Достапни линкови

Рашковски се извини, ќе тужи и не дава оставка


Прес конференција на генералниот секретар на Влада, Драги Рашковски
Прес конференција на генералниот секретар на Влада, Драги Рашковски

Генералниот секретар на Владата, Рашковски, на денешната прес-конференција ги убедуваше новинарите дека опозицијата и медиумите кои ја објавија снимката за местење на тендер шират лажни вести. Најави тужби за клевета против новинари и политичари и арбитражни постапки против одредени интернет портали

По неколкуте обиди да добијат одговор на прашањето дали ќе поднесе оставка од функцијата, генералниот секретар на Владата Драги Рашковски изјави дека тоа нема намера да го направи, посочувајќи дека аудио-записот, кој според опозициската ВМРО-ДПМНЕ, докажува местење на тендер за набавка на радарски систем е на вештачење и дека треба да се почека на разврската од надлежните институции. На новинарите им подели папки со документацијата која, според него, содржи докази дека не направил никакви злоупотреби во постапката, истакнувајќи дека оваа тендерска процедура не е правена според законот за јавни набавки, туку според англиските закони.

Рашковски нема да поднесе оставка
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:50 0:00

„Жално е кога партија која 11 години беше на власт, не знае кои се ингеренциите на генерален секретар на Владата. Ние слушнавме во бомбите со што се занимавал генералниот секретар за време на ВМРО-ДПМНЕ. Најверојатно со некои други документчиња, а не за заклучоци на влада и активности кои се во рамките на неговите надлежности пропишани со закон. Во 2013 година, Собранието носи закон со кој се одобрува заемот за модернизирање на М-НАВ. Откако се потпишува договорот, се изготвува тендерска спецификација. Во законските одредби стои дека истиот се толкува и спроведува во согласност со англиските закони. Тоа значи дека сите обвинувања дека некој не го почитува македонското законодавство се доказ дека имаат елементарно непознавање на законските одредби“, изјави Рашковски.

Рашковски објаснуваше дека одлуката за избор на италијанската компанија Леонардо како победник во тендерот, ја потпишал Живко Поповски, татко на актуелниот пратеник и поранешниот министер за надворешни работи Никола Поповски. Според Рашковски, некои лица од претходниот менаџмент на компанијата упорно сакале проектот да не успее, доведувајќи ги во опасност граѓаните и нивното право на безбедно небо. Затоа најави одговорност кон сите оние кои ги одолговлекувале роковите.

Тој потврди дека гласот на аудио снимката која беше објавена како бомба е негов и додаде дека е несериозно да се објават само 15-тина минути од разговорот којшто траел околу еден час. Затоа најави тужба против Климент Чепуњовски, разрешен директор на техника во М-НАВ, поради неовластено тонско снимање, а дополнително за клевета и навреда најaви дека ќе ги тужи и Иванка Василевска од ВМРО-ДПМНЕ, Горан Момировски, Љупчо Златев, Љупчо Палевски, Миленко Неделковски, Ирена Радовановиќ, Ваљон Беља и партијата Левица.

Арбитражна постапка, како што кажа, ќе биде поднесена против порталите „Курир“, „Експрес“, „Инфомакс“ и „Лидер“.

На денешната прес конференција Рашковски им се извини на лицата и државите кои се нашле навредени во објавената „бомба“ за тендерот за набавка на радарски систем, но упорно ги игнорираше прашањата на новинарите кои се однесуваа на тој дел од разговорот.

Новинар: Господине Рашковски, Вие се конфронтирате со новинари. Договорот е потпишан на 15.12. 2018 Поповски Никола нема врска со ова. Вие сте на разговорот. Може да се извинувате до небо, месечинии сл. но фактот дека сте расист останува. Вие ќе се извините, но вашето чувство за Италијанците и Ромите ќе остане и затоа треба да поднесете оставка. Понатаму, Вие седнувате со компанијата на средбата и се договарате за продолжување на валидноста на одлуката иако валидноста завршува на 15 октомври, а тоа значи дека треба да ретендерирате, сакале ЕБОР или не, зошто тогаш таа понуда не е валидна.

Рашковски: По кој закон е тоа дека треба да ретендерирам? Одлуката за избор е донесена и потпишана од страна на Поповски, ве молам во првиот слајд ви пишува дека важечко право е англиското, а не македонското, ова е одговор на прашањето на двајцата мои поранешени студенти?

Новинар: Ќе се извините ли за лажните вести, ќе поднесете ли оставка?

Рашковски: Друго прашање.

На крајот посочи дека на 11 прес конференции на ВМРО-ДПМНЕ против Драги Рашковски во 2017 тата година биле изнесени клевети против него, за што судот пресудил во негова корист, но тој им простил и не ја побарал досудената оштета поради, како што рече, лошата финансиска состојба во која се наоѓа на партијата.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG