Достапни линкови

Јовановски наплатил 1,5 милиони евра за влијание врз обвинител


Основно јавно обвинителство (ОЈО). Обвинители Љубомир Јовески и Вилма Русковска.
Основно јавно обвинителство (ОЈО). Обвинители Љубомир Јовески и Вилма Русковска.

Обвинителката Вилма Русковска побара од Кривичниот суд определување на мерка притвор за две осомничени лица кои се сомничат дека сториле кривично дело „примање награда на незаконит начин“ и „перење пари“.

По поднесена кривична пријава, OJO отвори истрага за две лица кои се сомничат дека сториле кривично дело „примање награда на незаконит начин“ и „перење пари“. На денешната прес конференција обвинителката Вилма Русковска соопшти дека за овој случај се собрани повеќе вербални и материјални докази и затоа од Кривичниот суд побара мерка притвор за осомничените. Како што соопшти од ноември лани, до април годинава, првоосомничениот влијаел преку јавен обвинител да се олесни кривичниот прогон кон одредено лице за кое се водело постапка. Од лицето на кое му помогнале во неколку наврати примиле еден и пол милиони евра како поткуп. За да продолжат да му помагаат било договорено да примат уште 5 милиони евра како награда. Но, откако добиле 1,5 милиони евра, тие се посомневале во доверливоста на сведокот и престанале со средбите.

Русковска информираше дека првоосомничениот се сомничи и за перење пари, што значи дека нелегално земените пари ги користел за лични задоволства, одмори, облека и друго.

„Во оваа постапка нема опфатено правно лице. Се уште немаме комплетна финансиска истрага, со тоа што за првоосомичениот досега немаме најдено имот на негово име, а за второосомничениот се уште е во тек финансиската истрага. Сослушани се повеќе сведоци, се собираат материјални докази и мора сите да признаете дека ова е премногу краток период за да имаме комплетна слика и од финансиски план, но и од инволвираност за други лица“, изјави Русковска.

Од ОЈО не сакаа да соопштат детали во врска со истрагата за да не и наштетат на истата, но ги охрабрија сите кои биле предмет на вакви влијанија да го пријават тоа.

„Во моментов, надлежните преземаат дејствија за прибирање докази и обезбедување присуство, а охрабрувам ако има и други лица подложени на вакви дејствија да пријават во обвинителството“, изјави републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески и додаде дека истрагата треба да покаже дали и јавниот обвинител со помош на чие влијание тргувале осомничените, постапил незаконски. Тој додаде дека имунитетот не го штити јавниот обвинител доколку се покаже негова инволвираност во случајот.

На прашањето дали оставката на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева има некаква поврзаност со оваа истрага, републичкиот јавен обвинител кратко одговори:

„Оставката на Катица Јанева е нејзин личен чин и тука нема што ние да коментираме“, изјави Јовески.

Претходно денеска на информативен разговор беа приведени Бојан Јовановски, неформален сопственик на 1 ТВ и бизнисменот Зоран Милевски.

Името на Јовановски веќе со месеци се споменуваше во јавноста во врска со наводите за рекетирање на бизнисмени и политичари. Јовановски во интервју на својата телевизија пред две недели демантираше дека рекетирал и дека заедно со синот на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева вршеле притисок врз бизнисмени.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG