Најголем интерес во средното стручно училиште Моша Пијаде во Тетово има за струката електротехничар за компјутерска техника и автоматика. Годинава ученик освои прво место на интернационален натпревар за роботика.Ова е приказ на сликата кај младите тетовци кои сакаат да се образуваат и да стекнувааат вештини кои ќе им овозможат да работат во областа на информатичката технологија.
„Имам желба да продолжам со програмирање, со наука за роботите“, вели Марио Бојаровски, наградениот ученик.
Тој создаде компјутерска програма со чија помош робот минува низ лавиринт за брзо време.
Неговиот професор Небојша Трпковски вели дека интерес има за ваквиот вид школување, а потсетува дека сè повеќе такви кадри се барани на пазарот на трудот.
„Статистички минатата година има отворено 90 нови компании во Македонија што се занимаваат со ИТ и зголемен е бројот на студенти кои продолжуваат на тие насоки“, вели професор Трпковски.
Ѓорѓи Рафајловски, оперативен директор во технолошкиот парк на Универзитетот на Југоисточна Европа вели дека информатичката технологија е причина да се создаваат сè повеќе нови работни места. До пред пет години не постоеја, а сега веќе се доста барани обучени луѓе за работни позиции како менаџер за социјални медиуми, развивачи на мрежи и апликации, консултант за истражување на интернет и слично. Сегашните ученици во иднина ќе работат на места кои сега не постојат, вели тој.
„Нови работни места, позиции, кои би зеле замав по 2020 односно 2025 исто така што зависат од технологии. Тоа се на пример специјалисти за дронови, дронови ќе имаат доста голема примена во достава и сервиси поврзани со достава, архитекти на виртуелна реалност. Банкари со алтернативни валути, дури и сега во овие години 20 отсто од сите електронски трансакции на пари се одвиваат со алтернативни валути. Менаџери на приватни податоци - сè повеќе приватноста на лицата кои ќе работат онлајн или интернет ќе биде важна за корисниците. Сервисер на роботи на паметни уреди-во иднина сè повеќе ќе има паметни уреди во кола, дома на работно место, но и повеќе роботика.И специјалисти за печатење на 3-де објекти. Во иднина ќе гледаме сè повеќе поголеми работи печатени работи, ќе гледаме инфрастрктурни работи кои ќе бидат печатени со помош на 3-де моделирање, објаснува“, Ѓорѓи Рафајловски.