Вести
Презентација на Вториот извештај за активностите на СЈО
Мисијата на ОБСЕ во Скопје денеска ќе го презентира Вториот преоден извештај за активностите и предметите во надлежност на Специјалното јавно обвинителство. Извештајот е резултат од следењето на судските постапки од предметите во надлежност на СЈО од страна на Мисијата. На презентацијата ќе се обратат специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и амбасадорот Клеменс Која, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
види ги сите денешни вести
Tajланд се приклучува во БРИКС како земја партнер
Тајланд ја прифати поканата да стане земја партнер на БРИКС и се надева дека во наредниот период ќе се приклучи во организацијата како полноправна членка, соопшти денеска Министерството за надворешни работи на земјата.
Портпаролот на министерството на прес-конференцијата рече дека Тајланд на 31 октомври добил официјална покана да стане партнер на БРИКС од претседавачот на таа организација, Русија, а дека на 24 декември на седницата на владата било одлучено да се позитивен одговор на таа покана.
Како што наведе, истиот ден тајландскиот министер за надворешни работи испратил писмо до рускиот колега во кое ја изразува согласноста на Тајланд да се приклучи на БРИКС како земја партнер.
Според портпаролот, Тајланд се надева дека ќе го подобри нивото на односите со земјите-членки на организацијата, со цел да ги подобри можностите за развој на сопствената економија.
Стопанската комора на северозападна Македонија апелира трговците да си го одржат зборот за намалени цени
Компаниите кои доброволно се согласија дека ќе ги намалат цените на основните прехранбени производи во рамки на новогодишната кошничка, да си го одржат зборот и да не го прекршуваат ветеното, апелира Стопанската комора на северосападна Македонија (СКСЗМ).
Комората досега нема потврда дека некои од нејзините членки не се придржуваат до оваа мерка и дека направиле какви било зголемувања на цените надвор од договореното.
„Компаниите што предложија сами, самоволно, без никаков притисок, треба да се придржуваат кон тој предлог, да ги почитуваат предлозите и мерките што ги креиравме заедно со Владата. Не можеме да знаеме 100 отсто, но засега немаме информации дека некои наши членки не се придржуваат до мерката. Имаме и Управен одбор кој ни кажува дека нема такви промени. Ние само можеме да апелираме до нашите членки кои дале збор до 15 јануари да ги држат тие цени, да се придржуваат на тој предлог. Верувам дека треба така и да постапат, изјави денеска претседателот на СКСЗМ, Менди Ќура.
СКСЗМ уште еднаш го потврди ставот дека е против замрзнување на цените и ограничување на маржите.
„За ограничување на маржите, ние сме против. Како Комора секогаш бевме и против замрзнување на цените. Ние сме за слободен пазар и тие ставови не ги менуваме. Мислиме дека слободниот пазар е главниот фактор во државата што треба да го процени квалитетот и квантитетот“, истакна Ќура на прес-конференција.
Поради поплаките на граѓаните дека се зголемени цените на некои прехранбени производи кои не се дел од новогодишната кошничка, Владата деновиве најави зајакнати инспекциски контроли во маркетите и можни ограничувања на цените и маржите на овие производи.
Од 15 декември почнаа да важат цените од таканаречената „новогодишна кошничка“ во која производите би требало да се со пониски цени од минимум 10 проценти.
Бројката на производи кои влегуваат во кошничката се очекува да достигне до 1000, опфатени се околу 80 компании, но во неа не влегуваат маслото шеќерот, кафето и какаото за, како што беше кажено, да не им се направеле големи штети на компаниите.
Министерот за безбедност на БиХ, Нешиќ уапсен поради корупција
Ненад Нешиќ, министер за безбедност во Советот на министри на Босна и Херцеговина, е уапсен поради корупција, потврди Обвинителството на Босна и Херцеговина.
Нешиќ е приведен во петокот, на 26 декември, во истрагата што заеднички ја воделе Државното обвинителство и Управата за организиран и сериозен криминал на Министерството за внатрешни работи на Република Српска, соопшти Обвинителството.
Освен Нешиќ, уапсени се и Милан Дакиќ, директор на Јавното претпријатие „Патишта РС“, Младен Лучиќ, брат на поранешниот министер во Советот на министри на БиХ, Милош Лучиќ и уште четири лица. Тие се сомничат дека како управители во „Патишта РС“ и неименувана фирма сториле кривични дела: здружување за извршување кривични дела, перење пари, злоупотреба на службената положба или овластување и примање поткуп.
Министерството за внатрешни работи на РС соопшти дека акцијата „Тунел 2“ се спроведува во Бања Лука, Источно Сараево и Бјелина и дека се во тек претресите на станбените и деловните единици што ги користеле приведените.
Нешиќ беше министер за безбедност на БиХ од 2022 година, а директор на „Патишта РС“ беше од 2016 до 2020 година. Во ноември 2020 година, против Нешиќ беше поднесена пријава до Окружното јавно обвинителство во Бања Лука поради сомневање дека ја злоупотребил својата положба како одговорно лице.
Тогаш изјавија дека ги прекршил одредбите од Законот за јавни набавки на Босна и Херцеговина и дека на крајот остварил финансиска корист за фирмата „Приједорпутеви“ од речиси 8,5 милиони евра.
Нешиќ во моментов е претседател на Демократскиот народен сојуз, кој е во коалиција со Алијансата на независни социјалдемократи, на Милорад Додик.
Додик, кој е претседател на РС, се огласи на мрежата Х и рече дека тоа е „неприфатлива постапка“ и дека станува збор за „прогон на кадри“ од Република Српска.
Косовската изборна комисија чека „законски рокови“ за заверка на Српска листа на изборите
Централната изборна комисија на Косово ќе почека да се завршат законските процедури и потоа ќе донесе одлука за вклучување на дневен ред на прашањето за потврдување на учеството на изборите на Српската листа, најголемата српска партија на Косово, на која претходно и одби сертификација.
На 25 декември, Изборачкиот панел за жалби и претставки ја укина одлуката на ЦИК и и наложи да го одобри учеството на Српската листа на парламентарните избори во февруари 2025 година.
„Одлуката на Избирачкиот панел содржи правен совет според кој е дозволена жалба до Врховниот суд, во рок од 48 часа од моментот на одлуката. Затоа ЦИК ќе чека да се завршат законските процедури пред да го стави то прашање на дневен ред“, изјави Валмир Елезит портпарол на ЦИК за Радио Слободна Европа.
На 23 декември ЦИК одби да ја потврди изборната листа на Српската листа, најголемата српска партија на Косово.
Според одлуката на Избирачкиот панел за приговори и претставки, Српска листа ги исполнила критериумите по поднесување на „политичка изјава“, листа на кандидати и пријава за секој кандидат.
Српската листа, која поднесе жалба на одлуката на ЦИК, како одговор на наредбата на Избирачкиот совет изјави дека ги исполнила сите законски процедури и ја окарактеризира одлуката на ЦИК како „обид за елиминирање на Српската листа од изборниот процес и изборен инженеринг спроведено со цел да се фаворизираат подобни Срби“, а се под влијание на косовскиот премиер Албин Курти.
САД, Германија и Европската Унија изразија загриженост поради одлуката на ЦИК да не ја верификува изборната листа на Српска листа.
Експертите за политичките случувања во Косово по одлуката на ЦИК за РСЕ изјавија дека ќе се донесе одлука во корист на Српската листа и ќе ги обврзе ЦИК да ја верификуваат партијата за изборите.
Српската листа најави дека ќе учествува на изборите на 9 февруари по периодот на бојкот на политичките процеси во Косово.
Во 2022 година, членовите на таа партија колективно се повлекоа од институциите на Косово, спротивно на одлуките на косовските власти за проширување на јурисдикцијата на целата територија на земјата.
Собранието ќе одлучува за разрешување на петмина членови на Судски совет
Негативниот годишен извештај за работата на Судскиот совет е причината поради која пратениците одлучиле да ги отповикаат членовите во Советот кој ги назначува, изјави денеска (26 декември) претседателот на Собранието Африм Гаши.
Петмина членови на судскиот совет назначени од Собранието ќе бидат отповикани во Комисијата за именување и назначување.
„Тоа значи дека може да отпочне процедурата за нивно разрешување и назначување на нови, како што е во Деловникот, како што биле назначени, така ќе бидат и разрешени“, изјави Гаши.
Судскиот совет е составен од 15 члена, од кои тројца ги избира избира Собранието со Бадентерово мнозинство. Други двајца ги предлага претседателот на државата, но изборот го врши Собранието. Еден од овие двајца членови треба да биде припадник на помалите етнички заедници.
Осум члена, пак, ги избираат судиите од своите редови на непосредни избори со тоа што тројца од нив се припадници на заедниците кои не се мнозинство во државава. Двајца се само по функција членови, може да присуствуваат на седници, но немаат право на глас, тоа се претседателката на Врховниот суд и министерот за правда.
Во однос на делот кога може да се очекува разрешувањето на овие членови, Гаши не прецизираше, но посочи дека на дневен ред ќе биде ставено веднаш што се создадат услови за тоа.
Опозициската СДСМ обвини дека со ова се прави груба партизација на Судскиот совет и дека овие постапки се спротивни на договореното на власта со ЕУ за реформската агенда.
Лидерот на СДСМ Венко Филипче обвини дека обидот за партиско заробување на државата се рефлектира и во најавата за распуштање на Судскиот совет, која е директен удар врз демократијата.
„Јас уште по првите чекори на оваа Влада најавив дека ВМРО-МВРО се враќа. Но вчерашната најава дека Владата планира да го распушти Судскиот совет, односно да разреши пет членови, е чекор кон целосна контрола врз судството. Ова СДСМ нема да го дозволи. Ова ќе значи газење на демократијата и враќање кон мрачните времиња на политички прогон,“ истакна Филипче.
На ваквите обвинувања од ВМРО-ДПМНЕ во писмено соопштение возратија дека партизацијата на институциите настанала во претходната влада на СДСМ и ДУИ.
„Судскиот совет беше племенски совет меѓу Муртино и Зајас. СДСМ кои го поставија митаџијата Наќе Георгиев сега зборуваат за судството, која трагедија. СДСМ се партија која на чело на Судски совет ја имаа Весна Дамева од СДСМ“, се вели во нивното соопштение.
Во меѓувреме Судскиот совет нема претседател, затоа што Весна Дамева поднесе оставка од функцијата на 2 декември поради, како што изјави, политички притисоци и обиди за нарушување на нејзиниот интегритет од неколку политичари од власта, меѓу кои и премиерот Христијан Мицкоски.
Членовите на советот побараа неколку дена за да размислат кого да предложат за нејзина замена, но по речиси еден месец, предлог во јавноста не соопштија.
Годишниот извештај за работата на Судскиот совет за 2023 година беше поднесен во април годинава, но пратениците го разгледуваа минатата недела, и по него се изјаснија негативно.
Ангеловска-Бежоска: Стабилноста на денарот е загарантирана, се очекува стабилизирање на инфлацијата
Стабилноста на денарот е загарантирана, а девизните резерви годинава се околу 40 отсто над нивото од периодот пред пандемијата, вели гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска во интервју за Македонската телевизија. Таа додава дека се очекува постепено стабилизирање на инфлацијата и следната година.
Гувернерката, како што информира Народна банка, нагласила дека НБ преку своите мерки успеала да ја одржи макроекономската стабилност, како и стабилноста на курсот на домашната валута во однос на еврото.
Говорејќи за нивото на девизните резерви, како главен инструмент за одржување на стабилноста на курсот, гувернерката посочува дека тоа е значително повисоко во однос на претпандемичниот период и нагласи дека се должи на постојаниот откуп на девизи од страна на Народната банка на девизниот пазар во изминатите две години.
