Достапни линкови

Саити - Политичките пазарења на грбот на судството се штетни


Саити - „Рекет“ засега се води на фолклорен начин
please wait

No media source currently available

0:00 0:13:19 0:00

Саити - „Рекет“ засега се води на фолклорен начин

Воопшто не е битно во какви услови е донесен законот, битно е што ќе се вгради како одредба. Се надевам дека ќе имаме помалку контроверзни одредби, кристално чисти, јасни одредби кои ќе ја олеснат работата на судството, вели Џемали Саити, претседател на Здружението на судии во неделното интервју на Радио Слободна Европа. Тој зборува и за тоа како „Рекет“ ќе се одрази на судството и на СЈО и за ветингот.

Судија Саити, дали очекувате и законското решени за Јавното обвинителство да биде мета на политички пазарења?

Политичките пазарења имаат своја цена и тоа некаде ќе се одрази. За жал, сите комбинации на грбот на судството се штетни. Неколкупати, и на јавната расправа во Собрание во однос на законот за судови, истакнав дека сите комбинации кои се прават врз грбот на судството се штетни. Факт е дека суверенот, односно народот преку пратениците ги дефинира законите, постапките, но би го замолил сега суверенот да прави помалку процесни празнини, слабости кои би се одразиле во однос на нашата примена во практиката. Сведоци сме дека во стариот закон имаше доста празнини кои се одразуваа негативно на функционирањето. Една од тие празнини е фактот што го истакнав пред малку, дека навистина треба да се предвидат добри процесни правила, за да не дојдеме во ситуација повторно да се занимаваме кој е крив, дали е крив Судот или Обвинителството. Сметам дека пазарењата ќе бидат помалку видливи во текстот на законот, сметам дека судиите, обвинителите и политичарите нема да се повикаат на Пржино, туку ќе се повикаат на одредбите во законот. Затоа што досега сме биле сведоци многу луѓе да се повикаат во кои услови, во какви услови е донесен законот. Воопшто не е битно во какви услови е донесен законот, битно е што ќе се вгради како одредба. Се надевам дека ќе имаме помалку контроверзни одредби, кристално чисти, јасни одредби кои ќе ја олеснат работата на судството.

Судија како последниот случај што го отвори Обвинителството за организиран криминал и корупција, или во јавноста познат како „Рекет“, ќе се одрази на правната држава воопшто, но секако и на институцијата Специјално јавно обвинителство, коешто уживаше голема популарност и доверба во јавноста?

Генерално на општата доверба на граѓаните во правосудниот систем ќе влијае негативно, иако одредени политички структури и одредени структури од меѓународната заедница го поздравија овој чин со тоа што сметаат дека едно ново поглавје од борбата против корупцијата и организираниот криминал. Но генерално сметам дека оваа постапка негативно ќе влијае на рејтингот на судството, на довербата, но од друга страна доколку се спроведе на вистински начин, иако во оваа фаза, искрен сум, морам да признам, оваа постапка се води поприлично јавно и поприлично на некој фолклорен начин да кажам, за тоа што се уште немаме ние конкретни акти по однос на предметот. Доколку е така, сметам дека тоа е постапка која треба да се спроведе на таков начин, но последиците по СЈО се познати, значи негативни се. Ќе се обидат веројатно политичките чинители да најдат решение, рамка, како тоа да се ублажи во однос на целата структура на СЈО, но тука се согласувам и со мислењето на професор Гордан Калајџиев, кој истакна дека судбината на СЈО сепак е врзана со првиот човек, затоа што СЈО е јавниот обвинител, сите други се во функција на обавување на таа дејност.

Зошто и покрај сите забелешки и во извештајот на Прибе и во извештајот на Европската комисија се уште судат судии за кои што слушавме во таканаречените бомби?

Ова прашање требаше да помине низ призмата на работењето на Судскиот совет. Судскиот совет, сведоци сме дека во последно време, покажува значи на оживување, но сепак ќе повторам дека уште е во своето маргинално функционирање. За целиот изминат период имаше пасивна позиција во сите овие процеси и активности и се надевам дека ова прашање ќе го решаваат во иднина, затоа што ние не можеме да го решиме од оваа позиција, каде што сега се наоѓаме.

Судија Саити кој е вашиот став во однос на ветингот во судството? Премиерот Зоран Заев неодамна ја отфрли оваа иницијатива со образложение дека би можело да се доведеме до ситуација да останеме без судии. Кој е вашиот став по ова прашање.

Прашањето на ветингот подолго време циркулира во нашиот етер. Споменавте пред малку дека тогашната опозиција се залагаше за реизбор, јас тогаш како претседател на здружение силно се спротивставува и лобирав пред меѓународната заедница и сите институции дека таа форма на прочистување не е адекватна и тогашната опозицијата, сегашна власт, отстапи, ретерираше во однос на таа идеја.

Ветингот е многу интересно прашање. Сведоци сме дека во јавноста имаме повремено изјави, некогаш одмерени, некогаш неодмерени, по мене две групи на луѓе кои даваат такви изјави. Во едната група би ги сврстил луѓето кои воопшто не размислуваат за правните последици што после ветингот. И втората група која сметам дека одработува веројатно за некоја од политичките структури или за некој од центрите на моќ кои инсистираат без целоста анализа да се има ветинг. Мојот став неколку пати сум го истакнал и сум апелирал пред судиите на крупни настани, ветингот да биде процес на самоевалуација на судиите, односно ние преку нашите одлуки да потврдиме, да докажеме пред јавноста, дека навистина носиме правилно одлуки и немаме проблем со тие работи. Во ова насока мора да го истакнеме и ставот на Прибе кој вели дека имаме проблем со одредена мала група на судии кои треба да се процесуираат и да се види дали навистина имаат негативен пристап во судењето. Вие немате генерален проблем, генерално ги исполнувате условите, имате задоволителни капацитети, затоа сметам дека ветингот, пред да се пристапи кон овој процес, доколку се пристапи, треба навистина да се обмисли од аспект на последиците кои би биле после ветинг, дали ние сакаме прочистување на судии или сакаме состојба да нема кој да суди. Тоа се многу симптоматични прашања, затоа сметам дека премиерот Зоран Заев можеби овие аспекти ги опфаќа.

Целото интервју со претседателот на Здружението на судии, Џемали Саити, може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG