Достапни линкови

Тетовските средношколци бележат зголемување на средната оценка


Средната оценка за сите средни училишта во Тетово е 3, 65 која што е многу повисока во споредба со пред шест години кога средна оценка на сите средни училишта била 3,1.

Зголемена е средната оценка на сите ученици во средните училишта во општина Тетово, тврдат од Секторот за јавни дејности под чија надлежност е образованието по анализата откако заврши оваа учебна година и завршија трите уписни рокови.

Според раководителот Ахмед Ќазими, основата е во тоа што веќе неколку години се одржуваат високи критериуми за упис во средните училишта. Пример во најатрактивното средно медицинско училиште во најголемиот број насоки биле потребни минимум 70 поени. Во економското и гимназијата по 60 поени, додека најмалку 30 поени за одредени насоки во други училишта.

„Ние ги одржуваме строго критериумите за упис, не дозволивме да се запишат ученици надвор од пропишаните критериуми во конкурсот за упис на ученици. Тоа го одржуваме шеста година по ред, целта ние да се подигне квалитетот на образованието во образовниот процес. Знаеме дека е голема желбата на полуматурантите да се запишат претежно во медицинското училиште, но ние ги насочуваме да се запишат учениците според нивниот успех и нивните способности и афинитети. Затоа ги насочивме да одат во средните стручни училишта и има каде има задоволителна бројка, се зголемува интересот од година во година и трендот се одржува.“, рече Ќазими.

Сето тоа според раководителот Ќазими резултирало со зголемување на средната оценка.

„Важно е за нас да се одржува овој критериум за упис, да се одржуваат овие високи стандарди, само на овој начин можеме да имаме подигање на квалитетот на образовниот процес. Оваа наша уписна политика, донесе и до зголемување на средната оценка во училиштата. Како пример во гимназијата Кирил Пејчиновиќ има 4,25 средна оценка во споредба со пред 3-4 години кога беше 3,4. Средната оценка за сите средни училишта во Тетово е 3, 65 која што е многу повисока во споредба со онаа која што беше пред шест години кога имавме средна оценка на сите средни училишта 3,1. Значи сега сме во многу добар успех. Исто така оваа година завршуваме со 155 први, втори и трети места на регионални и државни натпревари и учествува на 27 меѓународно проекти во склоп на Еразмус, Акцес и други“, изјави раководителот на Секторот за јавни дејности.

Во трите уписни рокови во средните училишта во Тетово се запишани 1315 ученици, од кои 993 на албански наставен јазик, 297 на македонски и 25 на турски наставен јазик.

XS
SM
MD
LG