Достапни линкови

„Империја“ го возвраќа ударот врз СЈО


Доказите и истрагите кои се водеа во СЈО сега се под сенката за сомневањето за изнуда на пари од осомничен во истрага. Правниците велат дека тоа што осомничен е жртва на изнуда, не го „пере “ од сомневањата за други кривични дела.

Новинарските приказни со измислени ликови доби свој епилог во реалноста. Судот одреди притвор за менаџерот на 1ТВ Бојан Јовановски познат во јавноста како Боки 13 и Зоран Милевски познат под прекарот Кичеец. Во кривичната пријава на Oбвинителството како доказен материјал се и видео снимки, соопшти синоќа обвинителката Вилма Русковска. Таа додаде дека отворена е и финансиска истрага за стекнатиот имот на осомничените.

Во меѓувреме, Oбвинителството и го одзеде и телефонот на специјалната јавна обвинителка, како дел од доказната постапка, односно да се утврди дали и каква е релацијата меѓу осомничените и обвинителката Катица Јанева.

Драмата и шпекулациите околу рекет на осомничен бизнисмен во предметите на СЈО која вчера се одвиваше му наштети на имиџот на Специјалното обвинителство и ќе влијае негативно врз кредибилноста на нивните предмети, велат познавачите на судскиот систем.

Адвокатот Звонко Давидовиќ вели дека ако шпекулациите за некаква вклученост на Јанева во изнуда на пари од осомничен се точни, тогаш ова е голем срам за целата држава.

„Ако е тоа така, ако се точни шпекулациите, фрлаат сомневање на сите предмети на СЈО, не само на Империја. Тоа што се одзема, па се враќа пасош, се одредува мерка притвор на некој од осомничените, па се укинува, па пак се определува, создава големо сомневање за нивното работење. Вие се сеќавате дека пред одредено време беше блокиран имотот на една од политичките партии без какво било образложение, таа времена мерка беше симната. Така што сето тоа после вчерашните настани фрла сенка на работењето на СЈО“, вели Давидовиќ.

Тоа што бизнисменот за кој се претпоставува дека е осомничен во предметот Империја, во овој случај е жртва на рекет не значи дека е невин за други кривични дела, вели Давидовиќ.

„Не значи по автоматизам дека ако некој бил предмет на уцена или изнуда дека не е виновен за претходно сторено кривично дело. Едно со друго не се „пере“, не се анулира. Треба да се утврди кој што правел во СЈО, и сите овие луѓе во врска со поднесената кривична пријава, на еден од осомничените, а предметот реално со доказите, кои ги има во предметот треба да се проверат, сега веќе има сомневање колку се вистинити и валидни. Ако се вистинити треба да одговара за стореното кривично дело без оглед што можеби е жртва на рекет и изнуда“, објаснува Давидовиќ.

Поранешниот претседател на Врховниот суд Дане Илиев вели дека засега е потребно предметите да се остават во статус кво додека да се расчисти дали воопшто има инволвираност на Јанева во некое сомнително дело.

„Ќе има влијание врз сите предмети, но за секој посебно ќе треба да се докажува дали има некакво влијание врз предметите. Колку ќе влијае врз вкупниот авторитет на СЈО е неспорно, тоа негативно ќе се одрази. Мислам дека предметот со кој се поврзува во јавноста треба да си го преземе Јавното обвинителство, затоа што мислам дека СЈО нема да може да издржи до крај и да го сработи“, вели Илиев.

Инаку пред еден месец долгогодишниот новинар и уредник Бранко Героски посвети серија на новинарски текстови користејќи псевдоними за наводите за рекетирање на бизнисмени и политичари. Јовановски во интервју на својата телевизија пред две недели демантираше дека рекетирал и дека заедно со синот на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева вршеле притисок врз бизнисмени.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG