Достапни линкови

Социјална пензија - мал ефект, голема конфузија


Повеќе луѓе сметаат дека ќе бидат заобиколени од социјалната пензија поради условите кои ги предвидува, а дополнително ги разочара висината од 6 илјади денари која ги потсетува на социјална помош. Се проценува дека со мерката ќе бидат опфатени над 3 илајди луѓе кои живеат во апсолутна сиромаштија.

Во Македонија 450 илјади граѓани преживуваат во сиромаштија, покажуваат статистичките податоци. Владата, која најави дека ќе се залага за заштита на социјално загрозените слоеви од народот, донесе пакет законски решенија во обид да обезбеди социјална сигурност и со кои конечно илјадници граѓани треба да се извлечат од сиромаштија. Со новиот пакет социјални реформи, кои треба да бидат изгласани во Собранието, се воведува и социјална пензија во висина од 6 илјади денари која му следува на секој кој ќе наполни над 65 години и кој не поседува имот од кој би можел да си обезбеди приходи.

Но, многу луѓе со високо образование кои својот живот го поминале инвестирајќи во нивното знаење, а потоа работејќи на повеќе работни позиции каде не биле осигурани, велат дека со предлог-законот за социјална пензија политичките елити нема да го решат суштински проблемот на граѓаните кои немаат доволно години во работната книшка и дека дополнително се чувствуваат маргинализирано. Голем дел од луѓето исто така сметаат дека ќе бидат заобиколени со социјалната пензија поради условите кои ги предвидува, а дополнително ги разочара висината од 6 илјади денари која ги потсетува на социјална помош.

Гордана Марковска, дипломиран историчар на уметност, е една од многуте кои целиот животен век го поминале работејќи „невидливо“ за Фондот за пензиско осигурување, зашто сè уште нема доволно години во работната книшка. Таа успеала да се вработи на 55 години како кустос во музеј, откако 30 години работела непријавенa на повеќе различни позиции.

„Не се согласувам воопшто. Долната граница на остварен работен стаж треба да се намали на 10 години. Кога ќе ги направам тие 15 години кои се неопходни за да се земе пензија? Јас 30 години трчав непријавена и работев на 100 места за минимална пензија. Ќе има многу разводи затоа што многу е голема таа пензија од 6 илјади и затоа што нели брачниот партнер треба да биде невработен или да не зема пензија, за овој другиот да ги оствари тие 6 илјади. Со намалување на минимумот за одење во пензија ќе се намали и бројот на социјални случаи“, вели Марковска.

Таа вели дека по носењето на прелог-законот за социјална пензија има впечатокот дека политичките елити кои се удобно сместени во своите фотелји како да се оддалечуваат од многуте граѓани кои својот живот го поминуваат работејќи со години на нестабилни работни места и дополнува дека решенијата се повеќе форма отколку содржина.

„Кој ќе ја оствари таа пензија кога ако се маж и жена, а едниот зема минимално 8 илјади, тогаш другиот не може да зема. Многу ги има такви. Кај мене на работа има тројца-четворица кои на 50 години работат со договор на дело. Јас работев во Народна банка две години, потоа во градинка неколку години, па на археолошки локалитети низ Македонија десет години, ама сè непријавено. Јас мојата пензија сум ја заслужила, не да биде 6 или 8 илјади“, порачува Марковска.

Во Македонија има најмалку десетици илјади граѓани како Гордана кои имаат нестабилна работа и се соочуваат со голем ризик дека нема да може да доживеат да земат пензија кога ќе остарат, зашто имаат недоволен број години во работната книшка.

Една од формите кои треба да го спречат тоа е тие сами да плаќаат придонеси за пензиско и здравствено, но тоа не функционира, зашто во сегашноста се соочуваат со егзистенцијални проблеми и не може да мислат на иднината.

Активистите велат дека се свесни дека со новиот закон, социјално ранливите категории граѓани нема да ја победат сиромаштијата, но сигурно ќе им биде олеснат животот на околу 3.500-3.800 граѓани колку што се проценува дека ќе бидат опфатени со овој предлог-закон кој претставува социјална мерка.

Благица Петрески од Фајнанс тинк вели дека тие предупредувале дека со оваа мерка може да се создаде конфузија кај луѓето кои се соочуваат со ризик дека нема да може да земаат пензија, затоа што немаат доволен број години во работна книшка и објаснува дека не станува збор за такво решение.

„Кај граѓаните настанува конфузија и ја поистоветуваат со онаа која се остварува врз основа на придонеси. Ова исклучиво се однесува на социјална мерка, а не на пензија која се остварува по основ на придонеси. Која било промена тука не може да падне на товар на пензискиот систем. Ние алармиравме на тој момент дека ќе настане конфузија кај граѓаните“, вели Петрески.

Од Фајнанс тинк анализираат дека социјалната пензија, во формата во која е предложена во Предлог-законот за социјална сигурност на старите лица, нема да ја подобри релативната сиромаштија, додека апсолутната сиромаштија ќе ја искорени во целост помеѓу населението над 65 години.

Петрески вели дека социјалната пензија има ефект само врз искоренување на апсолутната сиромаштија. Домаќинставта кои живеат со помалку 1,9 долари на ден според паритетот на куповната моќ, е дефиниција за апсолутната сирмаштија.

Таа вели дека не станува збор за целосно елиминирање на сиромаштијата со оваа мерка и оти тоа се случува затоа што еден од условите е поставен преригидно.

„Условот за примање на социјалната пензија за брачниот или вонбрачниот партнер да нема никакви приходи е престрог и оневозможува постигнување на главната поставена цел на социјалната пензија, односно извлекување на овие лица од релативна сиромаштија“, вели Петрески.

Оттука, таа вели дека доколку целта е да се намали релативната сиромаштија, Владата може да размисли за благо олабавување на овој критериум. Но, исто така, таа напоменува дека во случај на олабавување на овој услов, треба да се направат проценки во поглед на фискалните импликации, и особено имајќи предвид дека со тоа мерката може да стане скапа, споредено со резултатите кои би ги произвела.

Како и да е, Законот за социјална сигурност на стари лица веќе стигна во Собранието, а за него наскоро треба да се гласа по скратена постапка.

Со него се предвидува социјалната пензија да изнесува 6000 денари месечно и еднаш годишно да се усогласува со трошоците за живот. Оние кои ќе добијат социјална пензија ќе имаат право и на надоместок за греење во висина од илјада денари од октомври до март. Со оваа мерка не се опфатени оние кои се во брак или пак живеат во брачна заедница, а нивниот партнер веќе ужива пензија или пак работи.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG