Достапни линкови

Тасева: Рашковски да објасни зошто разговарал за тендерот


Генералниот секретар на Владата Драги Рашковски
Генералниот секретар на Владата Драги Рашковски

Според стручната јавност, постапките за јавни набавки се уредени со конкретен закон и согласно истиот генералниот секретар не е вклучен во тие постапки. Надлежните органи треба да откријат дали и колку Рашковски бил вклучен во местење тендер за една државна институција.

„Бомбите“ преку кои јавноста дозна за непочитување на законските процедури и нелегални активности во кои биле вклучени високи државни функционери, стигнаа и до генералниот секретар на Владата Драги Рашковски. Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ деновиве обвини дека поседува докази и сомневања кои посочуваат на „постоење на 7 милионска тендерска аванта“. Од партијата наведуваат дека на аудио снимката, која беше објавена по порталите, Рашковски договара заклучок кој владата навистина го донела и за што има документи.

На аудио снимката за која велат дека е разговор меѓу државни функционери, меѓу кои Рашковски, докажува местење на тендер за набавка на радарски систем финансиран од Европската банка за реконструкција и развој (ЕБОР). Од Владата пак, одговорија дека станува збор за избор на понудувач во 2016 година и оти целата процедура била направена согласно правилата.

„Објавените аудио записи ќе докажат дека претставникот на МНАВ долг период не ја реализирал набавката на АТМ систем и со тоа ја загрозувал безбедноста”, соопштија од Владата.

И од СДСМ излегоа со реакција наведувајќи дека опозициската партија „шири лажни вести“ и дека „нема никаква афера“ за местење тендер. Партијата реагира дека тендерот и изборот на најповолен понудувач се направени во 2016 година, а договорот за набавка на нов радарски систем, некој свесно го опструирал, загрозувајќи го животот и безбедноста на граѓаните.

Упатените пак, велат дека во државата стана практика во канцелариите на владините функционери да слушаме детали за одлуки за јавни набавки, договори, тендери и сл. Претседателката на „Транспаренси Интернешнал“, Слаѓана Тасева вели дека носителите на јавни функции треба да бидат настрана од постапките за јавни набавки и всушност тие треба да интервенираат само како надзор, доколку биде прекршена одредена постапка во процедурата.

„Формално, во постапките за какви било јавни набавки, по функција не е вклучен генералниот секретар на Владата. Каков било изговор зошто се вмешал и зошто е разговарано на оваа тема не е издржано. Ова не е работа на генсекот и тој треба да објасни зошто се нашол во ситуација воопшто за тоа да разговара“, вели Тасева.

Според неа, евентуалната вклученост на генералниот секретар во таа постапка може да се оправда само доколку се работи за информативен разговор.

„Ако тоа било чисто информативен разговор и затоа добил задача да информира, тоа веројатно спаѓа во надлежностите на тој што му дал такви задачи, но сепак тој треба на јавноста да и објасни зошто се нашол во ситуација да зборува за таа работа“, вели Тасева.

Според упатените, постојат примери на мешање кои будат сомнежи за евентуални незаконитости во одредени постапки и затоа треба да се внимава како се постапува, бидејќи секој што не е задоволен од нешто еден ден ќе сака тоа потоа да го пријави или објави. Вообичаено, постапките за јавни набавки се уредени со конкретен закон и според истиот генералниот секретар не е вклучен во истите, туку тоа го прави секоја институција поединечно преку лице кое е овластено за јавни набавки.

Но, искуството покажува дека некои од тендерските постапки го одбегнуваат законот за јавни набавки, како што беше случајот со Кинеските провизии, кога во постапката за избор на компанија која ќе ги гради автопатните делници „Миладиновци–Штип“ и „Кичево–Охрид“, беше одбегната примената на овој закон.

Дали и оваа набавка на радарски систем била дел од некој друг вид на договор и која била неговата правна основа, се уште не знаеме бидејќи до овој момент одговор од Владата не добивме. Генералниот секретар Рашковски најави прес конференција за утре, на која се очекува да даде објаснувања за сите сомнежи и нејаснотии кои за овој случај се појавија во јавноста.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG