Од 1.900 пријавени работници на огласот, 1.300 работници ги исполниле условите и добиле ваучери за субвенциониран годишен одмор за работници со ниски примања. Корисниците на овие ваучери во вредност од 15.000 денари ќе имаат на располагање неколку хотели во земјата за сместување кои се претходно пријавени во Министерството за економија и со кое ресорното министерство има склучено договор за соработка.
Во 2018 година биле издадени над 1.700 потврди и точно толку семејства искористиле одмор во туристичките места низ државата, а мерката предизвикала раст на бројот на домашни туристи за 12 проценти во однос на претходната година.
Драги Стојанов од Виница е еден од корисниците на овие ваучери. Тој минатото лето заминал во Негорски бањи и одморот го искористил за бањско лекување. Работи само тој и вели дека никогаш и не помислил на годишен одмор, бидејќи месечните примања му се 21 000 денари.
„Јас цел живот не сум бил на одмор. Само јас си знам како се живее со таа плата. Со земјоделство и така некако крпиме од месец на месец. Затоа многу убаво ми дојде оваа мерка“, задоволно коментира Стојанов.
Менка Илиќ е самохрана мајка од Скопје. Има син студент и работи за плата од 18.000 денари. И таа лани се пријавила на огласот за субвенциониран одмор и била пресреќна што ја избрале.
„Кога се објави огласот веднаш конкуриравме, многу брзо ме известија, го подигнав ваучерот и со листата на хотели која ја добив од министерството одбрав да заминам 5 дена во Охрид. Полн пансион, немам никаква забелешка“, вели Илиќ.
Во огласот кој бил распишан од 2 април до 31 мај, доделени се 20 милиони денари, од вкупно предвидените 30 милиони, а остатокот од парите ќе биде доделен на огласот за август кој веќе е објавен, а ќе трае до 30 август, додека користењето на годишниот одмор ќе може да се реализира најдоцна до 30 ноември 2019 година.
И Блерим Реџепи кој заедно со своето семејство лани бил на одмор во Охрид со помош на субвенциите за годишен одмор, апелира сите кои ги исполнуваат условите да се пријават на огласот.
„Преку другари слушнав за огласот, после постојано следев на веб страницата на министерството кога ќе биде објавено и така дочекав и конкурирав. Условот е само семејството на работникот кој аплицира да нема месечни приходи поголеми од 22.000 денари. Мојата жена беше невработена, работев само јас и го исполнувавме условот. Децата беа пресреќни иако само еден викенд поминавме во еден од хотелите во Охрид“, раскажува Реџепи.
Оваа мерка е во рамки на „Програмата за домашен туризам за работници со ниски приходи 2019 година“, објавена во „Службен весник“ од 23 јануари годинава.
И според статистичките податоци, бројот на домашни туристи континуирано се зголемува, па во април годинава во однос на април минатата година е зголемен за 6,5 отсто, а на ноќевањата за 3,3 отсто, додека во периодот јануари – април годинава во однос на истиот период од претходната година, бројот на домашните туристи е заголемен за 5,4 проценти, а кај ноќевањата реализирани од домашни туристи за 4,4 проценти.