Достапни линкови

Падот на Чарлиевите ангели и партиските бои на новиот закон за ЈО


Архива - Прес-конференција на Специјалното јавно обвинителство - СЈО. обвинителките Катица Јанева, Фатиме Фетаи и Ленче Ристоска.
Архива - Прес-конференција на Специјалното јавно обвинителство - СЈО. обвинителките Катица Јанева, Фатиме Фетаи и Ленче Ристоска.

Специјалното јавно обвинителство кое требаше да расчисти со наводниот криминал на „Фамилијата“ на екс премиерот Никола Груевски и екс шефот на тајната полиција Сашо Мијалков наскоро нема да биде специјално. Чарлиевите ангели заминуваат во историјата. Битката со криминалот велат продолжува, но малку кој веќе верува во исполнувањето на слоганот на Шарената револуција: „Нема правда – нема мир!“

Катица Јанева, Фатиме Фетаи и Ленче Ристоска беа македонските Чарлиеви ангели, според познатата американска крими серија, кога во септември 2015 се формираше Специјалното јавно обвинителство, кое требаше да се справи со наводниот криминал на режимот на екс премиерот Никола Груевски. Локалните и светските медиуми тогаш ги глорифицираа, а македонската јавност триеше раце, надевајќи се дека криминалците ќе завршат во затвор, а парите ќе бидат вратени. Но, ниту главните осомничени се во затвор, ниту на парите им се гледа трага, освен нешто ситно.

Денеска за некои, главниот „ангел“ Специјалниот јавен обвинител Катица Јанева е црниот ѓавол. Јавноста, според психологијата на масата, е таква. Ве крева до небо, па ве акнува на земја. Заслужено или не, но секогаш е така. Според многумина, лидерот на тимот, македонската копија на романската обвинителка Моника Маковеј дебело разочара. Јанева, официјално не е обвинета за случајот „Рекет“, но по одземените службени телефони е ставена сега - засега само на судот на јавноста. „Рекет“ допрва ќе се развива и истражува, но Катица Јанева е длабоко потоната што е причина за спуштање на нивото на целото СЈО во рамките на новиот закон за Обвинителство за кој Собранието ќе дебатира на крајот на август.

Во случајот „Рекет“, имено засега се под истрага само наводниот сопственик на ТВ1 Бојан Јовановски – Боки 13 во чија телевизија работи синот на Катица Јанева и бизнисменот Зоран Милески - Зоки Кичеец за изнудување милионски суми рекет од бизнисмени и градоначалници злоупотребувајќи ја наводно моќта на СЈО.

Имено, целата приказна околу СЈО е дел од серијалот на бараните реформи во Обвинителството, на инсистирањето на ЕУ и САД за справување со високо организираниот криминал и, за жал, со партиските интереси околу работата на „специјалците“. Згора на сè, донесувањето на новиот закон е услов за добивање датум за преговори со ЕУ, односно желбата на земјата, барем да не и даде изговор на Унијата за повторно одложување на пристапните преговори во октомври.

Каков - таков закон во согласност со партиските интереси?

На Катица Јанева и на нејзиниот тим, во ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, никогаш не гледаа позитивно заради големите сомнежи за криминалот на раководствата на овие две партии во времето на сега актуелниот унгарскиот азилант Никола Груевски. Љубов на Катица и на овој модел на СЈО почна да му откажува и власта. Една од причините се последните случувања околу Јанева, но веројатно има и други кои кога - тогаш ќе излезат на виделина. Како и да е, партиската сапунска опера, според аналитичарите, се должи на силниот мотив да се заштитат од силна институција која би можела на сите да им стапне на вратот.

„Во секој случај тоа е стара приказна и кај нас и во други држави, но треба да покажат и висока политичка и морална одговорност, затоа што е многу јасно дека ова општество веќе не може да проџвака неказнивост и неодговорно однесување на политичарите, така што мислам дека веќе сме влезени во таа фаза како општество каде што политичарите се свесни дека секоја злоупотреба на службена должност завршува со правна и кривична одговорност“, вели аналитичарот Алберт Муслиу.

Тој смета дека во партиите не водат борба за иднината не евентуални кривични дела и сторители, туку дека се води борба за криминалот сторен во минатото.

Џемали Саити, претседател на Здружението на судии во неделното интервју на Радио Слободна Европа пак, изјави дека смета оти политичките пазарења имаат своја цена и дека тоа некаде ќе се одрази. За жал, сите комбинации на грбот на судството се штетни, вели Саити.

„Факт е дека суверенот, односно народот преку пратениците ги дефинира законите, но би го замолил сега суверенот да прави помалку процесни празнини, слабости кои би се одразиле во однос на нашата примена во практиката за да не дојдеме во ситуација повторно да се занимаваме кој е крив, дали е крив Судот или Обвинителството“, вели Саити.

Исто е ама, демек, не е исто!

Владата предлага Специјалното јавно обвинителство како структура да се интегрира во досегашното Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и да добие нов назив: „Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција“.

ВМРО-ДПМНЕ бара тоа да биде посебно одделение во рамките на Обвинителството за организиран криминал и корупција кое што ќе се нарекува одделение за гонење на организиран криминал и висока корупција, а не СЈО да биде дел од обвинителството за организиран криминал и корупција.

Натаму, ВМРО-ДПМНЕ бара обвинителите од СЈО да се вратат во матичните обвинителства, а владата предлага тие да продолжат да работат во новото ЈО, во однос на предметите кои веќе ги води СЈО, Владата предлага сите случаи кои се пред судовите да ги продолжи новото Јавно обвинителство, а ВМРО-ДПМНЕ бара нив да ги преземе Државниот јавен обвинител и да ги прераспредели согласно со процесите онаму каде тие дела припаѓаат.

Истовремено, еден од главните проблеми е и кој да го води тоа Обвинителство. И власта и опозицијата излегоа со свои размислувања кои наидоа на меѓусебно негодување, а донекаде и до бурни реакции на социјалните мрежи.

За луѓето кои не се блиски со законите и правото нема голема разлика. Главниот заклучок е дека личи оти и оваа приказна е иста ама демек, не е иста. Како и да е, општ впечаток е дека СЈО – то заминува во историјата во една или друга форма, а и онака ниското ниво на доверба на граѓаните во судството е доле да подоле не може. А нели „Нема правда – нема мир“, се скандираше не така одамна на Шарената револуција.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

  • 16x9 Image

    Зоран Ќука

    Во Слободна Европа во Прага е од нејзиното формирање на 1 Септември 2001 година. Кариерата ја започна во Македонското радио, па следат ТВ - А1 и ТВ Телма, со истовремена дописничка работа за Радио и ТВ Босна и Херцеговина, Загребското Независно 101 Радио, и Љубљанското Студент Радио.

XS
SM
MD
LG