Достапни линкови

Се повлекуваат ли институциите под притисок?


Укажувањата за нелегитимности во напредувања и други примери повторно го отворија прашањето за функционалноста на институциите. Експертите велат дека укажувањата за неправилности треба докрај да се истражат за да нема сомнежи.

Случајот со укажувања за нелегитимности во напредувањето во научните звања на некои функционери и потоа отворената дисциплинска постапка за инспекторот кој ги обелодени информациите во јавноста повторно го отвори прашањето за тоа колку се функционални институциите и какви се реакциите кога има посочувања за злоупотреби од поединци во власта.

Антикорупциoнерот Драган Малиновски вели дека институциите треба да ги проверат докрај наодите со цел во јавноста да не остане простор за сомнеж.

„Инспекторот во рамки на своите надлежности утврдил одреденa состојба, не навлегувам дали е правилна или не, и го проследил случајот да биде доразгледан и расчистен. Инспекторот и неговиот наод мора да биде докрај проверен, зашто тоа е прашање на институциите кои треба да постапуваат по неговиот наод“, вели Малиновски.

Просветниот инспектор Ѓорги Илиевски Илиевски треба да се појави на 19-ти месецов пред дисциплинската комисија, а случајот го пријавил кај Народниот правобранител, од каде што побарал нивни претставник на соочувањето. Запознаена е и Државната комисија за спречување корупција која најави отворање предмет.

Во изминатиот период министерката за труд Мила Царовска соопшти дека Фондот за пензиско осигурување 10 години не им ги префрлал парите на 12 илјади вработени во Вториот пензиски столб, со што ги оштетил за 19 милиони евра. Во меѓувреме парите на оштетените беа вратени во буџетот, но немаше епилог откако Министерството поднесе кривична пријава против непознат сторител.

Александар Цветкоски од невладината организација АГТИС во многу од случаите кои ги има во континуитет гледа системски проблем.

„Нашатa јавност не е многу сензитивна на укажувачи на злоупотреби. Ги имало и порано и сега. Се работи за систем. Тоа е систем на поврзани садови. Тие укажувачите удираат на целиот систем, а мислат дека удираат на еден човек“, вели Цветкоски.

Експертите посочуваат дека многу е важно да има критична јавност

Откако Просветниот инспекторат покрена постапка имаше реакција од градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари кој напиша дека „Место да се охрабрат и да се поддржат луѓето кои што пријавуваат нерегуларности и незаконитости, кај нас тие се казнуваат“. Тој дополни дека тоа е една од главните причини поради кои младите си заминуваат.

Антикорупционерот Драган Малиновски вели дека очигледно е дека притисокот на јавноста се јавува како сериозен коректив кога институциите не функционираат. Како илустрација на повлекување на институциите под притисок и неможноста тие да постапат вистински тој го посочува случајот од пред една година со полицајката која сакашe да отстрани непрописно паркиран џип на партиски функционер.

„Очигледно не може да се ослободиме од компромисите на власта.. институции се повлекуваат под притисок на моќници. Тоа е сериозен проблем за кој треба сериозна политичка волја и доволно е да се сетиме наназад на ситуацијата со полицајката и пајакот и тоа е илустрација на немоќта на институциите да изреагираат вистински во дадена ситуација“, вели Малиновски

Во последниот случај прoтив просветниот инспектор за високо образование, Ѓорѓи Илиевски, кој обелодени дека министерот за образование и наука Арбер Адеми незаконски е избран во наставно-научно звање доцент на Правниот факултет на Државниот универзитет во Тетово во 2017 година, додека сѐ уште бил министер без ресор во Владата, негoвите претпоставени од државниот просветен инспекторат покренаа дисциплинска постапка. Директорот Томе Илевски изјави дека информациите од случајот со научни звања на функционери Илиевски не требал да ги кажува на медиумите.

Но овој случај во јавноста меѓутоа отвори и коментари дека инспекторот можел да реагира и за други дискутабилни напредувања во образованието пред неколку години. Некои во неговиот потег препознаа политика. Во одбрана, пак, на министерот се јави професор од факултетот во Тетово кој посочи дека тој бил неговиот најдобар студент. Цветкоски укажува дека најголем проблем е што и политичките партии секогаш критикуваат кога се во опозиција, а кога се на власт молчат. Тој вели дека тоа не е сменето.

„Тоа секојдневно се случуваше кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, секојдневно имаше укажувања од уметници и експерти за Скопје 2014, се укажуваше и за дивоградбите во Охрид, но никој ништо не преземаше и му беше гајле“, вели Цветкоски.

Тој вели дека неопходно е да има критична јавност и дополнува дека проблемот на системска корупција останува доминантен во земјата, нагласувајќи дека таа мора да се решава со воспоставување добра институционална реакција.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG