Македонскиот политички врв е воздржан по најавите од Бугарија за поддршка за доделувањето на датум за преговори со ЕУ за земјава, но и за понатамошни конкретни услови од кои би зависел напредокот во европската интеграција.
Министерот за надворешни работи Никола Димитров одговарајќи на прашањата на РСЕ вели „во духот на европските вредности цениме дека двете страни треба да се воздржат од условувања кои не водат кон унапредување на добрите односи меѓу македонскиот и бугарскиот народ“.
„Со Договорот за пријателство и добрососедство почнавме еден многу важен историски процес на спријателување и зближување. Ако сакаме да успее тој процес треба да постои разбирање за другиот. Разбирањето за заедничката историја, мора да оди заедно со разбирањето за денешнината и иднината. За нас е од суштинска важност нашиот македонски идентитет – ние сме македонски народ и зборуваме на македонски јазик“, вели министерот Димитров.
Тој нагласува дека добрите односи и членството во ЕУ подразбираат заемно почитување на двата народи и дека е потребносо заеднички сили да се работи на решенија кои ќе обезбедуваат почит и достоинство за двете страни, избегнувајќи изјави кои може да предизвикаат навреда или вознемиреност кај соседите.
„Сметаме дека не смее да биде доведена во прашање европскатата иднина на Северна Македонија и прашањата поврзани со идентитетот на македонскиот народ не може да бидат услов за нашиот пат кон Европа, особено не во 2019 година и не во Европската Унија. Ние имаме право на самоопределување. Визијата на Софија ќе се поклопи со нашата визија, со заедничко разбирање за грижите на другиот“, вели Димитров.
Од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски за Радио Слободна Европа велат дека во овој момент не би го коментирале “Текстот за рамковна позиција“ на бугарската држава кој веќе е усвоен од тамошната влада и парламент. Тоа е внатрешно-политичко прашање на Бугарија, велат од кабинетот, од каде што нагласуваат дека не очекуваат да влијае на претстојното носење одлука за почнување на претпристапни преговори со Северна Македонија.
„По донесувањето на очекуваната одлука за отпочнување на претпристапни преговори, земјите-членки на ЕУ, а и Бугарија како земја-членка, ќе формираат своја преговарачка рамка од нивен национален аспект. Свои преговарачки позиции подготвува и земјата која ги отпочнува претпристапните преговори и во таа насока овие прашања може да се предмет на разгледување и коментар доколку се дел од преговарачката рамка која Бугарија ќе ја презентира во Брисел кога преговарачкиот процес за Северна Македонија ќе добие поголема динамика„, наведуваат од Кабинетот на Пендаровски.
Од Кабинетот на вицепремиерот за европски интеграции Бујар Османи пак велат дека формално, Бугарија, како и секоја земја – членка на Унијата, има право да го блокира напредокот во која било фаза, па дури и да не дозволи почеток на преговорите, но дека тие добиле поинакви уверувања.
„Она што ние го имаме добиено како уверување и од нашите соседи, но и од останатите политички центри на моќ е дека овие прашања ќе се решаваат внатре во преговарачката рамка, како дел од поглавјата, а не како услови за почеток на преговорите. Секако дека на земјите – членки е да одлучат дали ќе го поддржат овој процес и ние не само што се надеваме, туку и очекуваме почеток на преговори без дополнителни услови, вклучувајќи го тука и одржувањето на првата меѓувладина седница“, велат од кабинетот на Османи.
Основните барања на официјална Софија се заедничката комисија за историските прашања да работи побрзо што би значело да се постигнат конкретни договори за личности како Гоце Делчев, Даме Груев, браќата Миладиновци и за настаните како Илинденското востание и Кресенско- разловечко востание. Источниот сосед бара и корекција на учебниците по историја и географија и тоа во краток рок, откажување на Скопје од тврдењата за македонско малцинство, да се тргнат натписите на спомениците, спомен плочите и зградите во кои имало „нескриена омраза кон Бугарија“, како на пример бугарски фашистички окупатор.
Вицепремиерот и министер за одбрана Красимир Каракачанов беше поконкретен па најави декаова се условите кои треба да бидат исполнети пред да се одреди датумот за првата меѓувладина конференција.
Во нацрт-одлуката на министрите на ЕУ за самитот на 15 октомври, во кој како што објави деновиве агенцијата Ројтерс имале увид,се наведува дека првата т.н. меѓувладина конференција со Северна Македонија треба да се одржи до крајот на 2019 година, па ако ова остане услов на Бугарија, а Македонија сака да биде на брзиот воз тогаш рокот за да ги исполни барањата на Софија е само два месеца.
Инаку Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија беше потпишан пред нешто повеќе од две години. Од тогаш досега се одржаа неколку средби на премиерите Бојко Борисов и Зоран Заев кои беа во срдечна и пријателска атмосфера. Односите запнаа околу работата на Мешовитата комисија за заеднички историски и образовни прашања во делот најмногу околу ликот и делото на Гоце Делчев. Последната средба на ова тело беше минатиот месец во Софија, а македонскиот дел од комисијата ја оцени дискусијата како исцрпувачка и плодна за значењето на Гоце Делчев, но засега без значаен резултат. Следната средба се очекува кон средината на месецов во Охрид.