Достапни линкови

Чист двор дома за датум за преговори во октомври


По аферата „Рекет“ и проблемот со нерешениот статус на СЈО, од земјата зависи дали ќе им даде аргументи на членките на ЕУ да не и доделат датум за преговори во октомври, сметаат упатените. Во посета на Скопје доаѓа Туск, а дипломатската офназива во меѓувреме продолжува.

Додека се работи на македонските европски перспективи во пресрет на одлуката за почеток на преговорите во октомври, утре во посета на Скопје доаѓа и претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск. Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи по посетата на Брисел и средбата со шефицата за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини, ќе отпатува за Берлин и Варшава. Пред неколку дена и министерот за надворешни работи Никола Димитров беше во дипломатска офанзива порачувајќи дека време е ЕУ да и додели на државата датум за преговори.


Не може да се исклучи веројатноста дека кај одредени земји членки во одлучувањето ќе влијае аферата „Рекет“, како и тоа дека статусот на СЈО требаше да биде решен, односно за нив се пресудни владеењето на правото и како се третираат случаите од висок профил, вели Симонида Кацарска од Институтот за Европска политика.

„Значи земјите членки си имаат свои пресметки и ставови во однос на ова прашање. Знаеме дека Франција веќе подолго време говори дека треба да се разгледува проширувањето заедно со прашањето на продлабочување на ЕУ. Тоа е став врз кој ние реално немаме влијание. Сега колку ќе успееме до октомври да дадеме аргументи за тоа зошто би било во прилог на ЕУ да ги започне преговорите со нас, веројатно тоа е клучниот фактор за самата одлука“, смета Кацарска.

Француските власти неколку пати повикаа на продолжување на реформите, како и за потребата од целосно почитување на владеењето на правото. Љупчо Петковски од Центарот за европски стратегии Евротинк вели дека еден месец е долг период за да се претпостави дали некоја од земјите членки на ЕУ ќе се спротистави на добивањето на датум за преговори со ЕУ. Според него, на нив им треба успешна приказна.

„Силите кои што работат против датум сме ние. Ќе биде тешко да кажат не ама, тоа државите ќе си одлучат. Ќе си одлучат Французите, Германците. Така да ако Французите имаат задршки ќе имаат и други. Ние треба само да не им дадеме аргументи. Треба да си го средиш дворот колку толку, да заличи на нормална држава каде корупција се гони и и тн.“, вели тој.

Во однос на посетата на Туск и нејзиното значење, Кацарска порачува дека тој нема одлучувачка моќ во Европскиот совет, туку одлуката зависи од земјите членки.

„Она што го очекувам е тој да не поттикне да имаме што е можно почисто досие до одлуката која што треба да биде донесена на самитот во средината на октомври“, додава таа.

Димитров во интервју за Агенција Европа предупреди дека ако земјата нема перспектива, датум за почеток на преговорите, а тоа, според него, е влогот во октомври, ќе се зајакнат националистичките сили и популистите.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG