Ме измами добро организирана група, која напаѓа земји со евроатлантски аспирации, но тие имаат измамено и други светски лидери, така што сум во добро друштво, изјави премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција во владата, по објавените разговори со „лажниот“ Петро Порошенко, доскорешен украински претседател. Јас сум жртва на мојата отвореност, рече Заев. Според него, дел од објавените разговори се сечени и лепени.
Руски комичари синоќа на Јутуб објавија три телефонски разговори кои ги водат со Заев, претставувајќи му се како украинскиот претседател. На едниот од разговорите Заев мисли дека разговара и со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Разговорите, според руските комичари Вован и Лексус, се водени во август 2018 и во јануари и април годинава. Првиот разговор е воден на фиксниот телефон во владата, а другите два преку мобилната апликација Ватс ап, рече Заев.
„Ова е еден од оние обиди за директна штета на нашите стратешки интереси да го завршиме процесот за нашето членство во НАТО. Тоа се добро организирани структури за ширење влијанија во интерес на трети страни“, рече Заев, но не ги посочи третите страни.
Тој рече дека мета на измама биле и францускиот претседател Емануел Макрон, поранешниот шеф на британската дипломатија Борис Џонсон, досегашниот шеф на европската комисија Жан-Клод Јункер, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и многу други, така што е „во добро друштво“.
Заев рече дека сè досега верувал дека навистина разговарал со Порошенко, за разговорот е направен записник и е влезен во архива. Тој рече дека жали што бил измамен, но дека нема простор за одговорност ниту кај неговиот протокол, ниту кај него, но оти ќе биде неопходно да се преиспитаат и да се применуваат сите протоколи за безбедна комуникација.
Заев вели дека во разговорите не кажува ништо што инаку не го зборува. За делот од разговорот во кој вели дека е подготвен да му даде 100 илјади евра во кеш на Вселенскиот патријарх Вартоломеј за признавање на автокефалноста на МПЦ, Заев вели дека е сечен и лепен за да се доведе во таков контекст.
„Еден дел од контекстот во којшто разговараме е автокефалноста. Сосема друг дел е колку треба да се поддржат верските заедници. Јас знаете дека бев и на суд за градење црква во Струмица. Моето семејство и лично јас имаме 14 цркви изградено, 3-4 џамии помогнато. Ги помагам поради тоа што за мене тоа се божји домови и јас сум верник“, рече Заев.
Тој рече дека не очекува разговорите да влијаат на влошување на односите со други држави.
Реакција на ВМРО ДПМНЕ
Mислам дека единственото извинување што требаше господинот Заев денеска да го каже, требаше да биде содржано во две реченици, се срамам од тоа што го направив и веднаш ја напуштам функцијата претседател на Владата, предлагам парламентарното мнозинство во најскоро време да се состане, да се формира техничка влада и во рамките на 100 дена од овој ден, да се одржат предвремени парламентарни избори, изјави лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски во врска со објавената снимка на „Јутјуб“.
„За мене е катастрофално да се слушне ова што се слушна, бидејќи како што успеав да разберам, тој не ја негираше оваа снимка, туку напротив ја потврди нејзината автентичност и практично потврди низа работи кои што граѓаните во Македонија, но и во Европа можеа да ги слушнат, меѓу кои согласноста за поткуп на верскиот лидер, на стотици милиони православни христијани во светот, а тоа е Патријархот Вартоломеј. После таков скандал единственото извинување требаше да биде оставка веднаш и распишување на предвремени парламентарни избори“, изјави Мицкоски.
Поранешниот министер за надворешни работи Антонијо Милошоски, пак, обвини дека се работи за сериозен дипломатски скандал кој ѝ нанесува штета на државата.
„Ваквото грубо непознавање на грубо непознавање и прекршување на дипломатските правила за меѓудржавни комуникации во телефонски разговори меѓу претседатели и премиери на држави е многу добра и сериозна причина, не само за извинување од премиерот Заев, туку и за негова оставка, а во најмала рака разрешување на советникот за меѓународна политика Дане Талески и министерот за надворешни работи Никола Димитров“, рече Милошоски.
Според него, ако ги почитувал протоколите, Заев можело да биде измамен само еднаш, но никако три пати.