Достапни линкови

Медиуми - Притвори, судења и протести


Ленче Ристоска, обвинителка.
Ленче Ристоска, обвинителка.

Медиумите пишуваат за тоа дека и е продолжен притворот на Катица Јанева, потоа дека продолжуваат судењата за случаите кои беа во рацете на СЈО, со истите обвинители. Во нив може да се прочита дека Апелација ги потврди доживотните затворски казни за „Диво насеље“, за протестот на лекарите против насилството и за предлозите да им се намалат бенефициите на поранешните претседатели.

Правосудните органи работат со полна пареа. „Продолжен притворот на Катица Јанева“ – ја објавува оваа вест Нова Македонија, додавајќи дека минатата недела судот им го продолжи притворот на Боки 13 и Зоки Кичеец за уште 30 дена, исто така осомничени во случајот „Рекет“.

Истиот портал како и другите електронски изданија на печатените медиуми објавуваат детали од повторното судење за случајот „Монструм“: „Поранешниот министер за правда, Блерим Беџети одбил да ја потпише екстрадицијата за обвинети во ’Монструм‘“. Во судот се пуштени 25 бомби, а биле присутни и роднините на убиените петмина момчиња на Смилковско езеро на 12 април 2012 година. Инаку, Нова Македонија објавува и дека „во бомбите засега нема суштински детали за убиството, но дека се слушаат гласови на луѓе блиски до Груевски и нивни верзии за тоа што се случува и кои би можеле да бидат мотивите“.

Нова Македонија со наслов: „Обвинители на СЈО се враќаат во Судница – Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски ќе продолжат да го застапуваат случајот ’Монструм‘ – државниот обвинител, Љубомир Јовески ја има започнато прераспределбата на предметите кои ги враќа на досегашните јавни обвинители“. Слободен печат ја пренесува информацијата на Нова ТВ: „Јовески ја овласти обвинителката Ленче Ристоска да го застапува случајот ’Талир 2‘“.

„Апелација ги потврди доживотните затворски казни за ’Диво насеље‘ на осудените за тероризам и терористичка организација“.

Независен објавува дека „Обвинителството ја анализира документацијата за случајот со тендерот за набавка на радарски систем за Македонска навигација во врска со објавените аудио-снимки од телефонски разговори на генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, а се процесуира и кривичната пријава против него поднесена од ВМРО-ДПМНЕ“.

Слободен печат за протестот на здравствените работници: „Ако нé тепате нема да ве лекуваме“. Нова Македонија со наслови: „Лекарите децидни, ако не се спречи насилството ќе престанат со работа“, и „Полицијата ќе патролира кај најкритичните здравствени објекти“.

„Чао на луксуз на државна сметка – предлози да згаснат бенефициите на поранешните претседатели“ – објави Слободен печат на насловната информирајќи за барањето на Антикорупциската комисија. Но објави и ваков наслов: „Иванов останува во облаците на Џевахир: Владата глува за барањето на Антикорупциска која реагира дека месечно од државниот буџет се трошат 4.500 евра само за кирија за неговите канцеларии“. Оваа информација ја објави и Нова Македонија, која го објави и демантот од Ѓорѓе Иванов: „Антикорупциска манипулира, закупот е 1.950, а не 4.500 евра“. Оваа вест од Антикорупциската Независен ја објави со следниов наслов: „Ивановска ќе го симнува Иванов од ’Скај сити‘“.

Вечер со наслов и прашалник: „Стартува Рекет 2: Ден Дончев водел хајка за да се спречи шведска инвестиција во македонското здравство?“ Порталот на Вечер ја објавува и следнава информација: „Румен Радев: Поддршката за Македонија во ЕУ ќе продолжи доколку...“ – пренесувајќи ја изјавата на бугарскиот претседател за бугарската агенција БТА по средбата со членовите на Заедничката експертска комисија доколку во рок од еден месец не дадат уверувања дека сите контроверзни прашања ќе бидат решени. Вечер објави и поширока статија за јавниот долг на Македонија со наслов:„Јавниот долг достигна 5,3 милијарди евра“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG