучителни остварувања во рамките на првиот од четирите филмски настани планирани да се случат годинава во различни периоди – што потписниците на Фестивалот симболично го насловија „Четири годишни времиња“.

Кога сме веќе тука да кажеме дека станува збор за вистински бисери. Имено во петок програмата ќе започне со 60-минутниот „Kraftwerk: Pop Art“, своевиден портрет на еден од најзначајните германски и светски бендви инспириран од нивните настапи во музејот Тејт модерн во 2013 година, полн со архивски снимки и сведоштва на современици како неодамна починатиот Холгер Шукај од CAN, новинарот Пол Морли, артисти како Дерик Меј, Франсоа Кеворкиан, графичкиот дизајнер Невил Броди и други.

Потем следува час и половина долгиот „Lisa Gerrard: Sanctuary“, всушност интиниот портрет на пејачката Лиза Жерар од кај нас никагаш непрежалените DEAD CAN DANCE. Филмот ја покрива сета нејзина кариера, почнувајќи од Dead Can Dance, но со голем акцент и врз нејзините соло пројави и успехот како авторка на филмска музика. Се работи за документ кој главно ја бележи повратничката турнеја на бендот во 2005, прва по разделбата во средината на 1990-те. Турнејата се одвива за време на војната во Ирак и ја бележи траумата на луѓето со кои таа и Брендон Пери се среќаваат за време на нивните настапи. Инаку, Лиза Жерар во тој период го објавува и солистичкиот албум „Silver Tree“, чии песни се искористени во документарецот. Покрај тоа, филмот ги прикажува нејзините креативни пристапи и емотивни состојби.

В сабота, на 3 февруари, ќе бидат прикажани едночасовните „Remembering Lou Reed“ и „David Bowie at the BBC“.

Во сеќавање на Лу Рид“ е сниман набргу по смртта на Лу Рид и е приказ на шарениот и турбулентен живот на еден од најоригиналните ликови од светот на рокенролот. Со помош на негови пријатели, музичари соработници, критичари и тие кои биле инспирирани не само од неговата музика туку и од неговите контрадикторни ставови и однесување, филмот прикажува како Рид не само што дал свој голем придонес кон музиката што ја карактеризирала секоја декада од ’60-те па наваму, туку и придонел во создавањето на вистинска алтернативна и независна светска рок-сцена. Паралелно на тоа, неговите стихови и музика послужиле како саундтрак за градот Њујорк, а тој несомнено бил неговиот урбан поет.

Во филмот ќе ги видиме и чуеме продуцентот Боб Езрин, фотографот Мик Рок, писателот Пол Остер, музичари како Лени Кеј, Турстон Мур и мнозина други.

Дејвид Боуви на Би-Би-Си“ е, пак, портрет на животот и музиката на Дејвид Боуви преку негови изјави, интервјуа и гостувања во емисиите на британскиот сервис Би-би-си, вклучувајќи и многу негови настапи во живо во студијата и емисиите на овој медиум. Филмот почнува од неговите најрани сеќавања за семејството и најраните видео снимки, па сѐ до последната фаза од неговиот живот заокружен со објавувањето на албумот „Blackstar“ и реакцијата на луѓето по веста за неговата смрт.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG