Новите социјални реформи кои се спас за 4000 граѓани кои живеат под прагот на сиромаштијата за жал со месеци остануваат неизгласани во Собранието. Владaта која посочи дека приоритет и е борбата против сиромаштијата, уште во декември минатата година ги усвои законите со кои на граѓаните треба значително да им се зголеми социјалната помош, опфатот со детски и образовен додаток, а се воведува и гарантирана социјална пензија од шест илјади денари. Но овие мерки се уште чекаат да бидат изгласани во Соранието иако се најавуваше имплементацијата на законите да се случи многу порано, на почетокот на оваа година.
Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска вели дека засегантите граѓани може да очекуваат исплата на зголемени износи во јуни.
„Намалувањето на сиромаштијата во нашата држава особено на детската сиромаштија е приоритет на владата. И тоа го покажавме и со интензивното припремање на оваа реформа и со брзото поминување на законите низ владините процедури. Но, и како секоја реформа така и оваа реформа бара преговори, бара да се ислушаат сите засегнати страни како здруженија на граѓани, како и самите засегнати граѓани, но исто така и политичките партии, сите оние кои во Собранието треба да ја изгласаат оваа реформа и сигурна сум дека во текот на овој месец ќе ја усвоиме и во наредниот месец ќе почне исплатата“, изјави министерката Царовска, која е гостин во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Во јавноста има дилеми колку бргу и лесно ќе оди примената на овие закони со оглед дека исплатата на примањата требаше да почне во февруари, но Царовска појаснува дека очекува законите да бидат имплементирани веднаш по носењето. Таа вели дека и подзаконските акти се усогласени со законодавството.
„И чекаме само Собранието да ги изгласа, да се објават во службен весник и исплатата ќе почне, зашто дури и центрите за социјална работа согласно новиот закон ги имаат распоредени домаќинствата“, вели Царовска.
Сашко Јованов од Македонската платформа против сиромаштијата, пак, вели дека се доцни со носењето на законите и дополнува дека тоа има голем одраз врз квалитетот на животот. Закони кои се дел од ветувања и треба да донесат помош и поддршка на сиромашните, не треба да бидат мета на одложување, вели Јованов, укажувајќи дека со тие мерки треба да се поддржи голем број од населението кое живее во сиромаштија, а со тоа да се докаже дека социјалната држава се грижи за нив за да им овозможи поквалитетен живот.
„Овие нови социјални реформи ветуваат многу и токму затоа граѓаните се во очекување и постојано, барем до нас, поставуваат прашања кога тие ќе бидат изгласани. Иако се доцни цело време, но на последната собраниска расправа во комисијата за труд беа повеќе од 50 невладини организации упатувајќи ги фактите и потребите за носење на овој закон, кои сметам беа релевантни овој закон да дојде во собраниска процедура, многу поскоро од сега. Иако е најавено дека тоа ќе се случи до крајот на месецот, но голем број граѓани кои се приматели на помош или имаат мали примања го очекуваат овој закон“, вели Јованов.
Во Македонија 450 илјади граѓани преживуваат во сиромаштија, покажуваат статистичките податоци. Со новиот пакет социјални мерки кои ги донесе владата социјалната помош треба да се зголеми за 300 отсто, а се зголемува и опфатот на детскиот додаток и додатокот за образование.
„Грубо пресметано социјална помош е 4500 денари за четиричлено семејство. Последната проценка е дека со новите решенија минималниот приход земено заедно со детскиот додаток треба да изнесува околу 12 илјади денари. Разликата е огромна и тоа доведува до начинот на живот и квалитет, значи ќе може тие луѓе нормално да се вклучат во општествените процеси“, вели Јованов.
Тој додава дека со новите решенија целта не е само да се даде социјална помош, туку некои од овие луѓе понатаму преку центрите доколку има можност да се вклучат на пазарот на труд. По ова помошта на тие што ќе се вработат ќе им биде прекината, а тие луѓе ќе имаат можност сами да заработуваат леб за своето семејство.