Единаесет академски домашни и сликари од регионот Србија, БиХ и Бугарија, учесници на 45-та Ликовна колонија „Куманово 2019“ во комбинирани техники и со донесена и побудена инспирација во прекрасниот амбиент во Меморијалниот центар „АСНОМ“ во Пелинце, со своите творби ќе го зголемат уметничкиот фонд на Музејот во Куманово.
Раскошната вегетација и шумолењето на реката Пчиња, во мирот нарушуван само од птичјите оркестри уметниците велат, дека како ретко каде за кусо време може да се создаде богато творештво.
Милена Станков од Софија, Бугарија вели дека многу и се допаѓа амбиентот.
„Природата е прекрасна, неверојатни домаќини, имаме чудесно атеље во кое работиме со различни слободни техники. Мотивите многу ме инспирираа. Минатата година бев во Кавадарци и многу сум среќна што сум сега тука“, вели Милена Санков.
Сликарот од Требиње, БиХ, Саво Рупиќ во нашата држава е вторпат, во Куманово првпат, вели дека е воодушевен, а по Куманово неколку дена ќе престојува во Охрид каде што со двајца колеги од неговата академија ќе има мала изложба.
„Амбиентот е еден од најинспиративните што сум видел воопшто. Ова е рај за сликање, затоа што е во природа, многу е мирно, нема никакви ограничувања, затоа што е во онаа шума висока 30-40 метри и реката, сè е живо. Повеќе може тука да се создаде за десетина денови отколку некаде за два месеца. Ова е нешто најубаво за творење од она што сум имал можност да видам, а сум бил на 30-ина колонии. Не е многу, но мислам доволно е за споредба“, вели Рупиќ.
Пелинце е прекрасен автономен простор идеален за престој и творење и за младиот сликар Никола Пијанманов од Струмица.
„Тоа е како еден жив парк, полн со скулптури, со дрвја и со растенија, секако дека е инспиративен просторот, а и екипата е составена од многу млади даровити уметници. Моментално работам со акрил со пигменти техника на платно, поставив малку поголема композиција. Инспирацијата е комбинирана, тоа што го носиме во себе и она што го запознаваме директно во просторот Пелинце. Мозаикот на мојот професор Рубенс Корубин е исто така доста инспиративен, тоа е не само еден споменик на државноста“, вели Пијаманов.
Ликовната колонија „Куманово“ е една од најстарите колонии во државава бидејќи датира од 1974-та година биенално одржувана со Врање (Србија) во Манастирот Прохор Пчињски, а по општествено-политичките промени таа се „сели“, вели Перо Величковски од кумановскиот Музеј.
„Во 1992-та година во Хотелот „Ку-Ба“, потоа во Манастирот во Матејче, по градот додека не се преселивме во Пелинце 2004-та година“, вели Величковски.
Драгана Спасковска, кустос од Кумановскиот музеј, додава дека со Советот, Општината Куманово и НУ Музеј со оваа колонија ќе одбележат јубилеј, а се очекува уметниците да остават околу 20-ина свои дела.
„Делата ќе завршат во НУ Музеј од Куманово и Општината Куманово“, вели Спасковска.