Секоја година студенти ширум Македонија доаѓаат во Скопје и ги откриваат поволностите на живот во главниот град на државата, но тука се соочуваат и со првите разочарувања затоа што студентските денови ги поминуваат во услови кои не доликуваат за идни факултетски образувани гараѓани.
Многумина велат дека поради стандардот на нивните родители не би можеле да студираат во Скопје ако не се сместени во дом, каде цените се многу пониски од изнајмување стан. Но, разочарни се кога гледаат дека стандардот во студентските домови е лош.
Иако во некои студентски домови условите се подобри по реновирањата во последните неколку години, во други домови тие се под пропишаните стандарди, а некаде има само делумни зафати и таквата слика предизвукува сомнеж дека може да се очекуваат вистински инвестиции кои му се потребни на високото образавание.
Студентите се жалат на лошите услови во студентските домови, дотраени тоалети, скромната трпеза, недостигот на простории за учење и на спортски и културни активности кои остануваат обесхрабрувачки декор во државата со години наназад.
„Треба да има подобри услови и во другите домови како во „Гоце Делчев“ каде во реновираните делови навистина е добро. Но, тешко кој може да се смести таму. Мислам дека се е преку пријатели за сместување “
„Трета година ми е по домови. На какви било услови сум навикнат. Има многу лоши и многу добри зависи во кој дом си, или во каква соба и кој претходно си престојувал“.
„Лани кога дојдов во домот „Кузман Јосифовски Питу“ имаше реновирани работи како нови шкафови и кревети, столови и нови маси. Од тоа сум задоволна. Но, уште треба да се реновира“.
„Од Струмица сум, кажуваат од порано дека студентскиот живот е најдобар живот. Овде ќе бидеме четири или пет години и тоа останува дел од животот. Затоа очекуваме да има подобри услови и се надеваме дека тоа ќе се оствари за кусо време“, ни изјавија некои од студентите.
Во студентските домови во Скопје цената за сместување со вклучена исхрана од три оброци на ден која ја плаќаат студентите изнесува 3410 денари. Студентите велат дека главно кога ќе се каже студентски дом во Македонија под тоа се подразбира соба за спиење и храна во мензата, но укажуваат дека треба да се размислува и да се обезбедат опремени читални и библиотеки и други содржини.
Поразлични од овие се искуствата на македонските студентите кои студираат во некои од земјите во регионот. Славе од почетокот на студиите во Пловдив во Бугарија е сместен во студентски дом. Минатата година се запишал на прва година на медицинскиот факултет во Пловдив.
Тој вели дека и таму цената за сместување без вклучена исхрана изнесува околу 3 илјади денари, но на располагање има и многу повеќе работи за раздвижување и на духот и телото. Студентите во Пловдив може да вежбаат и во спортска сала, да играат пинг понг или фудбал и кошарка, а сето тоа може да го имаат без да излезат од домот, иако не се опремени со најсовремена опрема. На студентите им е олеснително при студирањето и тоа што имаат опремени библиотеки со литература која им е потребна.
„Двајца сме во соба, инвентарот е добар, реновирано е пред две години. Имаме услови. Можеш да запознаеш различни луѓе. Условите за учење да не кажам пефектни, но добри се. Во склоп на домот има и читална и библиотека. Надвор има голем двор и има спортски терени. Има сала з а пинг -понг, фудбал, кошарка, за спортови што најчесто се играат. Има два блока од по 12 ката и собира околу 1.200 студенти“, вели Славе.
Кога станува збор за исхрана, дневно еден студент, според Славе, треба да издвои околу 600 денари за да добие три оброка во мензата. Секако храната на сите не им се допаѓа. За овој студент од Македонија таа е премногу зачинета, но е разновидна. Освен во мензата тие одат и во околните ресторани каде што изборот е подобар.
Славе вели дека храната може да биде и подобра. Но тој додава дека кога се подготвуваат испити, не се прашувате што има да се јаде и дали е баш по ваш вкус, туку ќе спуштите долу на брзина за да изедете некој оброк и се враќата во соба да учите.
„Имаме добри книги од библиотеките и читалните. Тивко е во тие простории и никокој не те вознемирува. Во собите секој има по еден цимер и не е лошо. Секоја соба има посебен тоалет што само двајца го користат. Речиси сите се задоволни“, вели Славе.
И од Младинскиот образовен форум се свесни дека условите во домовите кај нас не се доволни за потребите на студентите. Тие во изминатите денови заедно со раководителите направија се што можат престојот на студентите да им го направат попријатен. Изминатите денови во соработка со компании дел од домовите ги опремија со книги, а пред објектите на некои од домовите каде од надвор може да се види дека нема клупи и тревни површини заедно со студентите ослободија простор за површини за одмор и рекреација.
Меѓутоa, од Младинскиот образовен форум сметаат дека општеството треба да се бори да направи се што е во негова моќ за да им се обезбедaт подобри услови за живот, но и академски развој на студентите.
Дека домовите не се наоѓаат во завидна положба покажа и истражувањето за квалитетот на живот таму.
Во заклучоците се наведува дека буџетот за трите домови кои се под надлежност на државата годишно во просек изнесува 3,5 милиони евра. Но, само 15 отсто од овие средства се одвојуваат за храна во студентските мензи, додека за плати за вработените се одвојуваат 28 отсто. Покрај ова, 40 отсто од студентите забележале корупција во домот во кој престојувале, а 33 отсто самите ја искусиле, било преку добивање легла или одредени привилегии за време на престојот.
„Очигледно е дека овие 15 отсто што се одвојуваат од буџетот не се доволни за еден студент“, забележа Петар Барлаковски, истражувач и проектен асистент во МОФ. До податоците заедно со Мартина Илиевска дошле преку анализа на годишните финансиски извештаи на ДСД и склучените договори за јавни набавки.
За скромните трпези на студентите најдобро зборува податокот дека за подготовка на оброци дневно се трошат по само 61 денар дневно за еден студент.
Исто така загрижува и податокот дека бројот на студенти во домовите е во опаѓање. Од 2014 до 2018 забележан е пад од 21 процент, а тоа се поврзува со заминувањето на младите од државата.
Со истражувањата се опфатени трите студентски дома Кузман Јосифовски Питу, Гоце Делчев и Стив Наумов.
Според испитаниците, просечната оценка за квалитетот на живот во студентските домови од 1 до 5 е 2,93. Истражувањето покажува високо ниво за свесност на проблемите, но исто така загрижува и апатичноста - 92 процента од испитаниците рекле дека нема да учествуваат во носење одлуки во домовите, а како причина наведуваат дека немаат верба дека нешто би можело да се промени.