Многу повеќе слободни места во средните училишта за разлика од бројот на ученици кои завршуваат или се запишуваат во основно образование, ја отсликува состојбата со зголеменото иселување во странство и намалениот наталитет во тетовско. Надлежните предвиделе дека постои простор за запишување на 3.570 средношколци, а исто така утврдиле дека 2.130 ќе завршат основно образование. Се очекува во прво одделение да почнат да одат уште помалку деца.
„Трендот на упис во средните училишта, бројот се одржува констатнтен околу 2.100 до 2.150 ученици кои го завршуваат основното образование. Додека за упис во прва година во средните општински училишта бројот на ученици кои се запишуваат е 1700 до 1800 ученика. Значи имаме од 250 до 300 ученици кои што го завршуваат основното образование и коишто не се запишуваат во училиштата кои се општински. Каде одат овие ученици, може да одат во средните државни училишта, може во приватните училишта да се запишат или во верските училишта за кои ние како општински служби немаме информации, додека еден дел од учениците можеби да мигрираат и во друг град или надвор од државата“, изјави Ахмед Ќазими, раководител на секторот за јавни дејности при општина Тетово.
Примерот со училиштето во тетовска Шипковица најсликовите ја објаснува состојбата со намалувањето ученици. Ако во 1981 година имало 130 првачиња, сега таму има само 14.
„Таму во селата имаме намалување на бројот на ученици во неколку села. Во другите општини, колку што можеме да видиме од децава кои доаѓаат во средните училишта од другите полошки општини, се приметува дека од година во година се намалува бројот на ученици кои се запишуваат во средните училишта. Во Тетово како општина бројката е константна, но како полошки регион во целина се забележува дека имаме, од бројките што ни доаѓаат во средните училишта, секоја година по еден процент на намалување на бројот на учениците кои го завршуваат основното образование“, рече Ќазими.
Локалната самоуправа сака да влијае преку образованието на општествените текови со тоа што ќе одговори на новите потреби на пазарот на трудот. Затоа за наредната учебна година има нови профили во средното медицинско училиште.