Пред бизнис интересите паѓаат политичките бариери, порачаа неколку десетици бизнисмени од земјава, потоа од Бугарија, Грција, Кипар и Албанија кои деновиве се сретнаа во Битола. Во организација на Гаус Институтот и Стопанската комора се одржа бизнис форум со цел компаниите да се запознаат меѓу себе и да се отвори можност за нивна соработка и заеднички настап на странските пазари.
„Народот на Грција, посебно ние во Северна Грција, гледаме дека она што во моментот се случува меѓу нашите држави ќе ни обезбеди подобра иднина за сите нас. Клучот за успешна иновација е соработката меѓу сите земји од Западен Балкан. Само со заедничка соработка можеме да бидеме успешни на поголемите странски пазари“, рече Јанис Бакурос, универзитетски професор од Кожани, Грција.
Железничката пруга која се изгради од Битола за грчка граница претставува потенцијал за размена на суровини меѓу компании во пограничните региони, од битолскиот до солунскиот. Во изминатите години добар дел од грчките фирми кои имаа инвестирано во Битола си заминаа поради економската криза кај јужниот сосед, политички заладените односи и други причини. Тоа беа претежно текстилни фабрики кои се затворија. Со унапредувањето на политичките односи, бизнисмените очекуваат да се подобрат и економските релации. Истото се однесува и на Бугарија.
„Бизнисот ќе ги потисне сите бариери кои постојат од политичка природа. Кога луѓето се запознаваат и можат заедно да соработуваат во бизнис сферата, бариерите сами паѓаат. Бугарија и Македонија се две држави каде најмногу се развива ИТ индустријата и земјоделството и ние најмногу сме фокусирани на овие теми“, рече Калин Минев, претставник на Агенцијата за човечки ресурси од Русе, Бугарија.
Најголем е интересот за соработка во земјоделската, текстилната и ИТ индустријата.
„Ние ги поврзуваме фирмите прво на онлајн платформа, па ги разгледуваат своите профили и понатаму почнуваат да соработуваат меѓусебно. Кога имате компании од две различни земји прават истражување на пазарот, се усогласуваат околу партнерствата и одлучуваат да извезуваат. Во почетокот во помал обем, но потоа како што се развива соработката, така се охрабруваат да го зголемат извозот. Поврзувањето на компаниите едни со други им ги намалува трошоците и ризикот од настап на друг пазар“, рече Сузана Трајковска Кочанковска, проектен менаџер од Гаус институтот од Битола.