Достапни линкови

Катица Јанева- едногласно избрана, едногласно разрешена


Архивска фотографија- Приведување на специјалната обвинителка Катица Јанева од нејзината куќа во скопската населба Козле.
Архивска фотографија- Приведување на специјалната обвинителка Катица Јанева од нејзината куќа во скопската населба Козле.

По едночасовна дебата сите 102 присутни пратеници гласаа „за“ разрешување на Катица Јанева од функцијата специјален јавен обвинител. Oваа одлука ја потврди и Советот на јавни обвинители со што таа стана конечна.

На ден пред истекот на четири годишниот мандат, кој требаше да и заврши утре, пратениците ја разрешија Катица Јанева од функцијата специјална јавна обвинителка поради незаконито, нестручно и несовесно вршење на функцијата. За разрешувањето на Јанева, која е во притвор како трето осомничена во случајот Рекет гласаа 102 пратеници, односно сите присутни.

Потоа претседателот на Собранието Талат Џафери го достави предлогот до Советот на јавните обвинители кој на денешната вонредна седница едногласно ја разреши специјалната јавна обвинителка Јанева. За нејзино разрешување гласаа сите осум присутни членови на Советот на вонредната седница.

„Советот на јавни обвинители на денаешната седница едногласно одлучи да ја разреши од функцијата специјален јавен овинител Катица Јанева поради нестручно, незаконско и несовесно работење“, изјави претседателот на Советот на јавни обвинители Ацо Колевски по завршувањето на седницата.

Инаку денешната собраниска седница траеше околу еден час, зборуваа пратеници од сите пратенички групи кои се изјаснија дека ќе гласаат за разрешување на Јанева. Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски алудирајќи на Специјалното јавно обвинителство рече дека се работи за „правен експеримент, лудило и занес“, а како што додаде секогаш тоа завршувало вака.

„Секогаш кога Собранието носи неуставни закони, вклучително и јас, секогаш кога правите органи не реагираат, иако стопати беше кажано дека СЈО излегува од уставните рамки излегува вака“, рече Димовски.

Тој го обвини мнозинството за одолговлекување во закажувањето на седницата за разрешување на Јанева. Минатиот четврток, на 5 септември, Комисијата за избори и именувања чиј претседател е Димовски, зад затворена врата едногласно и без дебата донесе заклучок да му предложи на Собранието да ја разреши обвинтелката. Одлуката беше донесена врз основа на извештајот на Советот на јавни обвинители за разрешување на Јанева поради нестручно, незаконско и несовесно работење.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митревски, пак, го обвини ВМРО-ДПМНЕ и претседателот на партијата Христијан Мицкоски дека работеле по насоки на нивниот почесен претседател, азилантот во Унгарија Никола Груевски, за да се спаселе обвинетите ексфункционери од партијата. Тој ова го кажа во контекст на меѓупартиските преговори за Законот за јавно овинителство со кој треба да се реши и иднината на СЈО.

„Сега е јасно зошто преговорите помеѓу Заев и Мицкоски не успеале, Мицкоски прави се за да пропаднат предметите на СЈО. Политичките игри и манипулации со јавноста кои се обидува да ги протне ВМРО не поминуваат“, рече Митрески.

На седницата зборуваа и претставници од ДУИ и независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, a oд Беса повторно го истакнаа нивниот предлог за меѓународни експерти во македонскиот обвинителски систем.

На 15 септември 2015 година пратениците едногласно, со 108 гласа „за“ ја избраа Јанева да биде специјален обвинител за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконско следење на комуникации. Потоа и Советот на јавни обвинители исто така едногласно ја избра за специјален обвинител. Законот со кој беше избрана, како и решението токму таа да биде специјален обвинител беа дел од пржински преговори до кои дојде по политичката криза по објавувањето на таканаречените опозициски бомби.

Јанева беше приведена на 21 август во нејзиниот дом во скопската населба Козле, ден откако во Јавното обвинителство даваше исказ во присуство на адвокат. Пред неа за случајот Рекет приведени беа неформалниот сопственик на 1 тв Бојан Јовановски и бизнисменот Зоран Милевски- Кичеец.

Според Јавното обвинителство кое го води случајот постои сомневање дека јавната обвинителка ја злоупотребила својата службена положба и овластување, за што прибавила и имотна корист во значителна вредност. Истрагата, како што информораше обвинителството кога ја приведоа, досега утврдила дека обвинителката влијаела да се изврши дејствие поврзано со еден од осомничените во случајот Империја кој го отвори СЈО. Обвинителите сметаат дека таа преку Јовановски и Милевски влијаела да му се олесни мерката притвор на еден од осомничените во Империја и тој да стане заштитен сведок.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG