Достапни линкови

Медиуми - Бугарија ги мати сметките, Франција се дума


Медиумите анализираат дали Бугарија ќе стане нов блокатор за ЕУ и дали Франција ќе донесе позитивна одлука за старт на преговорите. Пишуваат и за „сомнителните“ вработувања во новата Агенција за безбедности и за протестот на полицајците.

„Наместо договор за интегрирање, добивме договор за дистанцирање“ – се осврнува Нова Македонија со овој наслов на заклучокот на бугарскиот државен врв од итната седница посветена на Македонија дека нема безусловно да го поддржи патот на нашава земја кон ЕУ и дека за таа цел има на располагање 71 инструмент во преговорите по поглавјата. За домашните историчари, политичари и аналитичари, наведува весникот, нема дилема дека токму аномалиите и пропустите во Договорот за добрососедство и нашата попустливост може да придонесат Софија да стане нов блокатор на земјава кон Европа како што во минатото тоа беше Атина.

Слободен печат на насловната исто така пишува: „Секој ден сè поизвесен датумот за преговори со ЕУ - Поддршка за Македонија од сите страни, Бугарија ги мати сметките“. Независен на насловната ги сублимира пораките од самитот на „Економист„ во Скопје: „И Ципрас се бори за наш датум за преговори“. Исто така Независен информира: „Француската одлука за преговори со Северна Македонија ќе ја носи лично Макрон“. Слободен печат со сличен наслов: „Емануел Макрон лично во име на Франција ќе ја донесе одлуката за почнување преговори со Македонија.

Вечер го објавува мислењето на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски искажано во Топ тема на ТВ Телма: „Бугарија имаше валутен борд, Македонија веројатно ќе има ПРАВОСУДЕН БОРД ОД ЕУ“. Вечер оди и со следниов наслов: „’Календарско поместување‘ на приемот на Македонија во НАТО“ – цитирајќи го помошникот генерален секретар за јавна дипломатија на НАТО, Таџан Илден. Процесот на ратификација на Протоколот за членство течел без пречки, но зависно од политичките збиднувања во некои земји можело само да се помести приемот од Самитот во декември. Шпанија сè уште нема влада и веројатно ќе доцнело ратификувањето во шпанскиот Парламент.

Од домашните теми: „По протестот на Независниот полициски синдикат, од Владата ветуваат решенија“, објавија Нова Македонија и Слободен печат, кои дополнуваат дека „во средата неколку часа беше блокиран сообраќајот на некои крстосници во Скопје – Независниот синдикат бара покачување на платите и колективен договор за сите вработени“.

„Сомнителни вработувања во новата Агенција за национална безбедност или одмазда на избришаните од поранешната УБК“ – насловуваат Независен и Нова Македонија. Весниците ја пренесуваат изјавата на првиот човек на МВР, Оливер Спасовски кој најави нова систематизација која нема да важи за оние за кои е утврден безбедносен ризик и кои ќе мора да бидат префрлени во други институции од кои ќе бидат прифатени. Спасовски ја повтори важноста на ветингот во МВР зашто имало индиции дека некои полицајци, командири и началници имаат повеќекратно зголемен имот, фалсификувани дипломи од кои некои на раководни позиции и сторители на кривични дела во МВР – дополнуваат двата весника.

Нова Македонија информира: „Укинати квотите за лекови на рецепт - од 1 октомври граѓаните можат да подигнат лекови на рецепта во секоја аптека што работи со Фондот за здравство и во секој ден од месецот“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG