Достапни линкови

Датумот за преговори ќе одреди дали ќе има предвремени избори


Архивска фотографија: Гласање во вториот круг од претседателските избори 2019
Архивска фотографија: Гласање во вториот круг од претседателските избори 2019

Опозицијата бара предвремени парламентарни избори, власта сака да ѝ се посвети на економијата. Аналитичарите велат дека работите ќе станат појасни по Самитот на ЕУ во октомври кога ќе се знае дали Македонија ќе добие датум за преговори.

Предвремени парламентарни избори оваа година нема да има, а ако воопшто има, тоа најрано може на почетокот на наредната година, која и онака е изборна. До Самитот на ЕУ во октомври на кој Македонија очекува да добие датум за преговори сигурно нема да има избори, а епилогот од Самитот може да влијае и на рејтинзите и на расположението на партиите за предвремени избори, велат аналитичарите.

Премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарски прашања, вчера рече дека е против предвремени парламентарни избори за да ѝ даде шанса на економијата, која по откочувањето на евроатлантските интеграции зема замав. Ако во октомври не добиеме датум сум спремен да разговарам за предвремени избори, рече тој.

Со оглед на тоа што, според Изборниот законик, на 100 дена пред изборите треба да се формира техничка влада по Пржински модел, дури и изборите да се закажат веднаш по Самитот на ЕУ, тие најрано може да се одржат во февруари.

Политикологот Ненад Марковиќ вели дека во моментов никој не сака избори затоа што рејтинзите на двете најголеми партии се многу блиску и во таква ситуација никој не сака избори. Барањата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за брзи избори се само дел од политичкиот фолклор и засилување на притисокот врз власта, вели тој. Марковиќ вели дека работите ќе бидат појасни по Самитот на ЕУ, но е со спротивно мислење од Заев. Според него, предвремени избори се поверојатни ако Македонија добие датум, зашто власта ќе сака да го капитализира тоа на избори.

„Тоа дали Заев ќе размислува или нема да размислува за предвремени парламентарни избори е сепак негова работа, веројатно ќе мора да ги измери рејтинзите. Доколку добиеме датум, предвремени избори се поверојатни, отколку доколку не го добиеме. Доколку евентуално не го добиеме мислам дека ќе се оди на исполнување на целиот мандат, а доколку го добиеме датумот за почеток на преговори со ЕУ, тогаш можеби, велам можеби, не е сигурно, би имало избори во март-април, но тоа е нешто најрано што може да се случат избори“, вели Марковиќ.

Премиерот Заев вчера јавно повика на одржување лидерска средба в петок, на која ќе се разговара за Изборниот законик, Законот за СЈО и за пописот. Лидерите на ДУИ и на Алијансата за Албанците, Али Ахмети и Зијадин Села, го потврдиле присуството, додека ВМРО-ДПМНЕ одговори дека партискиот лидер Христијан Мицкоски ќе присуствува на лидерска средба на која единствена точка на дневниот ред ќе бидат предвремени избори.

Професор Беса Кадриу, пак, ги оправдува барањата на опозициските партии за предвремени избори.

„Тие сметаат дека ќе може позитивно да влијаат на процесите коишто беа дадени како предлози од страна на актуелниот премиер, којшто пред сè зборуваше дека ќе работи да ја деполитизира судската власт, да работи на откривање на оние случаи коишто ги слушнавме во прислушувањата како процеси коишто треба да се водат во правна форма, да завршат зад решетки оние случаи коишто се во судска постапка, но тоа не се случи“, вели Кадриу.

Владата во изминатите недели е на удар по објавувањето на бројни афери, меѓу кои и нови прислушувани разговори за функционери на ДУИ, кои на Фејсбук ги објавува Албанец од Кичево кој се претставува како Ел Чека.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG