Обвинувањата за тоа која власт била подобра, а која по криминална ја вжешти атмосферата меѓу пратениците на СДСМ и ВМРО- ДПМНЕ на собраниската седница за владината реконструкција. Премиерот Зоран Заев најави дека по притисокот од јавноста и од опозицијата и по ставот на Антикорупциската комисија ќе го повлече предлогот според кој треба да биде и министер за финансии.
„Уставот и Законот за Влада дозволуваат премиерот да биде и министер. Сепак, му дадов налог на кабинетот да ја повлече мојата кандидатура за министер за финансии. Согласно овластувастувањата со Законот за Влада, ќе раководам со Министерството за финансии, се до изборот на нов министер “ вели Заев.
Опозицијата обвини дека привремениот ангажман и потпис на документите на премиерот како министер за финансии ќе биде незаконски и ќе значи злоупотреба на службена должност. Пратеникот Антонијо Милошоски тврди дека додека се чека нов министер главниот збор во финансии треба да го има заменичката министерка Ширет Елези, а не Заев. Милошоски вели и дека во светот има примери за тоа кога еден премиер бил и министер.
„Ама само еден е и премиер и министер за финансии. Тоа е премиерот на Белизе, кој е наспомнуван за криминал и корупција“, забележа Милошоски.
„За Белизе не знам од кај ви е познато, ама изгледа знаете вие. Законот за Влада го дозволува и ме обврзува на тоа да обезбедам целосна ефикасност на Владата. Премиерот може да влијае на политиките на сите министри. Јас не сум таму за да потпишувам, туку за да ги исполнам политиките за бенефит на граѓаните", возврати Заев од собраниската говорница.
Инаку Белизе во македонските медиуми се прослави како даночен рај за фирми кои сега се под сомнение на СЈО за перење на пари, а беа поврзани со функционери од претходната влада.
На забелешките каде се ветените 500 евра просечна плата, Заев рече дека токму затоа влегува во финансии и оти тоа ветување и ветувањето кон пензионерите за зголемени пензии ќе ги исполни.
Во меѓувреме додека траеше дебатата, во прес салата пратеникот од НДП и потпретседател на Собранието Весел Мемеди со услов до ДУИ И СДСМ дека ќе ја напушти коалицијата ако мнозинството изгласа смена на неговиот министер Сухејл Фазлиу.
„Ќе поднесеме неотповиклива оставка од сите дирекции и управни одбори, и повлекување од функцијата заменик-претседател на Собранието, како и предавање на мандатот на пратеникот во Собранието на Република Северна Македонија“, изјави Мемеди.
Тој додаде дека не може да се пазари со министерството бидејќи тоа секогаш им припаѓало на Албанците и дека тој немал мандат да им го предаде на СДСМ.
Собранието на почетокот на седницата констатираше дека на министрите за култура, за земјоделство шумарство и водостопанство, за животна средина и на министерот без ресор, Асаф Адеми, Љупчо Николовски, Садула Дураку и Зоран Шапуриќ им престана мандатот, бидејќи тие претходно поднеле оставки. Ниту еден од министрите не ја образложи својата оставка.
СДСМ и ВМРО- ДПМНЕ не ја пропуштија можноста повторно да се расправаат за промената на името, за економските резултати и нивното толкување како и за тоа кој ќе победи на следните избори.