Достапни линкови

Бугарија нема да го спречи датумот за ЕУ, но ќе става сопки


Архивска фотографија- бугарскиот премиер Бојко Борисов и министерката за надворешни работи Екатерина Захариева
Архивска фотографија- бугарскиот премиер Бојко Борисов и министерката за надворешни работи Екатерина Захариева

Буарската влада во пресрет на состанокот на врвот на Европската унија на кој треба да се одлучува за датум за земјава донесе став дека ќе го поддржи почетокот на преговорите, но наведе и низа услови.

Бугарија ќе го поддржи почнувањето на преговорите за зачленување во Европската унија за Северна Македонија и Албанија, но нема да дозволи Скопје да ги заврши преговорите ако не ги исполни конкретните услови поврзани со спорните точки од заедничката историја. Ова е официјалната бугарска позицијата која помина денеска на седницата на Владата во Софија, а пред состанокот на врвот на Европската унија закажан за 17 октомври, јави бугарската агенција БТА.

Бугарскиот премиер Бојко Борисов на неговиот фејсбук профил напиша дека тие се постојани во поддршката за европската перспектива на земјите од Западниот Балкан со оглед дека процесот на присоединување е клучен двигател за реформи и стабилност во регионот.

„Бугарија ја поздравува и поддржува препораката на ЕК за започнување на претпристапните преговори како со Република Северна Македонија, така и со Албанија. Во исто време, Бугарија не треба да дозволи интеграцијата на Република Северна Македонија во ЕУ да биде придружена со европско легитимирање на анти-бугарска идеологија спонзорирана од државата“, напиша Борисов.

Како што се јавува, основното барање на Бугарија е заедничката комисија за историските прашања да работи побрзо што би значело да се постигнат конкретни договори за личности како Гоце Делчев, Даме Груев, браќата Миладиновци и за настаните како Илинденското востание и Кресенско- разлошкото востание.

Радио Слободна Европа на бугарски јазик пишува и дека тамошната влада бара Северна Македонија да ги корегира учебниците по историја и географија и тоа во краток рок, да се откаже од секакви претензии за малцинството и од јазикот на омраза кон Бугарија.

Официјална Софија бара и да бидат тргнати натписите на спомениците, спомен плочите и зградите во кои имало „нескриена омраза кон Бугарија“, како на пример бугарски фашистички окупатор, а Македонија да го осуди југословенскиот комунистички режим и да ги рехабилитира оние кои биле репресирани поради врските со источниот сосед.

Вицепремиерот и министер за одбрана Красимир Каракачанов по денешниот состанок рече дека тоа се условите кои треба да бидат исполнетите пред да се одреди датумот за првата меѓувладина конференција, а потоа, додаде тој, ќе имало нов пакет од услови и втора конференција која треба да го отвори патот за Северна Македонија во Европската унија.

„Бугарија ќе се согласи за фактичко зачленување на Северна Македонија само кога ќе бидат исполнети сите услови“, рече по завршувањето на владиниот состанок министерката за надворешни работи Екатерина Захариева.

Во документот кој го објавуваат бугарските медиуми именуван Текст за рамковна позиција, се наведува дека официјална Софија ќе настојува во текстот на заклучоците на Советот за општи работи кој ќе се одржи на 15 октомври да се наведе недвосмислено и дека спроведувањето на Договорот за добрососедство ќе биде дел од условите во преговорите за зачленување на земјава во ЕУ.

Инаку последната средба на заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања беше минатиот месец во Софија. Во официјалното соопштение на македонскиот дел од комисијата испратено тогаш на состанокот имало „исцрпувачка и плодна“ дискусија за значењето на Гоце Делчев, но засега без значаен резултат. Според членовите на бугарскиот дел од комисијата постојат разлики во пристапот кога се зборува за делото на Гоце Делчев. Како што бече претходно најавено следниот состанок историчарите треба да го одржат кон средината на месецов кога и се очекува одлуката на земјите членки на ЕУ за датум за преговори.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG