Речиси нема други вести на порталите на печатените медиуми, како и на електронските, освен за најновиот случај во кој главни актери се Бојан Јовановски, со прекар Боки 13, Зоран Милески викан Кичеец и главната обвинителка во СЈО, Катица Јанева. Како прво, „Одбиени се жалбите, Боки 13 и Милевски остануваат во притвор“, информираат сите електронски изданија на печатените медиуми. Исто така сите портали ја објавија изјавата на премиерот Заев на прес-конференцијата по тој повод: „Обвинителството ќе каже дали Катица Јанева е злоупотребена или има докази против неа“.
Инаку, „Заев прв го пријавил рекетот на Боки 13 во Јавното обвинителство, откако уште во април бизнисмени на кои им бил баран рекет се пожалиле кај премиерот“, наслови Независен, кој додава дека Обвинителството за организиран криминал и корупција за Независен ја потврдува оваа информација.
Слободен печат го објавува коментарот на претседателот на Собранието, Талат Џафери: „Случајот со Јанева не може да го попречи патот на земјава кон НАТО, но може да се одрази врз ЕУ процесот“.
На една од насловните страници, Слободен печат објави: „Како скандалот да не ја убие институцијата што донесе надеж? – СЈО не е Катица, Јанева не е СЈО“, по заедничката прес-конференција на сите обвинители од СЈО. На истиот настан и Независен ја посвети насловната страница: „Катица Јанева ги сплоти обвинителите на СЈО против неа – заедно ја пуштија низ вода – поединци не ги отсликуваат сите од СЈО“, наслови Независен со додавка од изјавата на обвинителката Ленче Ристоска: „Секој што се огрешил од законот треба да одговара“.
Вечер објави: „Мицкоски бара притвор за Катица Јанева“. „Ванхојте: Допре ли Катица Јанева до недопирливите?“ – насловува Нова Македонија, пренесувајќи го коментарот на белгискиот дипломат, кој исто така вели дека „што и да се случило во СЈО важно е да се запрат шпекулациите и да му се овозможи на Обвинителството да си ја врши својата работа. Во случај да има злоупотреба на функцијата, луѓето кои се вмешани, треба да бидат и осудени. Но запрете ги гласините!“, коментира Ванхојте и за ситуацијата ги обвинува политичарите. „Тие потполно ја оплескаа работата! Наместо да гарантираат независно и објективно судство, политичарите од сите партии продолжија со нивните лични конфликти“, додава Белгиецот.
Вечер загатнува: „Каде исчезнаа дипломатските пари за СЈО? Се бара ОЛАФ – Европската канцеларија против финансиски измами, да го истражува холандскиот амбасадор Пломп за Јанева и Боки 13“ – ова прашање всушност го поставува јавно на социјалните мрежи поранешниот амбасадор, Арсим Зеколи, наведува Вечер.
И, некако во сенка на случувањата со рекетот и гласините што ги објавуваат речиси сите печатени медиуми, помина веста за разрешувањето на десетици директори, членови на управни и надзорни одбори и функционери. Нова Македонија објави: „Никој не е непроменлив, кажа премиерот Зоран Заев соопштувајќи ги имињата на функционерите опфатени од веќе најавената реконструкција“. Весникот додава дека некои од разрешените се актери во афери објавени во јавноста, работеле недоволно транспарентно и не ги почитувале процедурите на Владата.
Еве уште некои од информациите што ги читаме во печатените медиуми: „Пролонгирано одењето в затвор на Сеад Кочан. Поднел барање поради болест“ – објавува Нова Македонија.
„Суспендиран екс претседателот на Кривичен суд, Владимир Панчевски поради обвинение за местење предмети кај подобни судии“.
Заедно со оваа вест, Независен објави дека „Разрешувањето на претседателот на Врховен суд, Јово Вангеловски е одложено за друга седница“.
Од странство: „Конгресот го отфрли барањето за импичмент на претседателот Доналд Трамп“, објавија Нова Македонија и Вечер.
Слободен печат: „Цел свет во опасност: Од Африка се заканува смртоносна ебола и СЗО епидемијата на оваа вирусна болест во Конго ја прогласи за меѓународна здравствена криза“.
За крај, човек да се смее или да плаче: „Нуркачите од центарот Акватек во Охрид ја извлекоа кадата фрлена во Охридското Езеро од некој несовесен охриѓанец!“.