Во однос на инфлацијата, гувернерката истакнува дека по просечната инфлација од 9,4 отсто минатата година, таа во првите десет месеци од оваа година изнесува 3,4 отсто и дека се очекува натамошно постепено забавување и следната година. Сепак, гувернерката посочува и на одредени ризици.
„Важно е да се истакне дека цените на примарните производи се под значително влијание на геополитичките случувања, а тој дел сè уште е ранлив, постои голема неизвесност и потребно е големо внимание. Дополнителни извори на ризици се секако домашните фактори, особено пазарот на трудот, на кој треба да му обрнеме особено внимание за да не се соочиме со нови бранови на инфлациски движења“, вели Ангеловска-Бежоска.
Гувернерката истакнува дека поставеноста на монетарната политика и во иднина ќе биде условена од инфлацијата и девизниот пазар.
Сè уште не е позната причината за авионската несреќа во Казахстан, истрагата продолжува
Претседателот на Казахстанскиот Сенат на 26 декември изјави дека се уште не е позната причината за падот на авионот на Азербејџан ерлајнс на северот на Казахстан.
„Ниту една од овие земји - ниту Азербејџан, ниту Русија, ниту Казахстан - не е заинтересирана да крие информации. Сите информации ќе бидат достапни за јавноста“, рече Ашимбаев Маулен, пренесе Ројтерс.
Патнички авион „Ембраер“ се урна на 25 декември во близина на градот Актау во Казахстан, при што загинаа 38 лица.
Дописникот на Радио Слободна Европа (РСЕ) Ајнур Сапарова го посети селото Саикн Шапагатов во регионот Мангистау, местото на падот на патничкиот авион.
Полицијата која ја надгледува областа изјави дека „истрагата е во тек“ и го ограничи пристапот до местото на несреќата. Присутни беа експерти од азербејџанското Министерство за вонредни ситуации, но одбија да дадат изјави.
Во авионот кој летал од главниот град на Азербејџан Баку за Грозни во руската република Чеченија имало 67 лица.
Од се уште непознати причини, леталото скршнало кон Каспиското Море непосредно пред приодот за слетување, а подоцна се урнал во близина на крајбрежниот град Актау.
Заменик-премиерот на Казахстан Канат Бозимбаев на 25 декември изјави дека 38 лица загинале, а 29 преживеани се здобиле со повреди, многумина од нив со тешки изгореници.
Денеска (26 декември) во Азербејџан е национален ден на жалост.
Знамињата во Азербејџан се на половина копје, објави казахстанската новинска агенција Tengrinews, цитирајќи локални медиуми, додека културните настани закажани за 26 декември во театрите и концертните сали се одложени.
„Телата на починатите патници и членови на екипажот се враќаат во Азербејџан“, се наведува во заедничката изјава на авиокомпанијата и Министерството за вонредни состојби на Азербејџан на мрежата X.
Според Tengrinews, меѓу жртвите има и руски, азербејџански и киргистански државјани.
Девет повредени руски патници во тешка состојба, меѓу кои и едно дете, се пренесени со специјален авион за помош во Москва, пренесе руската државна новинска агенција Тасс.
Бајден му нареди на Пентагон да продолжи со испораката на оружје за Украина
Американскиот претседател во заминување Џо Бајден побара од Министерството за одбрана да продолжи со големи испораки на оружје за Украина и го осуди рускиот божиќен напад врз некои украински градови и енергетскиот систем на земјата.
„Целта на овој срамен напад беше да се прекине пристапот на Украинците до греење и електрична енергија во текот на зимата и да се загрози безбедноста на нивната мрежа“, рече Бајден.
Во раните божиќни часови на 25 декември, Русија лансираше бранови ракети и беспилотни летала врз украинските градови и критичната енергетска инфраструктура.
„Во последниве месеци, Соединетите Држави испорачаа стотици проектили за противвоздушна одбрана на Украина, а уште повеќе се на пат. Наредив Министерството за одбрана да продолжи да испорачува оружје за Украина, а САД ќе продолжат неуморно да работат на зајакнување позицијата на Украина во нејзината одбрана од руските сили“, се наведува во соопштението објавено од Белата куќа.
Од руската инвазија на Украина во 2022 година, Вашингтон одвои 175 милијарди долари помош за Украина.
„Да бидам јасен: украинскиот народ заслужува да живее во мир и безбедност, а Соединетите Држави и меѓународната заедница мора да продолжат да стојат покрај Украина се додека таа не победи над руската агресија“, рече Бајден.
На 24 декември Русија го нападна украинскиот енергетски систем во некои градови со крстосувачки и балистички ракети и беспилотни летала, соопштија украинските власти.
Најмалку три лица беа ранети во тие напади во североисточниот регион Харкив, кој беше нападнат со руски балистички ракети.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го осуди нападот како „нехуман“ и ја обвини Москва дека се обидува да предизвика тотален „мрак“ во Украина.
Полициски час во Хомс, убиени 14 сириски полицајци
Четиринаесет припадници на сириската полиција се убиени за време на судирите со силите лојални на поранешниот претседател Башар ал Асад во провинцијата Тартус, соопшти преодната администрација.
Новиот сириски министер за внатрешни работи на Телеграм објави дека и 10 полицајци биле ранети од, како што ги нарече, „остатоците“ од владата на Асад во Тартус.
Тој додаде дека ќе се справи со секој кој ќе се осмели да ја поткопа безбедноста на Сирија или да ги загрози животите на нејзините граѓани.
Сириската полиција воведе полициски час во текот на ноќта (26 декември) во градот Хомс, објавија државните медиуми, по немирите поврзани со протестите што жителите им ги припишуваат на припадниците на малцинските верски заедници.
Некои жители ги поврзуваат демонстрациите со притисок и насилство насочено во последните денови против припадниците на алавитското малцинство, секта која се смета за лојална на поранешниот претседател Башар ал Асад, кој беше соборен од сунитските исламистички бунтовници на 8 декември.
Помали демонстрации беа одржани и во други области во близина на сирискиот брег, каде што живее најголемиот дел од алавитското малцинство во земјата, вклучувајќи го и градот Тартус.
Демонстрациите се одржаа околу времето кога на социјалните мрежи почнаа да кружат видео снимки од пожар во храм на алавити во градот Алепо, при што вооружени мажи влегуваа и позираа во близина на човечки тела.
Министерството за внатрешни работи на својот официјален профил на Телеграм објави дека видеото е од бунтовничката офанзива на Алепо кон крајот на ноември, а насилството го извршиле непознати групи. Исто така, објави дека некои членови на поранешниот режим ги нападнале силите на Министерството за внатрешни работи во крајбрежниот регион на Сирија во средата и дека нападот резултирал со неколку жртви и повредени.
Јужнокорејската опозиција ќе поднесе барање за импичмент на привремениот претседател
Главната опозициска партија во Јужна Кореја, Демократската партија, денеска (26 декември) ќе поднесе барање за импичмент на привремениот претседател Хан Дак-су, кој истовремено е и премиер, пренесе јужнокорејската новинска агенција Јонхап.
Партијата соопшти дека целта е гласањето за импичмент да се одржи утре, 27 декември.
Претходно, со ваква процедура беше сменет од функцијата претседателот Јун Сук-јеол, кој на 3 декември прогласи воена состојба во земјата. Тоа беше причина пратениците да гласаат за негово отстранување.
Иако е суспендиран, Јун останува на функцијата, а Уставниот суд ќе одлучи дали ќе го смени во следните шест месеци. Доколку биде сменет од функцијата, ќе бидат распишани вонредни избори.
Јун стана вториот претседател во историјата на Јужна Кореја кој беше успешно отповикан.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете