Достапни линкови

Граѓаните во улога на инспектори за ситни пари од ДДВ-то


Апликација за поврат на ДДВ
Апликација за поврат на ДДВ

Владата најави дека од наредниот месец граѓаните ќе може да добијат поврат на 15 отсто од платениот ДДВ. На тој начин тие ќе бидат и во улога на инспектори и ќе си ги бараат фискалните сметки, со што ќе се намали и затајувањето на данокот, велат во владата.

На секои потрошени 1000 денари, граѓаните од наредниот месец ќе може да добијат назад 27 денари поврат на ДДВ. Семејство кое месечно троши по 10 илјади денари, за една година, на овој начин, може да ќари над 50 евра. Сепак, ова нема да важи за сметките за струја, вода и другите сметки кои се плаќаат на фактура или со сметкопотврда, туку само за фискалните сметки.

Владата се пофали дека го усвоила предлог-законот за враќање на дел од ДДВ кај граѓаните, кој треба да стапи во сила од 1 јули. Оваа мерка, според владата има две цели – дел од парите да се вратат кај граѓаните, а тие да бидат мотивирани да си ги бараат фискалните сметки со што ќе се намали затајувањето на данокот. Ако граѓаните редовно си бараат поврат, владата проценува дека тоа може да достигне сума до 50 милиони евра годишно, но очекуваат тоа да доведе до намалување на даночната евазија, па и прибирањето на ДДВ да се зголеми за повеќе од таа сума.

Премиерот Зоран Заев ги повика сите граѓани да го искористат правото и да си бараат поврат на данокот.

„Убаво е да го искористат, добро е за државата, оти не е исто дали еден милион граѓани ќе бидат инспектори во моментот или 1,5 милиони граѓани ќе бидат. Значи не е сè исто тоа да се случи, но истовремено не е исто дали сите граѓани си го користат тоа право или само дел од граѓаните. Целта е сите да го користат тоа право“, рече Заев.

За да добијат поврат на данокот, граѓаните ќе треба со мобилен телефон да го скенираат баркодот од фискалните сметки. Секој граѓанин кој сака да добива поврат на ДДВ мора да биде регистриран на електронскиот систем на УЈП и да има трансакциска сметка на свое име. Голем дел од граѓаните веќе се регистрирани на системот на УЈП заради електронското пријавување на годишна даночна пријава. Потоа треба да ја симнат апликацијата МојДДВ на мобилниот телефон и да се логираат со корисничкото име и лозинка со кои се пријавуваат и на електронскиот систем на УЈП. Преку апликацијата може да се скенира баркодот од фискалните сметки и автоматски се испраќа во УЈП. Фискалните сметки не треба да бидат постари од 10 дена.

Директорката на УЈП Сања Лукаревска, на денешната прес-конференција во владата, најави дека за повозрасните граѓани и за оние кои не се снаоѓаат со технологијата ќе обезбедат помош.

„Оние повозрасни лица ќе може да побараат помош и од нивните помлади деца, внуци, повторно со полномошно да бидат еднократно регистрирани во системот за да може понатаму постојано да го користат правото на враќање на ДДВ. Имаме 80 волонтери коишто стојат на располагање за успешна реализација на овој проект, ќе постојат баркод читачи, имаме мобилни телефони во сите организациони единици на Управата преку коишто ќе се врши скенирањето и една новина имаме, со помош на 10 киоск-апарати кои ќе бидат распоредени во регионалните дирекции на УЈП“, рече таа.

Ќе има и ограничувања. Нема да има поврат на фискалните сметки над 30 илјади денари. Парите ќе се враќаат квартално, односно четири пати годишно, но еден граѓанин нема да може да добие повеќе од 1800 денари поврат за едно тримесечје, односно секој граѓанин ќе може да добие до 120 евра годишно.

Министерот за финансии Драган Тевдовски рече дека првата исплата на повратот ќе биде во декември годинава, а потоа секој февруари, мај, август и ноември.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG